Мала кошничка бубачка

На 11 септември 2014, Националниот центар за пчеларство при Институтот за зоологија во Венеција, потврди дека е детектирано присуството на малата кошничка бубачка во Италија. Веста брзо ја потресе пчеларската јавност во Италија и Европа, предизвикувајќи загриженост кај пчеларите затоа што мора да вклучат уште еден паразит во листата на активни непријатели на пчелите. Колку сме запознаени со овој паразит?

Малата кошничка бубачка Aethina tumida (SHB) е инвазивен паразит кај пчелите. Потекнува од Суб-Сахарска Африка. Бубачките се раширени скоро по сите кошници во нивниот матичен крај, но таму скоро и да не се сметаат за некоја посериозна закана по пчелите. Бубачките се 5-7 мм долги, 3-4 мм широки, имаат овална до издолжена форма и прекриени се со фини влакненца, но нивната големина и изглед често можат да варираат помеѓу популацијата. Најчесто, по раѓањето имаат светла боја, а подоцна со растењето добиваат кафеава боја. Кога процесот на растење завршува и стануваат зрели единки, добиваат црна боја на телото. Телото им е поделено на три дела: глава, на која се наоѓаат две антени, гради  и стомак, кој одозгора делумно е прекриен со еден пар крила. Имаат три пара на нозе кои им овозможуваат прилично брзо движење. Возрасните единки набљудувани во кошницата можат да се видат само одозгора, со збиен труп на кој не можат да се забележат нивните антени и нозете.

02_FAI_Aethina_tumida

Развојот им се состои од три циклуси: јајце, ларва и нимфа. Јајцата се слични на оние на пчелната матица, но нешто помали. Имаат бисерно бела до проѕирна боја, широки се 0,29 милиметри, а долги 1,4 милиметри. Женките  ги несат јајцата во пукнатините на кошницата, на дното по празното саќе, па дури и врз ќелиите со полен и пчелно легло. Женките можат дури и да го прегризаат капачето со кое е запечатена ќелијата и внатре да снесат јајца. Јајцата, обично се снесени без ред и се расфрлани во групи. Една женка несе до 1000 јајца во текот на животот.

03_FAI_Aethina_tumida

За 4 дена од јајцата излегуваат ларви кои вееднаш се хранат со медот, поленот и пчелното легло. Ларвите се слични со ларвите на восочниот молец и можат да се распознаат по боцките распоредени долж целиот грб и трите пара на нозе на предниот дел. Ларвите на восочниот молец немаат боцки и имаат 3 пара нозе на предниот дел и 4 пара на куси и неразвиени нозе на задниот дел од телото. Ларвите на кошничката бубачка имаат кремасто до бледо златна боја. За 10-16 дена ларвите излегуваат надвор од кошницата во форма на кукла, каде се доразвиваат. Најчесто се закопуваат во земјата и тоа на растојание најмногу до 180 цм од кошницата од која излегле. Остануваат 3-4 недели во земја на длабочина до 10 цм, а потоа како возрасни единки напаѓаат други кошници, водејќи се по многу добро развиеното чувство за мирис.

04_FAI_Aethina_tumida07_FAI_Aethina_tumida

Возрасните единки се многу добри летачи и можат да се рашират на други семејства многу лесно. Способни се да летаат со излезените роеви и да ги следат до нивното ново живеалиште. Животниот век им трае 6 месеци, а за една сезона во пчелното семејство можат да созреат неколку генерации на бубачки. Престануваат со репродукција во текот на зимата, која возрасните единки ја поминуваат веднаш покрај пчелното клубе.

Пчелите не се способни сами да ги исфрлат возрасните бубачки од кошницата, а нивниот цврст оклоп е отпорен на пчелните убоди. Често пчелите ги втеруваат бубачките во тесните делови од кошницата и нејзините пукнатини, мислејќи дека таму ќе ги изолираат и заробат. Но бубачките имаат добро развиена способност да ги користат своите антени со кои многу вешто глумат трутови кои молат за храна од своите пчели чувари. На овој начин пчелите чувари многу лесно се измамени и ги хранат своите заробеници. На овој начин бубачките можат да преживеат долг период во заробеништво.

Кога бубачките ќе снесат многу јајца низ саќето со мед и легло, медот станува воденаст, лигав и растопен. За разлика од молецот, бубачките не прават пајажинести ходници по саќето. При преголема дефекација низ саќето со мед, на саќето се развиваат мувли, медот ферментира, се расипува и растекува по целото саќе, што може да предизвика матицата да престане со несење и да дојде до пропаѓање на семејството.

06_FAI_Aethina_tumida

Најзагрозени се слабите семејства, но дури и силните друштва не успеваат да се одбранат од нападите на бубачката. Нуклеусите па дури и оплодниците се исто така мета на бубачката. Доколку рамките со мед се извадат од кошниците и се остават на одложено време за цедење во пчеларската куќичка, лесно може да бидат нападнати од бубачката. Медот во кој има фекалии од бубачката, а е центрифугиран, доколку се даде на пчелите тие ќе го одбиваат, а поради вкусот не е добар ни за човечка исхрана, па затоа не треба да се меша со друг мед.

Дијагнозата за инфекција од бубачката се поставува врз основа на визуелен преглед на саќето, пукнатините на кошницата и најтемните и најнедостапни места во неа. При подигањето на поклопната даска, на нејзината долна страна можат да се забележат бубачките како трчаат. Можат да се видат и на рамконосачите и на површината од саќето. Бубачката не поднесува светлина и тоа е еден од најлесните начини за докажување на нејзиното присуство. Ако сакаме да провериме дали има бубачки во спратовите, се превртува капакот од кошницата и се става на земја. Врз него се става спратот и се продолжува со вообичаените активности и работа на пониските спратчиња на истата или на нова кошница. За десетина минути, се крева спратот и доколку има бубачки тие ќе се забележат како трчаат по капакот, барајќи заштита од светлината. Друг метод е кога во задниот дел од кошницата на подот ќе се стават парчиња дебел картон на кој ќе му се искине едниот слој хартија (да останат само ребрата). Бубачките, криејќи се од пчелите влегуваат во шуплините и лесно ќе можат да се забележат.

Доколку постои сомневање за присуство на бубачката на пчеларникот, потребно е да се известат надлежните служби или примерок од сомнителните бубачки, ларви или содржина да се стави во алкохол или стерилен сад и да се однесат во надлежна лабораторија.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.