„Генерален впечаток е дека изминатата пчеларска сезона во поглед на медоберот е катастрофална“-беа завршните зборови на претседателот на ПЗ „Матица“-Скопје, Павле Бошкоски, по дискусијата од првата точка од дневниот ред, откако членовите на здружението, на првата работна средба за сезоната 2014/2015 ги изнесоа своите впечатоци и резултати од медоберот и состојбата со пчелните семејства во изминатава сезона. Членовите на здружението заеднички се сложија дека иако неколку региони од државава се исклучени од катастрофата која ги погоди, оваа сезона е полоша од ланската, а повозрасните и поискусни пчелари изјавија дека не се сеќаваат на толку лоша пчеларска година. Според членовите на ПЗ „Матица“-Скопје, цената на медот ќе оди уште повисоко и моменталната цена од 300 денари за килограм мед, за кратко време ќе биде променета.
Како дел од дневниот ред, на членовите им беше презентирана и Предлог програмата за работа на здружението во сезоната 2014/2015. По долга дискусија, членовите одредија и дадоа приоритети на неколку точки од програмата, а дел од дадените работни предлози беа променети.
Работните состаноци ќе се одржуваат по стариот термин (секој четврток од 17:00 часот). Последниот работен состанок е закажан за 26/03/2015 година.