Автоматски дозатор на сируп-луксуз, потреба и чекор напред

Идејата за конструирање на автоматскиот дозатор на сируп наменет за пчеларникот, произлегува од потребата за соодветно, навремено и често прихранување на пчелните семејства во текот на годината, што за пчеларите, а особено оние со поголем број на друштва, претставува сложена обврска, која бара постојаност, присутност, време, работна сила и сл. Периодот на конструкција на дозаторот, според инвенторот, траел 2,5 години, период во кој е направено сè за да се елиминираат сите недостатоци и слабости на овој изум.

Дозаторот е сместен во маска изработена налик на кошница. Во долниот спрат се наоѓаат пумпата, батеријата од 12V поврзана со соларен панел, еден или два вентили (зависно од бројот на кошници, 50 или 100) и програматорот (компјутер). Во горниот спрат е сместен резервоарот во вид на вреќа изработена од пластика. На капакот се монтирани соларниот панел и инвертерот. Со дозаторот доаѓа пластично црево (16 mm) во должина од 50 метри, филтер за прочистување на сирупот како и разни пластични додатоци, разделници, батерија за програматорот и комплетно упатство за инсталирање и работа.

Дозаторот обезбедува:

  • Навремена и прецизна дневна прихрана на пчелите со сируп, што за многу пчелари е потешкотија. Нема задимување на пчелите, кревање на капаци или отварање на друштвата и нема вознемирување на пчелите.
  • Заштеда на време кое може да се искористи за други пчеларски операции и обврски.
  • Заштеда на средства затоа што нема најмување или ангажирање на дополнителна работна сила, затоа што системот автоматски ја полни хранилката.

Кога се користи дозаторот:

  • При дневно стимулативно прихранување кога во одреден период од денот потребно е да се дадат околу 100 до 200 ml сируп.
  • При надополнување на резервите со храна, на пример во есенскиот период.
  • Во случаи на превентивни третмани на пчелите од одредени заболувања.
  • При одржување на друштвата во посакувана кондиција за искористување на одредена пчелна паша.

Соларниот панел и батеријата овозможуваат долготрајна автономија на уредот (повеќе месеци). Дозаторот нуди можност и опции за испорака на сируп во различни концентрации (1:1, 2:1 итн.). Исто така постои можност на една или повеќе кошници да се испорача посакувана количина на сируп различна од останатите и така друштвата да се доведат во изедначена јачина. Уште една добра опција која ја има дозаторот е што во неговиот резервоар може да се додаваат разни додатоци (витамини, тимол и сл.) поради најразлични потреби. Дозаторот има можност и за надградба и проширување на резервоарот. Надворешниот дизајн на дозаторот спречува негово издвојување од останатите кошници и ја елиминира или сведува на минимум можноста да биде украден. Едноставно, само треба да се обои маската во облик на кошница со боја иста како онаа на кошниците на пчеларникот.

Повеќе информации на: geoplants@gmail.com (Георгијадис Костас, Грција)

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*