Летечки доктори во служба на овошките

Во Австралија за прв пат е претставена можноста пчелите да се користат во лекување и превентива на одредени болести кај овошките. Оваа нова и досега неприменета техника, во иднина би требало да биде главен метод за справување со габичните, вирусните и бактериските заболувања кај многу растенија и на тој начин драстично да се намалат трошоците од намалените приноси и давачките за скапи и токсични препарати.

Новата техника предвидува, наместо прскањето со одредени препарати, на овошните плантажи да се користат пчели кои ќе испорачуваат биолошки контролен агенс директно до цветовите на растенија. Бидејќи пчелите во овој случај играат улога на вектори, овој метод се нарекува ентомовекторирање.

Биолошкото контролно средство содржи спори од одредени габи или микроорганизми кои не се штетни по растението, но штетно делуваат на причинителите на одредени болести. Секое утро ваквите спори се ставаат во диспензер пред летото на пчелите, пчелите при излетувањето ги прикачуваат спорите на влакненцата и така ги дистрибуираат до цветовите.

Многумина на овој метод му предвидуваат добра иднина, затоа што би влијаел на зголемувањето на бројот на пчелни семејства и би се намалиле огромните загуби во земјоделското призводство, а особено во овоштарството.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.