Категорија: Штетници

  • Справување со големата сипка на пчеларникот

    Справување со големата сипка на пчеларникот

    [dropcap]Г[/dropcap]олемата сипка (Parus major) е широко распространета во нашава држава, како во природата и руралните подрачја, така и во урбаните и градски средини. Најчесто живее во дупки од дрвја, во стари напуштени објекти, а лесно прифаќа и куќички за птици поставени од човекот. Поради својот изглед и карактеристичната обоеност на пердувите, сипката лесно се препознава. Главата и вратот се црни, на образите има полиња со бели пердуви, градите и стомакот се жолти, а по целата нивна должина од вратот до задниот дел се протега црно обоена линија. Грбот и крилата се маслинесто зелени и со темно сини и сиви нијанси, а опашот е сино-сив со бела боја на крајот на пердувите. Се храни претежно со инсекти, а најчесто тоа се скакулци, бумбари, пчели, оси, пајаци, но кога има извори на храна како разни мекотели, се храни и со нив. Во одредени делови од Европа откриено е дека големата сипка, во услови на недостиг на храна, развила способност да лови и да се храни со лилјаците кои хибернирале во пештерите. Карактеристично за овие птици е тоа што тие многу брзо учат. Доколку некоја единка развие и научи одредена способност или однесување, таквата одлика за кусо време ќе биде раширена низ локалната популација на големите сипки.

    Големата сипка на пчеларникот се појавува во зима, при услови кога нема други извори храна, но може да се види и на пролет, кога најчесто страдаат матиците враќајќи се од „свадбениот лет“. Кога се работи за напад на кошницата со цел да се дојде до храна, сипката развила посебна стратегија. Таа застанува на полеталката и тропајќи со клунот по кошницата, ги принудува пчелите да се појават на летото и полетувалката. Тогаш тие стануваат лесен плен за грабливецот. Кога неколку единки или јато на сипки ќе се навикнат на пчеларникот како лесен извор на храна, тешко можат да се одвикнат сè додека не интервенира пчеларот.

    https://www.youtube.com/watch?v=kS2xCVZWKwk

    Разните светлечки ленти и материјали и плашила, кои се ефективни кај другите птици кои го напаѓаат пчеларникот, кај сипките не се покажале како успешни решенија. Штом се забележи напад на сипки, најчесто на пчеларникот се поставуваат поголеми парчиња кожа изделкани од сушена сланина, со цел клукањето на цврстата кожа да го сврти вниманието на сипките од пчелите за одредено време, може да се стават стапици за ловење на глувци кои не ги убиваат туку само заробуваат птиците, се пука во воздух или се плашат со пукање на петарди и потребно е пчеларот да е почесто присутен на пчеларникот. Кога со примена на одреден метод сипките ќе бидат исплашени и растерани, информацијата дека пчеларникот не е безбедна локација за нив ќе се прошири низ популацијата на сипки, па извесен период пчеларникот ќе биде во мир. Поради значењето и користа на овие птици за екологијата и животната средина, застрелување и убивање на било кој начин е забрането и не доаѓа во предвид.

  • Клукајдрвецот-зимски непријател на пчелите

    Клукајдрвецот-зимски непријател на пчелите

    [dropcap]В[/dropcap]о периодот на зимското мирување на пчелите, на пчеларникот можат да се појават повеќе штетници, кои освен што го нарушуваат мирот во пчелната кошница, можат и да доведат до целосно угинување на семејството и покрај тоа што пчеларот ги превзел сите неопходни апитехнички мерки за успешно презимување на пчелното семејство. Еден од таквите пчелни штетници е и шарениот клукајдрвец.

    Пчелите и нивните ларви не се класична храна за шарениот клукајдрвец, но студените и долги зими можат да бидат причина за клукајдрвецот својата борба за опстанок и преживување да ја поведе и на пчеларникот. Клукајдрвецот ги напаѓа дрвените кошници, а забележани се случаи кога се нападнати и кошници од стиропор. Интересно е тоа што клукајдрвецот многу точно и прецизно избира каде е најтенкиот дел од ѕидот на кошницата и токму таму пробива дупка. Ова најчесто се случува на кошниците кај кои постојат изрезбани жлебови кон внатре, кои служат како рачки. Тој дел е најтенок и клукајдрвецот најлесно го пробива. При пробивањето на дупките пчелите се вознемирени, зимското клопче се растура, пчелите пробуваат да се одбранат па дел од пчелите паѓаат на подницата каде поради студот угинуваат, а дел стануваат храна за натрапникот. Како храна на клукајдрвецот можат да послужат и ларвите од пчелното легло, чие вадење од ќелиите не претставува потешкотија за долгиот и леплив јазик на клукајдрвецот. После оброкот клукајдрвецот го напушта местото, дел од саќето е уништено, а дупката која ја направил е преголема за да можат пчелите при убаво време да ја затворат и прополизираат, па преку неа многу често влегуваат глувци и студ кои се причина за дополнително нарушување на функционирањето на пчелното семејство и негово угинување.

