Категорија: Настани

  • MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење“

    MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење“

    [dropcap]М[/dropcap]акедонското здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2020“. Настанот, кој MacBee веќе традиционално го организира неколку години наназад и овојпат ќе биде од едукативно – информативен и меѓународен карактер со учество на странски експерт од областа на пчеларството и со домашни стручни предавачи. Главен презентер ќе биде гостинот од Австрија, г-ца Ана Пернер, професионален пчелар. Г-ца Пернер има долгогодишно искуство на пчеларење на семејната пчеларска фарма, која е една од најголемите производители на пчелни матици во Австрија. Таа е ангажирана и како секретар во Австриското здружение на одгледувачи на Крањска пчела (ACA). Темата на која ќе презентира г-ца Пернер е „Наш начин на пчеларење“.

    Настанот ќе се одржи на 15 декември 2019 година, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, со почеток во 10:00 часот.

    Овде можете да го превземете официјалниот флаер за настанот.

    Извор: FB профил на MacBee

  • MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“

    MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“

    [dropcap]М[/dropcap]акедонско здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) го најавува настанот  „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“. Настанот кој MacBee веќе традиционално го организира неколку години наназад и овојпат ќе биде од едукативно – информативен и меѓународен карактер со учество на странски експерт од областа на пчеларството и со домашни стручни предавачи. Главен презентер ќе биде гостинот од Германија, Мартин Габел. Мартин Габел е германски научен и стручен соработник од областа на пчеларството и пчелар практичар. Во моментов е постдипломец на студии по биологија на Универзитетот Јустус – Либиг во Гисен. Додипломски студии завршил во 2016 година на Универзитетот Филипс во Марбург на отсекот биологија. Дипломирал на темата „Прекин и отстранување на легло како методи за третирање на медоносните пчели против вароа“. Во моментов работи на магистерскиот труд со наслов „Физиологија на однесувањето и поделба на трудот кај пчелите излетнички од шест различни подвидови на медоносната пчела“. Вработен е на одделот за обука и поддршка на пчеларите во Институтот за пчеларство во Кирхајн, а на истиот институт има и статус на привремен истражувач. Ангажиран е и како стручен соработник во проект групата „Био-Ресурс“ на Фраунхофер Институтот за молекуларна биологија и применета екологија во Гисен. Од неговата богата збирка на научни трудови, публикации, презентации и останати авторски и ко-авторски дела, можат да се издвојат:

    • „Алтернативен летен третман на медоносната пчела (Apis mellifera L.) против вароа (Varroa destructor Anderson & Trueman)“, предавање на 63-иот годишен состанок на Здружение на Институти за истражување на пчелите, Брауншвајг, Германија, 2016;
    • „Метод на летно прекинување на леглото за здрави пчелни семејства, резултати и искуства од истражувањето во Германија“, предавање на Работилницата на COLOSS за контрола на Вароа, Уније, Хрватска, 2016;
    • „Алтернативни методи на третман против вароа кај медоносните пчели“, постер-презентација на 46-от Годишен состанок на Друштвото за екологија, Марбург, Германија, 2016;
    • „Справување со вароата на природен начин“, серија флаери објавени од државната агенција за земјоделство, Хесен, Германија, 2017;
    • „Водич за практична и ефикасна биотехничка контрола на вароата“, постер-презентација на 64-от Годишен состанок наЗдружението на Институти заистражување на пчелите, Цеље, Словенија, 2017;
    • „Биотехнички пристап за контрола на вароата преку методите на прекин на леглото, отстранување на леглото и блокирање на леглото во пчелното семејство“, предавање на 45-от меѓународен пчеларски конгрес на АПИМОНДИЈА, Истанбул, Турција, 2017;
    • „Третман против вароа со методот на прекин на леглото. Зошто и како?“ Web-семинар за Данското здружение на пчелари, 2018;
    • Повеќе авторски и ко-авторски текстови во неколку германски магазини и пчеларски списанија („Зима без третман“ (2018) и „Биотехнички методи на третирање преку сезоната“ (2018), објавени во „Deutsches Bienenjournal“), „Истражувањата на прекин на леглото кај пчелите одат во наредна фаза“ (2017), „Резултатите од испитувањето со прекин на леглото кај пчелите се оптимистички“ (2017), објавени во „Мach mal pause“).

    Темата на која ќе презентира дипломираниот биолог Мартин Габел ќе биде: „Прекин и отстранување на легло како методи за третирање на медоносните пчели против вароа“.

    Настанот ќе се одржи на 27 јануари 2018 година, на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

    MacBee наскоро ќе го објави и официјалниот флаер со програмата на настанот и сите останати информации и детали.

