Пчелите и зимскиот солстициум

Зимскиот солстициум или зимската краткодневница го означува времето од годината кога ноќта е најдолга, а денот најкраток. Тогаш дневната максимална сончева височина на небото е на најниско можно ниво.  На северната хемисфера тогаш настапува и зимата. Оваа година таа настапува на 22 декември во 00.03 часот.

Веднаш по зимскиот солстициум,  денот почнува незабележително да расте сè до пристигнувањето на пролетта.

Зимскиот солстициум е битен и значаен за пчелите и има влијание врз развојот на пчелното семејство. Многу пчелари овој настан го сметаат за пчеларска нова година или почеток на новата пчеларска сезона.

И покрај мракот во кошницата и невозможноста на матицата да го забележи зголемувањето на дневната светлина, таа на одреден начин инстинктивно го чувствува доаѓањето на зимската крактодневница. Краткодневницата е еден од првите знаци за матицата, дека таа треба да започне една од најбитните нејзини активности поврзани со опстанокот на семејството-несење на јајца. Кратко по солстициумот, обично по неколку денови или една до две недели, семејството ја крева температурата на зимското клопче на околу 35°C, оптималната температура за одгледување на нови пчели. Кога семејството ќе ја достигне саканата температура, матицата ќе започне со несење на мал број на јајца, користејќи ги за тоа испразнетите ќелии со мед кој бил потрошен во изминатиот период. На почеток, количината на јајца е мала, со помалку од 100 занесени ќелии, но со наближување на пролетта бројот на снесени јајца постепено се зголемува. Овој процес оди бавно поради тоа што за достигнување на потребната температура пчелите трошат многу повеќе храна, за разлика од состојбата на мирување во зимското клопче. Со пообилно конзумирање на храна, пчелите се во состојба преку движење на своите мускули да генерираат температура и над 35°C. Матицата и снесените јајца постојано се наоѓаат во центарот на топлото клопче, заштитени од студот, додека пчелите работнички постојано ја ротираат својата местоположба, со цел да не дојде до нивно премрзнување.

Препорачливо е, особено за понеискусните пчелари, краток период по зимскиот солстициум, во моменти на убаво време да ги проверат залихите на храна во кошницата, односно дали клопчето со пчели излегло на долниот дел од поклопната даска. Ако се забележи такво нешто, потребно е веднаш да се интервенира со хранење на таквите семејства.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.