IMG0184A

„Дрво мозок“ – многу полен, малку пчели

Дрвото мозок (Maclura pomifera) е листопадно дрво кое потекнува од Северна Америка. Името го добило поради изгледот на плодот кој личи на мозок. Коњско јаболко, мајмунска топка, Осаги јаболко, се имињата под кои уште може да се сретне ова дрво. Кај нас започнало да се сади во експериментални цели некаде во средината на 20-ти век. Расте до 12 метри во височина, а по целата површина е обраснато со цврсти и многу остри трња. Расте на сончеви и оцедливи места. Дрвната маса е многу квалитетна, цврста  и доста калорична при горење. Ова дрво во минатото имало широка лепеза на корисни функции. Успешно било користено како ограда за коралите и имотите. Се користело како добра заштита од ветар и ерозија. Племето Осаги, но и многу други домородечки индијански племиња, го користеле за изработка на лакови за лов. Минувале и по стотици километри за да го наберат, а доколку неможеле да дојдат до него, за еден лак од ова дрво, тргувале со еден добар коњ и едно ќебе. Има машки и женски цветови, распоредени на одделни дрвја. Цвета на крај од месец мај и почеток на јуни. Поленот е темно жолт до зелен и го има во изобилство. Во убави денови, ако се затресе гранка од ова дрво со цветови во полн цвет, може да се направи мала „димна завеса“ од полен. Иако дава доста полен, не може да се забележат голем број на пчели по цветовите. Можеби причината лежи во тоа што периодот на цветање на дрвото мозок се поклопува со цветањето на доста поатрактивни билки за пчелите. Во доцна есен, при топли денови, пчелите често знаат да се собираат и да шмукаат сок од паднатите плодови, кои веќе започнале да ферментираат. Плодот е доста атрактивен и потсетува на портокал, но ова дрво нема никаква блискост со портокалот. Плодот може да се јаде и не е опасен за човечкото здравје, но поради присуството на еден вид на млечно-леплив сок на база на латекс, воопшто не е вкусен и пријатен за јадење. Се смета дека плодот бил омилената храна на неколку изумрените видови како што се мамутите, гигантските мрзливци и мастодоните, а денес најчесто го јадат коњите и говедата, кај кои  постои опасност од задавување со овој плод. Ситните и многу на број семки исто така можат да се јадат од човекот, а истите се омилена храна и за верверичките. Постои мислење дека плодот содржи состојка која делува репелентно кон одредени инсекти, но ова дејство сеуште се докажува. Според некои, екстрактот од плодот и од семките е делотворно средство против разни видови на канцер, а помага и кај Алцхајмерова болест.IMG_20140521_170843

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

2 Коментари

  1. duki_gango02@hotmail.com'

    Imam 20 parcina od mozok drvo plodovi ,dali se jadat,i kako da gi prerabota

    • Здраво Дуле. Плодовите повеќе се користат за декорација, а многу ретко за човечка исхрана, но може да се најде по некој рецепт на интернет. Најчесто се јаде исечено помало парче на ден, ама повеќе го јадат за тераписки цели.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

Погледни ги копчињата
Сокриј ги копчињата