    Извор: macbee.org

  • Покана за настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“

    Покана за настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“

    [dropcap]М[/dropcap]акедонското здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) – MacBee, со задоволство Ви го претставува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“. Настанот ќе понуди повеќечасовна програма која вклучува презентации од информативен и едукативен карактер. MacBee веќе неколку години организира настани од ваков карактер, каде на едно место се собрани ценети домашни и странски научни експерти од областа на пчеларството, професионални пчелари и пчеларски ентузијасти и вљубеници во пчеларството. Како и претходните, така и овој настан претставува одлична можност за надградба на Вашето пчеларско знаење, а воедно и да се информирате со активностите на MacBee.

    Настанот ќе се одржи на 28 јануари 2018 година, со почеток во 10 часот, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје.

    MacBee со особена чест ги поканува сите вљубеници во пчеларството со своето присуство да го збогатат овој настан.

    Комплетната програма на настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“, како и начинот на пријавување на учеството, погледнете ги во флаерот – соопштение за флаерот – соопштение за „Пчеларски ден-знаење и дружење 2018“.

    Извор: www.macbee.org

  • Најава за основање на Пчеларска Федерација на Македонија

    Најава за основање на Пчеларска Федерација на Македонија

    [dropcap]И[/dropcap]ницијативниот Одбор за основање на Пчеларска Федерација на Македонија, најави дека на 26 декември 2015 година, во 11:00 часот во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, ќе го одржи Основачкото Собрание на новиот пчеларски субјект во Република Македонија. Иницијативниот одбор го сочинуваат повеќе пчеларски здруженија од целата држава кои функционираат на локално ниво.

    Одборот за основање ги поканува сите здруженија кои тежнеат да го подобрат македонското пчеларство да пријават свое учество преку свои делегати и на тој начин да ја поддржат новата федерација.

    На Основачкото собрание ќе бидат дефинирани целите на федерацијата, предвидено е да биде донесен Статутот на федерацијата и да се изберат претседателот и управувачките органи на Пчеларската Федерација на Македонија.

  • „Пчеларски ден – знаење и дружење“ во организација на MacBee

    „Пчеларски ден – знаење и дружење“ во организација на MacBee

    [dropcap]М[/dropcap]акедонското здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела – MacBee, ги поканува сите заинтересирани да го посетат  настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење“.  Настанот кој е во организација на MacBee, освен едукативниот карактер, ќе биде и можност здружението MacBee транспарентно да ги запознае македонските пчелари со своите активности.

    Настанот ќе се одржи на 20 декември 2015 година, со почеток во 10 часот, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје.

    Централна тема на „Пчеларски ден – знаење и дружење“ ќе биде предавањато на проф. д-р Никола Кезиќ, посветено на болестите на пчелите и практичното пчеларство. Проф. д-р Кезиќ, долгогодишен професор на Земјоделскиот факултет во Загреб, Хрватска, кој важи за еден од најреномираните научни работници во пчеларството на Балканот и во Европа, со сигурност ќе го задржи вниманието на посетителите на настанот.

    Комплетната програма на „Пчеларски ден – знаење и дружење“, како и начинот на пријавување на учеството, погледнете ги во флаерот – соопштение за „Пчеларски ден – знаење и дружење“.

    Превземено од www.macbee.org

  • COLOSS прашалник за загуби на пчелни семејства 2014/2015

    COLOSS прашалник за загуби на пчелни семејства 2014/2015

    [dropcap]С[/dropcap]о цел да се соберат повеќе информации за загубата на пчелни семејства од што е можно повеќе држави, Здружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), го објави прашалникот, со кој преку одговорите на стандардизираните и унифицирани прашања за пчеларите низ цела Европа треба да се откријат ризиците и факторите за загубите на пчелните семејства. Покрај ова, методологијата на обработката на податоците треба да обезбеди информации за годишните загуби на национално ниво, како и споредба на бројот на угинати семејства помеѓу 20-те држави учесници во анкетата.

    Можност за придонес кон ова имаат и нашите пчелари, кои веќе неколку години, со одредени прекини, се дел од оваа активност на COLOSS. Координатор и реализатор на овој проект за територијата на Македонија е Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје чија Лабораторија за пчеларство во соработка со Македонското здружение за заштита на македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) ги спроведуваат сите неопходни активности за успешна реализација на анкетните прашалници.

    По реализирањето на прашалниците и обработката на податоците, резултатите ќе бидат јавно објавени и достапни за сите на веб страната на COLOSS.

    Прашалникот можете да го пополните со кликање овде.

    Извор: macbee.org

  • Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    [dropcap]Д[/dropcap]о 11-ти декември 2014 година, поради заразеност со малата кошничка бубачка, на околу 60 пчеларници запалени и уништени се повеќе од 3600 пчелни семејства со што е направена штета процената на околу 1,5 милиони евра. Со овој радикален и непопуларен потег на италијанските власти не се сложуваат италијанските пчелари, кои револтирани сметаат дека само преку заедничка стратегија, а не со палење на пчелните семејства може да се дојде до решение на настанатата ситуација. Според пчеларите, бесплатните стапици за ловење на бубачката, во комбинација со соодветен хемиски третман и деконтаминирање на почвата околу пчеларникот, би резултирало со намалување и елиминирање на заразата. Револтот го зголеми и непостоечката одлука за обесштетување на уништените семејства, па пчеларите беа оставени сами на себе. Дури во последните денови од 2014 година, беше донесена одлука со која на пчеларите ќе им се исплаќа одреден надоместок за уништените семејства, почнувајќи од 80 до 120 евра за уништен нуклеус па нагоре.

