Категорија: Д-р Пчела

  • 8 најдобри видови на мед

    8 најдобри видови на мед

    [dropcap]Н[/dropcap]ајчестото прашање кое го поставуваат купувачите на мед е „Кој вид на мед е најдобар?“ Не постои одговор на ова прашање. Било кој вид на природен мед е добар, а секој од нив поседува уникатни особини кои делуваат против одредени заболувања. Сепак, подолу е прикажана една листа на видови на мед направена според широкиот спектар на корисните особини на медот и според побарувачката на купувачите.

    Багремов мед

    Одличен е за оние кои имаат проблеми со дигестивниот систем. Внесува рамнотежа во целиот организам и делува благотворно. Поради ниската стапка на сахароза, а високата содржина на фруктоза се препорачува на лицата со дијабетис. Поради својот состав одличен е и за мали деца (возраст од над 3 години).

    Мед од липа

    Делува антисептички и благотворно. Се користи за третирање на грип, настинки, бронхитис и разни респираторни заболувања предизвикани од стрептококи, стафилококи и останати грам-позитивни бактерии. Успехот на липовиот мед при третманите на овие заболувања се должи на тоа што овој мед го поттикнува организмот да се поти по што организмот за кусо време ја враќа нормалната рамнотежа.

    Шумски мед

    Шумскиот мед содржи најмалку 13 пати повеќе минерали од цветните видови на мед. Особено е богат со железо што го прави ваквиот мед идеален за подобрување на крвната слика. Значаен е и за растот и развојот на организмот поради што се препорачува кај децата. Се користи кај анемија, гинеколошки, респираторни и други заболувања.

    Костенов мед

    Медот од костен има специфична и интензивна арома и малку горчлив вкус. Помага кај нарушувања на функцијата на црниот дроб, желудникот, жолчката, дванаестпалачното црево. Лекува гастритис и чиреви, жолтица, бактерии во мочните канали. Поради извонредниот вкус и специфичната арома, костеновиот мед се користи за изработка на разни десерти.

    Мед од жалфија

    Овој мед со право спаѓа меѓу најдобрите. Се користи кај воспаленија и заболувања на усната празнина и на дигестивниот тракт. Лекува воспалени синуси, кашлица, суво грло, бронхитис и настинка.

    Ливадски мед

    Содржи доста есенцијални масла што го прави омилен кај корисниците, а особено децата. Се препорачува кај пациенти со респираторни заболувања предизвикани од грам-негативни бактерии, кај гинеколошки заболувања и авитаминози. Поради тоа што вклучува нектар од голем број на различни растенија, ливадскиот мед има прекрасен вкус и богат е со витамини и минерали.

    Мед од сончоглед

    Поради високата содржина на гликоза и уште неколку други битни состојки, сончогледовиот мед го подобрува имунитетот на организмот, го зајакнува срцето и ја подобрува циркулацијата.

    Мед од маслодајна репка

    Овој мед е доста квалитетен и поседува големи антибактериски својства. Поради лесната кристализација често може да се купи измешан со матичен млеч.

  • Крема со мед за груба и испукана кожа

    Крема со мед за груба и испукана кожа

    [dropcap]О[/dropcap]д многу одамна се познати позитивните нутритивни и лековити ефекти кои ги има свинската маст. Во комбинација со чудесните својства кои ги има медот, се добива одлична, еколошки чиста и многу здрава крема за негување на груба, сува, испукана и оштетена кожа. Кремата се нанесува еднаш до два пати дневно, а резултатите се забележуваат за краток период.

    Потребни состојки:

    -100 грама свинска несолена маст

    -50 грама мед

    Маста и медот се ставаат во сад и се мешаат со пластична или дрвана лажица. Смесата се меша додека двете состојки не се соединат целосно и не се добие хомогенизирана маса. Кремата се става во пластична кутија или стаклена тегличка и добро се затвара. Се чува на температура на која кремата нема да се растопи.

  • Медени лижавчиња

    Медени лижавчиња

    [dropcap]Б[/dropcap]рз и многу едноставен рецепт за приготвување на лижавчиња од мед, кои убаво спакувани, украсени и завиткани, ќе бидат убава декорација и сладок подарок за најмладите посетители на пчеларскиот штанд, декорација на празничната трпеза и „таблета“ за смирување на кашлицата и проблемите со сувото грло.

