„И ние пчели за трка имаме“

Нашата држава е една од малкуте земји во светот, кои можат да се пофалат со целосна територијална покриеност од локален и автохтон подвид на пчели. Македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), освен на целата површина на Македонија, ја има и во северна Грција, делови од Бугарија, дел од Србија, Украина и Романија. Детерминирана е од Фридрих Рутнер, кој во 1988 година ја определил територијалната распространетост на овој подвид и покажал дека A.m.macedonica јасно се разликува од грчката (A.m.cecropia), крањската (A.m.carnica) и останатите европски подвидови на медоносни пчели. Во тоа време бугарските и романските пчеларски научници не можеле да се помират и да ја прифатат оваа одлука на Рутнер, сметајќи дека тие имаат свој подвид на пчели. Така Бугарите македонската пчела ја именувале A.m.rodopica, а Романците A.m.carpatica. Денес, називот A.m.macedonica е прифатен и за нивните автохтони пчели, па овие принудни називи скоро и да не се користат.

Уште пред повеќе од 2000 години, Аристотел забележал дека посветлата пчела (македоника) е поблагородна, повитална и помирна од потемната локална пчела (секропија). Многу години подоцна во Р. Македонија, експериментот на групата COLOSS го потврдил тврдењето на Аристотел. Докажано е дека оваа пчела има слаба до умерена одбранбена способност и дека при работа со неа понекогаш е потребна пчеларска капа. Се смета дека мирниот темперамент е поради блиската роднинска врска на македонската и крањската пчела.

Морфолошки, невозможно е да се забележи разлика помеѓу крањската и македонската пчела. Единствено, понекогаш жолтата пегавост на стомачните прстенчиња може да посочува на разлика помеѓу подвидовите, но тоа не може да се смета како релевантен споредбен фактор. Нема некоја поголема разлика во бојата кај пчелите работнички, трутовите и матиците, па понекогаш претставува проблем да се најде матицата доколку таа не е обележана. Телото на македонската пчела е прекриено со кратки и задебелени влакненца. Крилцата се куси, нозете се долги, трупот е тенок и релативно долг, со просечна должина од 6,5 mm. Има добро развиено јазиче, пчелите се добри летачи и можат да летаат по храна на поголема оддалеченост, поради што се сметаат за вредни и добри работници. Трутовите се нешто помали од оние кај крањската пчела.

Имаат тенденција кон роење, при што ја искористуваат првата прилика пружена од пчеларот, за да се изројат. Во фазата на роидбен нагон, градат неверојатно многу матичници. Се смета дека причината за изразениот роидбен нагон е тоа што со векови наназад се одгледувале во просторно ограничените традиционални плетени трмки или кошари. Македонската пчела собира големи количини на прополис, што ја прави одлична за пчеларите насочени кон производство на овој пчелин производ, но изразеноста на оваа особина понекогаш ја отежнува работата во кошницата поради прополизираните и споени рамки и делови од кошницата. Со медобер почнува уште во рана пролет и произведува специфичен мед за овој подвид, со посебен и уникатен квалитет. Просечната медопродукција засега изнесува 17 кг. Ретко покажува афинитет кон грабеж. Македонската пчела е доста економична. Во текот на презимувањето, според мерењата на Доц. Д-р Узунов, троши околу 8 кг храна, односно околу 50 грама мед дневно. Лесно презимува и почнува со развој многу рано. Леглото е доста компактно. Отпорна е на болести на леглото, а испитувањата правени во Англија, Германија и Австрија во региони со висока заразеност на ноземоза, покажале дека македонската пчела добро презимува и покажува изразена отпорност кон ноземата.

Моментно, во државава постојат неколку здруженија и институции кои работат на испитување, конзервирање и подобрување на македонската пчела. Истите со гордост ја промовираат и прават обиди за нејзина популаризација низ светот, затоа што да се има ваков автохтон генетски потенцијал, воопшто не е мала и незначајна работа.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.