    Мерката за палење на семејствата во кои ќе се најде барем една возрасна единка на малата кошничка бубачка ќе се спроведува до пролет, од кога би требало да се настапи со нова стратегија за борба против овој штетник.

  • Осма едукативна средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје

    Осма едукативна средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје

    [dropcap]Н[/dropcap]а 25/12/2014 година, во просториите на Сојузот на Стопански комори во Скопје, ќе се одржи осмата по ред средба на членовите на ПЗ „Матица“-Скопје.

    Во едукативниот дел од средбата, со своја презентација ќе настапи Драги Спасенцовски, искусен пчелар од Скопје, кој ќе ги претстави начините и техниките на пчеларење и производство на матици на својот пчеларник.

    Дел од средбата ќе биде наменет и за предлогот на големиот број на членови на здружението-измена на денот на одржувањето на едукативните состаноци.

  • Успешно презентирани пчеларски трудови на Студентската смотра

    Успешно презентирани пчеларски трудови на Студентската смотра

    [dropcap]„В[/dropcap]аквите настани се од големо значење, бидејќи преку нив спознаваме со каков капацитет располагаат нашите студенти. За нас, тоа е од особено голем интерес затоа што од ваквите средби и од авторите на ваквите трудови се регрутира идниот потенцијал на факултетот и идните наставно научни работници од областа на земјоделството„-рече денес деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Скопје, Проф. Д-р Драги Димитриевски, во воведното обраќање на отварањето на 6-та Студентска смотра на научни трудови. „На предавачите им посакувам успех на денешнава смотра, а на сите останати ви препорачувам преку конструктивни прашања и дебата да го збогатите и направите уште поинтересен овој настан“-додаде Проф. Д-р Димитриевски. Претседателот на Студентскиот парламент на студентите на ФЗНХ, Бобан Пиперкоски, кој свечено го отвори настанот, ја најави соработката со други македонски универзитети со цел Смотрата да биде поуспешна и изрази желба наредните години таа да добие и меѓународен карактер.

    Што се однесува до пчеларските теми, беа претставени три научни трудови.

    Јана Павлова преку трудот работен заедно со Мирјана Крстева Апостолов и Мери Жаја, „Влијание на производната серија врз процентот на прифатени ларви и приносот на матичен млеч“, ги анализираше состојбата и факторите кои влијаат на приносите и квалитетот на матичен млеч, во период од една пчеларска сезона, на пчеларник во кумановско.

    j. pavlova

    Мирољуб Голубовски имаше интересна презентација на трудот со наслов „Влијание на квалитетот на консумираната зимска прихрана врз пчелите работнички во лабораториски услови“. Во својот труд, преку експериментално хранење на пчелите со неколку погачи од комерцијално и домашно производство, ги објави резултатите, односно со каков квалитет се погачите кои се наоѓаат во промет во домашните пчеларски продавници и кои се последиците по пчелите со исхрана со дел од нив. Голубовски овој труд го работеше заедно со колегите Мирослав Тасевски и Кристијан Христовски.

    m. golubovski

    Третата презентација  се однесуваше на трудот на Благоја Долгоски и Мартин Стојаноски, „Тродимензионален модел на развојот на пчелно семејство во текот на годината“. Во овој труд на интересен начин беше претставено позиционирањето на пчелното семејство во кошницата во неколку месеци од годината и количината на легло по месеци.

    b.dolgoski

    Ментори на трудовите од областа на пчеларство беа Проф. Д-р Хрисула Кипријановска и Доц. Д-р Александар Узунов.

    *Медно.мк се извинува за лошиот квалитет на фотографиите

  • Пчеларски теми на Студентската смотра на научни трудови

    Пчеларски теми на Студентската смотра на научни трудови

    На традиционалната 6-та Студентска смотра на научни трудови, во организација на Студентскиот Парламент и Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „св. Кирил и Методиј“ – Скопје, која ќе се одржи на 15/12/2014 година на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, покрај останатите трудови ќе бидат и презентирани неколку трудови од областа на пчеларството. Презентери на трудовите ќе бидат повеќе студенти од ФЗНХ, кои под менторство на Проф. Д-р Хрисула Кипријановска и Доц. Д-р Александар Узунов, работеа на експерименти поврзани со производство на матичен млеч, квалитетот на погачите дадени при зимска прихрана и развојот на пчелните семејства во текот на годината.

    Студентската смотра на научни трудови ќе се одржи во амфитеатарот број 39, со почеток во 11.00 часот. Комплетната програма погледнете ја овде.