    Потребни состојки:

    -една шоља мед

    -пластични или дрвени стапчиња за лижавчиња

    – по можност: термометар за готвење и калапи за лижавчиња

    Медот се става во сад на оган и постепено се загрева до згустување и вриење. Медот се меша постојано. Ако имате термометар, температурата на вриење треба да е околу 150°C.  Доколку немате термометар, капнете една капка од врелиот мед во ладна вода и ако капката мед се стегне во цврста маса тогаш медот е добро сварен и ја има потребната конзистенција. Се трга од оган и со лажица се црпе од него и се става во калапите за лижавчиња (ако ги имате) или на рамна површина која не зафаќа, врз стапчињата се истура онолку мед колку што сакаме да бидат големи лижавчињата.

    lizavcinja 3 lizavcinja 2

  • Инхалаторна апитерапија

    Инхалаторна апитерапија

    Поради сè позагадениот воздух кој го дишиме, зачестени се појавите на респираторни болести, алергии, астма, белодробни воспаленија и сл. Ваквите појави, особено се изразени кај децата и повозрасната популација. Решението за елиминирање или намалување на овие респираторни потешкотии многумина го пронашле преку вдишување на воздух директно од кошниците полни со пчели.

    Инхалаторната апитерапија била позната уште во времето на Египќаните. Познато е и тоа дека пчеларите додека на пчеларникот работат операции поврзани со отварање на кошниците, особено во пролетните и летните месеци, се чувствуваат многу пријатно и добро. Терапијата се состои од вдишување на аеросоли, кои се мешавина од повеќе корисни и здрави елементи од пчелното живеалиште, како што се прополисот, нектарот, етеричните масла, флавоноидите, медот, восокот, матичниот млеч, поленот и други лековити материи. Пчелите, преку вентилирање или едноставно движење на крилцата, испарувањата од овие материи ги мешаат и ги распрскуваат во ситни аеросоли во воздухот во внатрешноста на кошницата. Вдишувањето на аеросолите и аромите од пчелната кошница, освен за подобрување на состојбата со дишните патишта, има значаен ефект и врз психофизичката состојба на луѓето. Инхалаторната апитерапија делува смирувачки, релаксативно и ослободува од стресот акумулиран при секојдневието.

    disenje

    Апитерапијата помага кај лица со заболувања или потешкотии како што се:

    • астма
    • бронхитис
    • алергии
    • хронични болести на белите дробови
    • ослабен имунитет
    • инфекции на дишните патишта
    • мигрена и хронична главоболка
    • стрес
    • депресија

    Постојат специјални маски за вдишување на благодетите од внатрешноста на кошницата. Во пчеларски развиените земји, направени се таканаречени Апикомори, во кои пациентите релаксирано вдишуваат воздух од пчелното семејство, без опасност од убод, незавосно од периодот на денот или надворешните временски услови. Најефективен период за инхалациска апитерапија е од април до септември. Еднонеделен третман со секојдневно вдишување во време од еден час, значително ќе ги намали проблемите со дишењето. Освен за болни лица, апитерапијата се препорачува и за лица кои едноставно сакаат да се опуштат или внимаваат на своето здравје, лица кои се занимаваат со спорт, работници кои работат во фабрики и погони поврзани со тешки метали, штетни испарувања и др.

  • Медени сусамки

    Медени сусамки

    [dropcap]М[/dropcap]едените сусамови плочки се продукт без кој не може и не смее да биде ниеден од штандовите на пчеларските изложби, а одличен десерт се и за посните празници кои доаѓаат.

    Потребни состојки (за околу 250-300 грама сусамки):

    • 3/4 шоља шеќер
    • 1/3 шоља мед
    • 20 милилитри вода
    • 1 шоља сусам
    • пола кесичка малку ванилин шеќер или мала лажичка ванилин екстракт
    • 2 мали лажички маргарин
    • прстофат сол
    • 1/4 мала лажичка сода бикарбона

    Водата, шеќерот, ванилиниот шеќер и солта се ставаат во сад на оган да зовријат. Се варат додека смесата не се згусне. Во садот се додава семето од сусам. Целата смеса се вари уште 10 минути со често мешање, за да добие изедначена боја на карамела. Се трга од оган и со мешање во топлата смеса се додаваат медот и маргаринот. Кога состојките ќе се спојат, на крај се додава содата. Улогата на содата е да реагира со киселината содадена при карамелизацијата на шеќерот при што се создаваат меурчиња на јаглероден диоксид, кои придонесуваат за попорозна структура на сусамовите плочки, а таквите сусамки ќе бидат полесни за јадење. Целата смеса се става во фолија или широк метален плех, се доведува до саканата дебелина и се остава да се олади. Кога ќе се олади, се крши на парчиња или се сече на форми по желба и се пакуваат или сервираат по Ваш вкус.

  • Топло чоколадо со мед

    Топло чоколадо со мед

    [dropcap]В[/dropcap]истинско уживање во студените денови кои претстојат.

