Селидбено пчеларење на пловечки пчеларник

Со 40 кошници сместени на кровот на својот брод, германскиот пчелар Франк Георге постојано пчелари селидбено на езерата во околината на Вердер, Германија. Опуштено седнат на палубата на своето бродче, со кренати нозе и повремено рибарење, 57 годишниот инженер ужива во убавините на езерата очекувајќи пчелите да донесат солидни приходи од пашата во чија близина тој се закотвил. Веќе пет години Франк пчелари на овој начин. Вели дека идејата за изградбата на пчеларскиот брод дошла сосема случајно. „Седнати покрај еден стар товарен брод, со еден мој пријател разговаравме за природата, пчелите и одеднаш ни дојде идејата да изградиме брод во стар англиски стил, кој би имал кујна, дневна и спална соба, а чиј кров би бил претворен во пчеларник. Набргу тоа стана реалност“-вели пчеларот. Бродот е конструиран целосно да одговори на барањата на пчеларството преку многу адаптации и специјални додатоци. Изграден е специјален елеватор за спуштање на тешките медишта и спратови од кровот до подпалубскиот простор каде се наоѓа соба со линија за центрифугирање на медот, како и просторија за негово складирање. Изградена е и мала столарска работилница во која Франк ги поправа старите кошници, работи на рамките и врши разни други обврски околу пчеларскиот инвентар. На бродот е монтиран и соларен систем.

brod pcelarnik2

Во потрага по нектар за своите пчели, Франк во пловење поминува повеќе недели. Од почетокот на мај до средината на јули. Постојан придружник на селидбените патувања му е неговата сопруга Керстин. „Сето ова е многу релаксирачки за мене. Истовремено сум и на вода и во преубава природа, уживам покрај пчелите, но најважно од се е што сум покрај мојот сопруг“-вели Керстин.

brod pcelarnik 3

Поради природата на пчелите и нивната способност за стационарно ориентирање, селењето на пчелите мора да го прави преку ноќ. Патувањето ноќе, во мрак, иако со брзина од околу 5 километри на час, според Франк е најголемата опасност при овој начин на пчеларење. Наутро пчелите излетуваат и за кусо време се приспособуваат на новата околина. Пчеларот, а истовремено и капетан вели дека токму после ориентирањето, вистинско уживање е да се гледа работењето на пчелите. Работата на Франк се состои од сите оние вообичаени пчеларски операции на било кој друг пчеларник. Единствена битна работа, која ја нема кај пчеларењето на копно е тоа што треба бродот да биде добро закотвен, бидејќи и најмало поместување од еден метар може да предизвика дезориентација на пчелите, залетување на кошниците, па дури и давење на дел од излетничките полни и тешки од скапоцениот товар. Што се однесува до пчелната паша, пчеларскиот брод не треба да поминува некоја огромна километража. Површините со маслодајна репка, багрем, липа, сончоглед и уште неколку медоносни култури иако се распоредени и лоцирани покрај бреговите на повеќе езера во регионот на Вердер, преку одличната поврзаност со канали и развиената пловна мрежа и инфраструктура се лесно достапни за пчелите на капетан Франк.

brod pcelarnik 4

Пласманот на медот воопшто не претставува проблем за Франк. Ваквиот начин на пчеларење влијае позитивно за маркетингот на неговите производи. Природниот мед кој го продава под називите „од бродот на пчелите“ и „од островот на медот“ постојано наоѓа свои купувачи во Вердер.

Целата заслуга за пловечките пчеларници ја имаат старите Египќани кои уште пред илјадници години го развиле и практикувале овој начин на пчеларење покрај бреговите на Нил. Во 40-тите и 50-тите години на минатиот век, Русите повторно го активирале овој начин на пчеларење, а примерот со германскиот пчелар покажува дека и покрај многубројните новитети, модерни иновации и современи техники во пчеларството, понекогаш тајната за успех треба да се побара во старите искуства и практики користени многу години наназад.

Извор

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.