aethina t

Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

За внесувањето на малата кошничка бубачка во Италија постојат неколку теории. Најчесто споменуваната е онаа дека паразитот е внесен преку нелегално внесување на пчели од Африка во Италија. Според некои, бубачката е внесена при транспорт на увезено овошје од северно-африканските земји. Оваа втора теорија и не е невозможна ако се знае дека при еден експеримент е покажано дека малата кошничка бубачка живее, се развива и размножува и при услови на отсуство и недостаток на пчелно саќе, пчелно легло и пчелни производи, односно на одредено овошје, на цветови богати со нектар, па дури и на месо во распаѓање. Иако медот, поленот и саќето со легло нудат и пружаат најдобри услови за развој на бубачката, тие не се есенцијални за нејзиниот опстанок. Бананата, мангото, грозјето и уште неколку слатки овошја, нудат добри услови за опстанок на бубачката, доколку се најде во ситуација да биде лишена од својата претпочитана и идеална животна средина.

За потребите на експериментот, кој се изведувал на три локации, САД, Австралија и Јужноафриканска Република, возрасни единки и ларви на бубачката се ставени во пластични кутии во кои како медиум користени се парчиња банана, јагодки, парчиња саќе со полен и мед, говедско месо, грозје и манго. За испитување на способноста за опстанување на бубачката врз цветови и исхрана само со нивниот нектар и полен, користени се локални видови на медоносни растенија, сместени во саксии и населени со бубачки. Саксиите и цветовите се замотани во два слоја на мрежа, една покрупна и друга поситна.

При мерење на резултатите, во различни супстрати забележани се разлики во повеќе параметри. Така, во супстратот од банана забележани се најголем број на снесени јајца и изведени ларви во споредба со саќето со мед и јагодите. Но во споредба со бројот на јајца и ларви во саќето со пчелно легло и јајца (најомилената средина на бубачката) во инфицирана кошница, бројката на јајца и ларви во примерокот со банана е значително ниска.  Во примерокот со месо како единствен извор на храна за бубачката, забележани се многу мал број на снесени јајца и изведени ларви. Најголема смртност на возрасни бубачки е забележана кај грозјето и бананата, додека најдолговечни биле бубачките сместени во средина со саќе со полен и мед и манго. Во супстратите од манго и пчелни производи, бубачките преживеале дури 26 денови. Што се однесува до преживувањето на бубачката врз цветовите, смртта која кај сите бубачки населени на цветовите настапила до 14 ден од експериментот, покажува дека цветниот нектар и полен не се соодветна храна за неа, а цветовите не се средина која бубачката ја претпочита.

Ваквите сознанија покажуваат дека во отсуство на својата природна средина на паразитирање, малата кошничка бубачка преку алтернативни извори на храна и неприродни средини за нејзино размножување, успева да ја одржи својата популација за извесен временски период, сè до појавувањето на услови во кои може повторно нормално да паразитира. Можеби бројката на популацијата при алтернативното преживување значително ќе опадне, но и малиот број на возрасни единки при инвазија на едно пчелно семејство, за кусо време може да предизвика катастрофа на целиот пчеларник. Затоа, оваа способност за алтернативна исхрана на малата кошничка бубачка треба да се земе секогаш во предвид и истата сериозно да се разгледува.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

Погледни ги копчињата
Сокриј ги копчињата