Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

До 11-ти декември 2014 година, поради заразеност со малата кошничка бубачка, на околу 60 пчеларници запалени и уништени се повеќе од 3600 пчелни семејства со што е направена штета процената на околу 1,5 милиони евра. Со овој радикален и непопуларен потег на италијанските власти не се сложуваат италијанските пчелари, кои револтирани сметаат дека само преку заедничка стратегија, а не со палење на пчелните семејства може да се дојде до решение на настанатата ситуација. Според пчеларите, бесплатните стапици за ловење на бубачката, во комбинација со соодветен хемиски третман и деконтаминирање на почвата околу пчеларникот, би резултирало со намалување и елиминирање на заразата. Револтот го зголеми и непостоечката одлука за обесштетување на уништените семејства, па пчеларите беа оставени сами на себе. Дури во последните денови од 2014 година, беше донесена одлука со која на пчеларите ќе им се исплаќа одреден надоместок за уништените семејства, почнувајќи од 80 до 120 евра за уништен нуклеус па нагоре.

Мерката за палење на семејствата во кои ќе се најде барем една возрасна единка на малата кошничка бубачка ќе се спроведува до пролет, од кога би требало да се настапи со нова стратегија за борба против овој штетник.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.