Чистиот парафин во восочните основи не е закана по пчелите

Градењето на саќе е едно од основните обележја на медоносните пчели и многу битно за развојот на пчелните друштва. Саќето е неопходно за одгледување на потомството и за складирање на храната. Редовното менување на саќето е составен дел од добрата пчеларска пракса. Оваа постапка ги подобрува хигиенските услови во кошницата што е неопходно за здрави пчелни семејства. Старото саќе често може да содржи патогени и да претставува извор на инфекции. Исто така може да содржи и остатоци од хемиските препарати користени во борба против вароата или остатоци на токсични пестициди користени во земјоделството, а внесени од пчелите при процесот на собирање на храна. Замената на старото саќе се врши со нови восочни основи кои би требало да бидат изградени од чист восок. Но често пчеларите се сведоци на неправилно изградени восочни основи, одбивање на пчелите да го градат саќето на основите, делумно или бавно градење на основите, што е причина за забавување на развојот на пчелните семејства, пропуштање на одредени медоносни паши и економски трошоци. Главната причина за овие појави, според пчеларите е лошиот состав на материјалот од кој се изградени восочните основи, а сè со цел одредени производители да остварат поголем профит. Содржината која освен восокот како неопходна суровина за изработка на основите, вклучува и разни растителни восоци, восоци и парафини од нафтената индустрија, стеарин и сл. Од ваквите состојки, парафинот помеѓу пчеларите важи како најнепожелна супстанција во восочните основи. Но колку навистина парафинот содржан во восочните основи влијае врз градењето на саќето и развојот на пчелното семејство?

За испитување на влијанието на восочните основи збогатени со парафин врз пчелите, Одделот за пчеларство при Институтот за земјоделство во Пулави, Полска, спровел двегодишен експеримент од 2010 до 2011 година. За потребите на експериментот биле изработени сатни основи од чист восок и восок помешан со парафин во однос од 10%, 30% и 50%. Матиците сместени на изолатори од по три рамки на кои на половина од рамките биле поставени контролни основи направени од чист восок, а на другите половини основи со наведениот процент на парафин, биле поставени во 7 експериментални класични Дадант-Блатови сандаци. Во експериментот биле набљудувани неколку параметри: брзина на градење на основите, зафатнина на леглото и развој на леглото и изведување на млади пчели.

Се покажало дека не постои некоја разлика во однос на динамиката на градење на различните восочни основи. Саќето било градено со приближна динамика, а ќелиите биле правилно градени и со вообичаените димензии.

графикон

Динамика на градење на саќето

Што се однесува до површината на леглото (отворено и затворено легло) и овде не биле забележани големи разлики. Матицата подеднакво ги занесувала сите ќелии од саќето со различен состав.

графикон2

Површина на саќе со легло (отворено и затворено)

Подоцна кога почнало изведување на младите пчели, не се забележани никакви нарушувања на овој процес. Немало никаква смртност, ниту било какви аномалии кај новоизведените пчели.

графикон3

Површина на саќе од кое се извеле пчели работнички

Според некои автори веќе било познато дека пчелите без никаков проблем толерираат и над 40% парафин во восочните основи, а експериментот на Институтот во Пулави само го потврдува тоа. Но од институтот наведуваат дека нивниот научен труд го потврдува нештетното влијание само на чистиот технички парафин (LTP 56/25) кој бил користен за целите на експериментот и дека ги исклучуваат дејствата на останатите парафини со разни хемиски состави и чистота, кои можат да се најдат во промет и чии ефекти врз пчелите се непознати.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.