Популарниот цитат на Алберт Ајнштајн „Ако пчелите исчезнат од површината на земјата тогаш човекот би имал уште само 4 години живот. Нема да има пчели, нема да има опрашување, нема да има растенија, нема да има животни, нема да го има и човекот“, кој има и втора верзија „Ако пчелите исчезнат, човекот нема да има повеќе од 4 години опстанок“, за некои луѓе претставува причина за скептицизам и сомневање дали славниот физичар навистина го рекол тоа.
Интернет страната www.quoteinvestigator.com која ги проучува изјавите и цитатите на познатите личности, потврдувајќи ја нивната автентичност, длабоко навлегува во потеклото и веродостојноста на популарниот цитат на Ајнштајн. Проучувајќи ги сите изјави во врска со пчелите, а истовремено поврзани и блиски до Ајнштајн, quoteinvestigator како заклучок вели дека не постојат никакви посериозни докази за тоа дека оваа изјава потекнува лично од Ајнштајн. Слични цитати, кои се поврзуваат со исчезнувањето на пчелите, им се прибележуваат и на Чарлс Дарвин, Морис Метерлинк, Е.О. Вилсон и уште неколку автори, во различни временски периоди пред, во текот на животот и после смртта на Ајнштајн, па се смета дека некој од авторите на списанијата во кои е објавен популарниот цитат на Ајнштајн, направил грешка и некои од погоре наведените автори ги заменил со Ајнштајн. Можеби и прашањето кое група на ученици во 1951 година му го поставиле на Ајнштајн во врска со тоа што би се случило со земјата доколку сонцето згасне, има влијание во целата оваа приказна. Одговорот на Ајнштајн бил дека без сончева светлина ќе нема пченица, ќе нема леб, ќе нема трева, ќе нема месо, ќе нема млеко и се ќе биде замрзнато. Иако во одговорот не се споменати пчелите, се смета дека некој автор направил комбинација од оваа и нечија друга изјава и се добила денес добро познатата изрека за пчелите.
Кому и да му се препишува заслугата за овој цитат, авторот не е далеку од вистината.