Хронологија на населувањето на европските пчели во светот

Со пронаоѓањето на првите вештачки живеалишта, започнало и пренесувањето и ширењето на пчелите во разни предели и региони низ светот.

Бидејќи на териториите на Јужна и Северна Америка немало медоносни пчели, токму на овие места биле забележани првите внесувања на европски подвидови на пчели. Во 1622 година, од Англија се донесени и населени првите европски пчели во Вирџинија. Пчелите биле од подвидот бакфаст. Во 1638 година пчели се населени и во Нова Англија, во 1763 година пчели биле донесени на Флорида и на Куба, во 1781 година на Хаити, во 1792 година во Њујорк, во 1848 година во Чиле, а почнувајќи од 1849 до 1865 година, со пчели бил населен Бразил. Се смета дека Аљаска е населена со пчели од Русија кои се пренесени преку Беринговиот теснец. Австралија била населена со европски медоносни пчели во 1839 година.

Што се однесува до Европа, таму постоеле автохтони медоносни пчели, но забележано е пренесување и внесување на неавтохтони подвидови на пчели во најразлични региони. Во XVIII век Финска и Норвешка се населени со темната медоносна пчела (бакфаст). Во Русија ширењето на медоносните пчели е забележано уште во 1786 година, а според податоците започнало од регионот Оренбургск. Од таму пчелите биле раширени во Краснојарск, Томск, а од регионот Приморскији, на многу начини, а најчесто преку бродови, биле пренесувани пчели низ останатите региони во Русија. Во Туркменистан, руските пчели биле внесени во 1870 година, во Ташкент во 1872 година, а во 1896 руските пчели биле раширени во задкасписките области. На северот од Русија, пчелите имаат краток стаж на населеност. Во областа Архангелск тие се населени на почетокот на XX век.

Подвидови кои најмногу се ширени во Европа и светот биле подвидовите на крањската и италијанската пчела, кои уште во XIX век биле извезувани преку фирми-експортери на матици од овие подвидови.

Крањската пчела во Русија била донесена уште на почетокот на XIX век, додека на пчеларите од  САД, крањската пчела им била претставена од првите нејзини увозници Дадант и Бентон, во 1880 година.

Италијанската пчела бележи експанзија во 1843 година, кога масовно била извезувана во Швајцарија. Во САД била донесена во 1855 година од кога ја потиснува темната медоносна пчела и станува основа на современото американско пчеларство. Во 1859 година, A.m. ligustica е внесена во Франција и Англија, а во 1861 година во Бразил. Според некои информации италијанската пчела во Австралија била внесена уште во 1822 година од италијански доселеници во денешен Сиднеј, а официјални податоци велат дека оваа пчела е внесена во 1862 година. Како и во САД и во Австралија, овој подвид успеал да го потисне бакфаст подвидот. Во 1853 година, Џерзон од Венеција ја внел италијанската пчела во областа Шлезија, каде 30 години ја одгледувал чисто и селекционирано, а од таму извезувал матици низ цел свет.

Во Северна Америка биле внесени и други подвидови на пчели како кипарските во 1877 година, египетските во 1867 година и кавказките во 1880 година.

Во Јужна Америка, пчелите се населувани најмногу од Португалците. Но премногу тешко одела аклиматизацијата на европските пчели кон влажните и тропски услови на овој континент, што било причина решение да се бара во внесување на африкански пчели, за кои имало мислење дека полесно ќе се приспособат на тамошните услови. Тоа е направено во 1957 година, а резултатот од ова на сите нам ни е добро познат.

Според одредени, но непотврдени податоци, првите белешки за населување на Азија со европски пчели постојат уште од VII век п.н.е. Тоа биле пчели од Русија, кои биле потиснати од автохтоната A. cerana.

Во Африка, европските пчели биле внесувани од колонизаторите иако таму веќе постоеле одредени автохтони видови на медоносни пчели.

Од оваа хронологија, според стручњаците, може да се заклучи дека поради транспортот и селењето на пчелите, нивниот ареал на егзистирање во светот се зголемил за 60%, што е многу позитивна работа. Ова ја поттикнало и иновативноста на луѓето, па тие измислувале кошници, разни пчеларски алатки и опрема, платформи, павиљони, разни средства користени при пчеларењето и селењето, од кои дел и денес се користат, а дел се надоградени и усовршени. Но ова има и негативен ефект, како што се појавувањето на некои несакани особини при вкрстување на локалните пчели со новите внесени подвидови на пчели, пренесувањето на болести и др.

Како резултат на човековата улога во ширењето на пчелите низ светот може да се утврдат неколку работи. Во САД и Австралија доминира италијанската пчела, која целосно ги потиснала останатите внесени подвидови. Во Кина, која е лидер во светското пчеларство, 2/3 од пчелите се од европските подвидови, додека 1/3 се локален вид. Во земјите од западна Европа лидер е крањската пчела, а многу мал дел подпаѓа под бакфаст и лигустика. Во Русија најзастапена е руската пчела, освен во кавказкиот и карпатскиот регион, каде се застапени мелези и пчели добиени преку вкрстување на руските пчели и одредени локални пчели.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.