matica3

Оценување на квалитетот на матицата

Матицата е најбитниот дел од пчелното семејство. Во зависност од условите, во активна сезона таа може дневно да снесе и над 1500 јајца. Колку повеќе јајца снесува, толку повеќе е јако и продуктивно нејзиното семејство. Матицата обично живее 5, па дури и повеќе години, но несењето значајно се намалува после втората или третата година. Со цел да го сочуваат семејството силно, многу пчелари ја менуваат матицата секоја втора или трета година. Со стареењето, матицата го троши количеството на внесени сперматозоиди при оплодувањето и постои можност да почне со несење на неоплодени јајца од кои подоцна ќе се изведат голем број на трутови. Таквата матица се вика трутовска матица. Но во вакви случаи (стара и истрошена матица, болна матица, трутовска матица, оштетена матица) најчесто пчелите самите интервенираат и почнуваат со постапка за елиминирање на непожелната матица и изведување на нова матица, со што не дозволуваат опстанокот на семејството да биде доведен во опасност. Понекогаш, поради различни причини се случува матицата да потфрли токму во делот од сезоната кога пчеларот најмалку посакува и најмалку се надева на тоа. Меѓу тие причини се наоѓа и лошата проценка на особините на матицата. За да ја намали или елиминира појавата на вакви несакани ситуации, пчеларот мора постојано да ги следи нејзината активност, продуктивност, кондиција, шема на несење, конституција, однесување и други особини.

Конституциски, една добра, здрава матица се одликува со сјаен граден дел, долг стомак зашилен на крајот, без оштетени екстремитети, крилца или антени. Но нејзиниот надворешен изглед, не е секогаш гаранција и одраз на нејзината репродуктивна способност. Преку следењето на нејзините перформанси, односно способноста за несење и карактеристиките на нејзиното потомство, најдобро се проценува колку една матица е квалитетна.

Посакувана конституција на една матица

Посакувана конституција на една матица

Шемата на несење е битна карактеристика при оценување на квалитетот на матицата. Едноличен, компактен и густ распоред на снесените јајца, ларви или затворено легло низ саќето, се показател за добра и квалитетна матица. Висока оценка се дава на матицата кај која 95% од ќелиите од саќето на рамката содржат легло, а околу 5% од ќелиите се празни. Добра матица исполнува со легло најмалку 6 до 9 рамки од кои најслабо занесената рамка треба да биде исполнета најмалку 2/3 од својот капацитет. Кај рамките во семејства со добра матица, изгледот на леглото распоредено во различни возрасни стадиуми има сферична или овална форма.

Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица

Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица

Количински малку, а при тоа уште и расфрлано, нееднакво и неправилно разместено легло е знак за неквалитетна матица. Празните ќелии помеѓу леглото или незанесениот простор на саќето, укажуваат на истрошена матица или заболена матица која веќе не несе или пак можеби снесува јајца но поради присуството на одредена болест или некоја друга причина, пчелите ги чистат и исфрлаат од ќелиите. За појавата на шареноликост и отсуство на леглото, можат да бидат виновни повеќе фактори:

  • болест-најчесто американски гнилеж, европски гнилеж или варовно легло, кај кои пчелите ги отстрануваат заболените ларви, при што лесно може да се забележи отсуството на легло и неговата компактност;
  • оплодување во крвно сродство (инбридинг)-кога матицата е оплодена од трутови од сопствената кошница од која и таа самата е изведена, при што можни се нарушувања во процесот на несење на јајца и во квалитетот на снесените јајца;
  • труење со пестициди;
  • недостаток на полен и нектар во семејството;
  • блокираност на матицата кога во периоди на лачење на нектар и полен во големи количини, поради исполнетост на ќелиите со складирана храна, матицата е оневозможена да несе каде што таа сака, туку каде што ќе најде слободно место.
Саќе занесено од неквалитетна матица

Саќе занесено од неквалитетна матица

Стапката на несивост е уште еден битен фактор при оценување на матицата. Тоа е односот помеѓу снесените јајца и отвореното и затвореното легло во саќето. Кога матицата започнува со зголемување на несењето, односот помеѓу снесените јајца и запечатеното и отворено легло изнесува 1,5:1. Ако односот е 1:1,5 тоа е индикација за намалување на несивоста, а ако односот е 1:3 во корист на затвореното и незатвореното легло, тоа е знак за драстично и брзо намалување на несивоста.

Оценување на квалитетот на матицата преку нејзиното потомство се прави врз основа на одбранбеното однесување на пчелите при манипулација, медопродуктивноста, роевиот нагон, отпорноста на болести и некои други особини.

Ова е многу значајно за пчеларите почетници, за кои ресурсите и генетиката кои ги нудат малиот број на семејства со кои започнале да пчеларат, се единствениот избор и извор на материјал за производство на матици и проширување на пчеларникот.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

Погледни ги копчињата
Сокриј ги копчињата