Медените сусамови плочки се продукт без кој не може и не смее да биде ниеден од штандовите на пчеларските изложби, а одличен десерт се и за посните празници кои доаѓаат.
Потребни состојки (за околу 250-300 грама сусамки):
- 3/4 шоља шеќер
- 1/3 шоља мед
- 20 милилитри вода
- 1 шоља сусам
- пола кесичка малку ванилин шеќер или мала лажичка ванилин екстракт
- 2 мали лажички маргарин
- прстофат сол
- 1/4 мала лажичка сода бикарбона
Водата, шеќерот, ванилиниот шеќер и солта се ставаат во сад на оган да зовријат. Се варат додека смесата не се згусне. Во садот се додава семето од сусам. Целата смеса се вари уште 10 минути со често мешање, за да добие изедначена боја на карамела. Се трга од оган и со мешање во топлата смеса се додаваат медот и маргаринот. Кога состојките ќе се спојат, на крај се додава содата. Улогата на содата е да реагира со киселината содадена при карамелизацијата на шеќерот при што се создаваат меурчиња на јаглероден диоксид, кои придонесуваат за попорозна структура на сусамовите плочки, а таквите сусамки ќе бидат полесни за јадење. Целата смеса се става во фолија или широк метален плех, се доведува до саканата дебелина и се остава да се олади. Кога ќе се олади, се крши на парчиња или се сече на форми по желба и се пакуваат или сервираат по Ваш вкус.