Инфицирање со вирусот на деформирани крила и преку поленот

Вирусот на деформирани крила е еден од најпатогените вируси кај пчелите. Тој има големо учество во загубите на пчелните семејства. Вирусот припаѓа на типот Iflavirus. Прв пат е изолиран во Јапонија во 1982 година, а по неговото откривање неговото присуство е регистрирано низ целиот свет. Познато е дека вирусот се пренесува вертикално и дека може да биде присутен во едно семејство, но да се активира кога ќе се развијат поволни услови за тоа. Предизвикува оштетување на крилцата на пчелите, пореметување во развојот на абдоменот кај пчелите и прерана смрт, што доведува до пропаѓање на пчелното семејство. Појавата на вирусот на деформирани крила е тесно поврзана со заразеноста на семејството со Varroa destructor. Крлежите освен што имаат способност за реплицирање на вирусот во огромни количини, имаат и улога во активирање на вирусната инфекција преку ослабување на имунитетот на пчелното семејството.

Вирусот на деформирани крила е детектиран во многу пчелни производи како што се пергата, медот, матичниот млеч, што покажува дека постои и хоризонтален пат на пренесување на заразата, односно ифицирање по пат на хранење и трофилакса. Група на научници од Универзитетот во Пиза, Италија, преку својата студија докажа дека внесување на вирусот на деформирани крила во пчелното семејство, освен преку крлежите може да се направи и преку поленот собран од пчелите излетнички и на тој начин вирусот да се внесе во пчелно семејство неинфицирано со вирус и очистено од крлежи. Ваквиот инфективен полен станува контаминирана храна за пчелното семејство. Научниците експериментално докажале дека со хранењето на незаразените јајца и ларви со заразена храна се добиваат инфицирани пчели со телесни деформитети и со слаб телесен развој. Во експериментот е докажано дека заразените пчелите при собирање на полен, истовремено вршат и контаминација на цветот, па така несобраниот полен станува инфективен материјал за другите незаразени пчели и пчелни семејства. Сеуште не е докажан начинот на кој пчелите го контаминираат поленот. Научниците сметаат дека причина за тоа е фецесирањето на пчелите врз цветот во текот на собирањето на полен.

Според истражувачите, ова е многу значајно откритие за пчеларството. Ширењето на вирусот на деформирани крила преку поленот, може да има значително влијание врз исчезнувањето на пчелните семејства за кои се сметало дека се незаразени со вируси и успешно третирани од крлежи.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.