    Потребни состојки:

    • една и половина шоља млеко
    • 2 големи лажици какао
    • 2 големи лажици мед
    • по избор: ванилин шеќер, ванилин екстракт, цимет, мелени лешници, шлаг, чоколадни трошки, карамел, путер и др.

    Млекото се става во сад и се загрева да биде врело (или се вари ако не е сварено). Во друг сад се ставаат медот, какаото и ванилиниот шеќер или екстракт и се загреваат на тивок оган за да се спојат во едноличен крем. Медниот какао крем се додава во садот со топлото млеко и целата смеса добро се меша. По избор, во топлата чоколада се додава и малку путер. Топлиот пијалок се пресипува во шољи и се декорира според сопствен вкус. Може да се стави шлаг, наросен со мелени лешници, посипан со малку мед или карамела, чоколадни трошки, цимет и др.

  • Варено вино со мед

    Варено вино со мед

    Студеното време доаѓа, па помеѓу безбројте начини да се загреете, опуштите и заборавите на студот, медно.мк Ви нуди уште еден-рецепт за варено вино со мед.

    Потребни состојки:

    -750 ml  црвено или црно вино

    -вода (шоља наполнета 1/3)

    – мед (шоља наполнета 3/4)

    -цимет (се става по вкус)

    -по желба при варењето можете да ставите и кора и парчиња од портокал, семки од калинка, ванила или неколку зрнца бибер, а кругови лимон при декорирањето.

    Во метален сад се ставаат сите состојки и смесата се загрева, сè додека не почне тивко да врие и испарува. Се вари така уште 15-20 минути и се трга од оган. Се става во стаклени шољи или садови по избор, се декорира по желба и се пие во друштво.

  • Медена вакцина против грип

    Медена вакцина против грип

    [dropcap]В[/dropcap]о сезоните на грип и настинки, потребно е имунитетот да се одржи на високо ниво. Заборавете на вакцините против грип и скапите лекови. Вакцинирајте се самите со оваа „вакцина“ приготвена од здрави и проверени продукти.

    Потребни состојки:

    – 3 лажици мед

    – сок од 6 лимони

    – 1 главица лук, сецкана или пасирана

    – 2 лажици сецкан или пасиран ѓумбир

    – 3 шољи сок од ананас

    – прстофат мелен лут пипер

    Сите состојки се мешаат и смесата се складира во стаклена тегла. Како превентива од грип се пијат 2 шољи на ден. Се користи и за лечење на грип, но тогаш се пијат 4 шољи дневно.

  • Прополис крема за оштетена кожа

    Прополис крема за оштетена кожа

    [dropcap]О[/dropcap]ваа крема се препорачува за лекување на сува и испукана кожа и промени на кожата настанати од изгореници и смрзнатини.

    Потребни состојки:

    20 ml прополис (алкохолен екстракт)

    50 ml маслиново масло

    10 ml масло за бебиња

    30 gr чист пчелин восок

    Маслиновото масло се загрева во сад со дупло дно наполнет со вода. Кога ќе се загрее маслото, се додаваат маслото за бебиња и восокот, и се меша се додека не се стопи восокот. Се додава прополисот, се меша 5 минути и се трга од оган. Доколку сакате кремата да има арома, додадете 5-10 капки етерично масло. Топлата смеса се складира во стаклени садови и кога ќе се олади може да се користи.

  • Меден сируп против кашлање

    Меден сируп против кашлање

    [dropcap]К[/dropcap]ашлицата кај децата, па и возрасните може да трае доста долго, а при тоа го исцрпува организмот и предизвикува омалаксаност. За смирување на кашлањето најчесто се купуваат сирупи, за кои се тврди дека се направени на природна база, но секогаш постои барем една состојка која не ја познаваме и чиј начин на далување за нас е непознат. Затоа најдобро е ваквите сирупи да се подготвуваат дома од природни состојки чие дејство е веќе докажано. Еве рецепт за еден таков сируп:

    • 200 мл мед (по ваш избор, но препорачливо е темен мед);
    • сок од еден лимон;
    • една лажица сушена жалфија.

    Сите состојки се мешаат во поклопен сад кој се става во друг сад во кој има вода. Кога водата ќе почне да врие, смесата останува така на пареата околу 5 минути, а потоа се трга на страна и се завиткува во нешто топло или се става во термос. После дваесет минути, смесата се цеди преку цедалка и се полни во стаклена тегла. Од овој сируп, на деца им се дава по една мала лажичка 3 пати на ден, а возрасните земаат 3 пати по една голема лажица. Освен што ја ублажува кашлицата, сирупот со мед го лекува болното грло и делува како антипиретик.