Медот се исплати и да го нема. Но за кого?

„ Расте цената на медот поради лошото време„. „Дождот ги испразни кошниците, се бара поскапување на медот“. „Поскапува медот, лошата сезона го зема данокот“. Вакви наслови се читаа последниве неколку месеци откако заврши сезоната на медобер кај нас. И не дека не е така, и не дека немаат право-што се однесува до лошото време. Но, од каде тоа дека кога медот го нема вреди злато и треба да е скап, а кога го има не е интересен и може да се продава по цена на два дволитарски ни малку здрави газирани сокови.

Медот е храна, медот е лек, медот е здравје. За едни начин на здрав живот, за други љубов, обврска и семејна егзистенција, а за трети можност за профит. Сите уживаат кога го има, но највеќе оние третите. Но, нив им одговара и да го нема. Е, токму тие ги иницираат и лансираат ваквите изјави. Знаејќи дека на неколку сезони со просечен медобер, следува понекоја скромна, следуваат изјави во стилот на оние горенаведените. Затоа, кога во некоја наредна пчеларска сезона времето ќе биде одлично, ќе нема кој да биде виновникот и во кого да се вперува прстот доколку некој пчелар напише повисока цена на својата тегла или барем ја задржи оваа сегашната. Пчеларите пак ќе го продаваат медот по онаа срамна цена, а профитерите ќе го откупуваат по уште посрамна. А временските услови и понатаму ќе ни ја „диктираат“ цената на медот.

Се додека не почне да се цени трудот на пчелите, работата на пчеларот, финалните пчелни производи и ангажирањето за тие производи правилно да се презентираат, на купувачот и на скромниот пчелар ќе им се сервираат вести од ваков тип. А се мора и треба да почне од пчеларот.

Никогаш кај нас не сме прочитале за тоа дека цената на медот е зголемена затоа што костенот во Македонија дава одлично ароматизиран мед, затоа што низ државава се собира неверојатно квалитетен шумски мед, затоа што ливадата кај нас го прави медот уникатен, затоа што уште имаме незагадени поледелство и овоштарство како извори на квалитетен мед, затоа што имаме умешен пчелар итн. Се додека ова стратегија на манипулаторите полека не бива препознавана и отфрлана од пчеларите, доброто и лошото време, а не квалитетните пашни услови, вредната македонска пчела и трудољубивиот пчелар, ќе бидат критериум за одредување на цената на медот кај нас.

„Освен парите, нема ништо послатко од медот“-рекол Бенџамин Френклин, поранешен државник, научник, философ, писател, изумител, дипломат, графичар и др. Штета. Не бил пчелар.

Горан Алексовски

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.