sipka

Справување со големата сипка на пчеларникот

Големата сипка (Parus major) е широко распространета во нашава држава, како во природата и руралните подрачја, така и во урбаните и градски средини. Најчесто живее во дупки од дрвја, во стари напуштени објекти, а лесно прифаќа и куќички за птици поставени од човекот. Поради својот изглед и карактеристичната обоеност на пердувите, сипката лесно се препознава. Главата и вратот се црни, на образите има полиња со бели пердуви, градите и стомакот се жолти, а по целата нивна должина од вратот до задниот дел се протега црно обоена линија. Грбот и крилата се маслинесто зелени и со темно сини и сиви нијанси, а опашот е сино-сив со бела боја на крајот на пердувите. Се храни претежно со инсекти, а најчесто тоа се скакулци, бумбари, пчели, оси, пајаци, но кога има извори на храна како разни мекотели, се храни и со нив. Во одредени делови од Европа откриено е дека големата сипка, во услови на недостиг на храна, развила способност да лови и да се храни со лилјаците кои хибернирале во пештерите. Карактеристично за овие птици е тоа што тие многу брзо учат. Доколку некоја единка развие и научи одредена способност или однесување, таквата одлика за кусо време ќе биде раширена низ локалната популација на големите сипки.

Големата сипка на пчеларникот се појавува во зима, при услови кога нема други извори храна, но може да се види и на пролет, кога најчесто страдаат матиците враќајќи се од „свадбениот лет“. Кога се работи за напад на кошницата со цел да се дојде до храна, сипката развила посебна стратегија. Таа застанува на полеталката и тропајќи со клунот по кошницата, ги принудува пчелите да се појават на летото и полетувалката. Тогаш тие стануваат лесен плен за грабливецот. Кога неколку единки или јато на сипки ќе се навикнат на пчеларникот како лесен извор на храна, тешко можат да се одвикнат сè додека не интервенира пчеларот.

Разните светлечки ленти и материјали и плашила, кои се ефективни кај другите птици кои го напаѓаат пчеларникот, кај сипките не се покажале како успешни решенија. Штом се забележи напад на сипки, најчесто на пчеларникот се поставуваат поголеми парчиња кожа изделкани од сушена сланина, со цел клукањето на цврстата кожа да го сврти вниманието на сипките од пчелите за одредено време, може да се стават стапици за ловење на глувци кои не ги убиваат туку само заробуваат птиците, се пука во воздух или се плашат со пукање на петарди и потребно е пчеларот да е почесто присутен на пчеларникот. Кога со примена на одреден метод сипките ќе бидат исплашени и растерани, информацијата дека пчеларникот не е безбедна локација за нив ќе се прошири низ популацијата на сипки, па извесен период пчеларникот ќе биде во мир. Поради значењето и користа на овие птици за екологијата и животната средина, застрелување и убивање на било кој начин е забрането и не доаѓа во предвид.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

Погледни ги копчињата
Сокриј ги копчињата