Интервју со Горан Алексовски, основач и уредник на medno.mk

Со цел да Ви ги откриеме замислата и идејата на медно.мк, накратко разговараме со Горан Алексовски, дипломиран земјоделски инженер, пчелар и главен уредник на овој портал посветен на пчеларството.

Kоја е причината за ваквата одлука да се реализира токму пчеларски портал?

Г.А. Пчеларењето е мое хоби. Секогаш кога имам слободно време читам пчеларска литература и посетувам интернет страни со пчеларска содржина. Но многу малку од нив се македонски. Македонските веб страни за пчеларство можат да се пребројат на прсти. Дел од нив се поактивни, но има и такви на кои веќе подолго време не може да се прочита ништо ново и не нудат корисни и интересни информации, пред се за македонскиот пчелар, а потоа и за сите заинтересирани за пчеларството и пчелните производи. Ова беше причината, а воедно и предизвик за мене да се впуштам во еден ваков проект.

Кому му е наменет медно?

Г.А. Содржините на медно.мк се наменети за сите кои го сакаат пчеларството, корисниците на пчелните производи, љубителите на природата. Секој добронамерен посетител е добредојден.

Какви содржини ќе преовладуваат на медно?

Г.А. Замислата е медно.мк да биде медиум од забавен-информативно, едукативен и интерактивен карактер. Сè она што е ново и актуелно во светот на пчелите и пчеларењето ќе биде презентирано на медно.мк. Ќе бидат третирани теми поврзани со болестите кај пчелите, предвидени се содржини за пчелните производи и нивното големо значење, билките во природата со своето медоносно значење и воопшто како лековити билки за човекот и многу други содржини. Тука е делот каде секој пчелар слободно ќе може да го изрази својот став, критика и мислење преку колумна или писмо, а одвреме навреме предвидени се интервјуа со луѓе кои значат нешто во македонското и светското пчеларство, со кои ќе се разговара за теми кои го засегаат пчеларството. Во целина, медно.мк би бил комплетен пчеларски е-магазин.

Рековте дека дел од македонските пчеларски интернет страни се неинтересни за посетување. Зошто сметате дека порталот медно.мк би бил имун на оваа појава?

Г.А. Во светот, а особено кај нас, поради самиот карактер на пчеларството не излегуваат премногу информации, вести и новости, особено на дневно ниво. Не очекувам дека на медно.мк ќе се објавуваат по десетици новини на ден, но би требало да има онолку колку што е доволно за да се привлече вниманието на посетителот, а при тоа истиот да прочита и можеби научи нешто ново, спореди туѓи искуства и слушне нечиј став. Не би сакал медно.мк да се споредува со други пчеларски интернет страни, бидејќи секој си има своја политика, визија и начин на работење.

Значи ли тоа дека не Ве интересираат вашите конкуренти?

Г.А. Не се согласувам. Медно.мк воопшто не е конкурентски насочен медиум. Со задоволство ги читам сите наши пчеларски веб страни и би сакал да ги има уште многу. Имаме искусни пчелари кои знаат и можат да напишат и споделат вредни искуства. Имаме и млади пчелари кои би требало дел од своите сили да насочат кон вакви или слични проекти, а сè во функција на едукација, размена на знаења и искуства и кревање на македонското пчеларство на повисоко ниво.

Каков прием очекувате да има медно.мк од посетителите?

Г.А. Јас мислам и верувам дека медно.мк секогаш би бил посетуван со задоволство.

Која би била вашата порака до посетителите?

Г.А. Своевремено на мојот блог medno.wordpress напишав куса порака со поздрав за посетителите. Пораката е иста, времињата се поинакви, предизвикот е поголем.  Додадете го медно.мк во обележувачите во вашиот пребарувач, затоа што времето поминато таму никогаш нема да е напразно.

 

Подготвил: А. Б.

Cheap Live Sex