    IFПомеѓу пчеларите постојат повеќе „техники“ за заштита доколку се забележат напади од клукајдрвците. Доколку се работи за помал број на кошници, добро решение е преку зимата тие да се завиткаат со мрежа чии отвори нема да пречат на пчелите, а ќе бидат непроодни за птиците. На пчеларници со повеќе семејства, пчеларите практикуваат на повисоки колци да закачат стари компакт дискови, ленти од видео или аудио касети или најразлични сјајни предмети кои предизвикуваат страв и одбивност кај клукајдрвците. Некои пчелари прават и најразлични страшила, а според некои, позитивен ефект врз одбивањето на клукајдрвците има поставувањето на пластични реплики на бувови или некои други грабливи птици на одредени места на пчеларникот.

    klukajdrvec3

    Доколку веќе настанала штета и кошниците се пробушени и оштетени, а за семејствата сеуште постои надеж за спас, дупките привремено се затвораат со пур-пена, силикон, мешавина од лепак и дрвени струготини, се залепува парче дрво врз дупката и слично, а на пролет и при поволни услови, оштетената кошница се заменува со здрава.

  • Осите-сериозни непријатели на пчелите

    Осите-сериозни непријатели на пчелите

    [dropcap]Н[/dropcap]а секој пчелар му е познато дека осите се големи штетници по пчеларникот и во одредени периоди од годината сериозно треба да се размислува за заштита на пчелите од нападите од оси. Осите, за разлика од пчелите, не произведуваат никаква храна и нивниот опстанок се базира на храната собрана од други инсекти или на храна прибрана при разни активности поврзани со шмукање и уништување на овошни плодови, лов на помали инсекти и многу други начини на грабеж.

    Пчелите ги сметаат осите за непријатели и јаките пчелни семејства успешно се справуваат со осите кои пробуваат да украдат мед од кошницата. Но во сезони на голема наезда од оси или кај послаби пчелни семејства, потребна е интервенција и помош од пчеларот. А успешна заштита може да се направи само ако добро се познава противникот.

    Осите градат живеалишта длабоко под земја, во стари ѕидови и шуплини од дрвја, места кои им пружаат идеална заштита и услови за развој. Саќето го градат едно врз друго, спротивно на пчелите кои градат паралелно. Осилото го градат од изџвакани целулозни влакна.

    osi3

    Едно семејство на оси се состои од исти членови како и едно пчелно семејство. Осите имаат своја матица, трутови и оси работнички, кои морфолошки лесно се идентификуваат. Матицата и трутовите се значително поголеми од осите работнички.

    osi

    Осите слично како и пчелите, внимателно се грижат за своето потомство. При добар извор на храна, поради ваквата внимателна грижа, едно семејство на оси може да се развие во навистина голема заедница и да претставува сериозна закана за средината во која живее и за пчеларниците во непосредната околина. Така, едно силно семејство на оси може да има и повеќе од 10000 единки.

    osi5

    osi4

    Затоа доколку на пчеларникот се појават голем број на оси, не се мали шансите во близина да има поголемо семејство на оси. Разните стапици, кои докажано и успешно функционираат, се само метод за смалување на бројот на осите. Единствениот начин да се спасат пчелите од ваквата наезда е да се пронајде осилото и на некој од добро познатите начини да се уништи.

  • Мала кошничка бубачка

    Мала кошничка бубачка

    [dropcap]Н[/dropcap]а 11 септември 2014, Националниот центар за пчеларство при Институтот за зоологија во Венеција, потврди дека е детектирано присуството на малата кошничка бубачка во Италија. Веста брзо ја потресе пчеларската јавност во Италија и Европа, предизвикувајќи загриженост кај пчеларите затоа што мора да вклучат уште еден паразит во листата на активни непријатели на пчелите. Колку сме запознаени со овој паразит?

    Малата кошничка бубачка Aethina tumida (SHB) е инвазивен паразит кај пчелите. Потекнува од Суб-Сахарска Африка. Бубачките се раширени скоро по сите кошници во нивниот матичен крај, но таму скоро и да не се сметаат за некоја посериозна закана по пчелите. Бубачките се 5-7 мм долги, 3-4 мм широки, имаат овална до издолжена форма и прекриени се со фини влакненца, но нивната големина и изглед често можат да варираат помеѓу популацијата. Најчесто, по раѓањето имаат светла боја, а подоцна со растењето добиваат кафеава боја. Кога процесот на растење завршува и стануваат зрели единки, добиваат црна боја на телото. Телото им е поделено на три дела: глава, на која се наоѓаат две антени, гради  и стомак, кој одозгора делумно е прекриен со еден пар крила. Имаат три пара на нозе кои им овозможуваат прилично брзо движење. Возрасните единки набљудувани во кошницата можат да се видат само одозгора, со збиен труп на кој не можат да се забележат нивните антени и нозете.

    02_FAI_Aethina_tumida

    Развојот им се состои од три циклуси: јајце, ларва и нимфа. Јајцата се слични на оние на пчелната матица, но нешто помали. Имаат бисерно бела до проѕирна боја, широки се 0,29 милиметри, а долги 1,4 милиметри. Женките  ги несат јајцата во пукнатините на кошницата, на дното по празното саќе, па дури и врз ќелиите со полен и пчелно легло. Женките можат дури и да го прегризаат капачето со кое е запечатена ќелијата и внатре да снесат јајца. Јајцата, обично се снесени без ред и се расфрлани во групи. Една женка несе до 1000 јајца во текот на животот.

    03_FAI_Aethina_tumida

    За 4 дена од јајцата излегуваат ларви кои вееднаш се хранат со медот, поленот и пчелното легло. Ларвите се слични со ларвите на восочниот молец и можат да се распознаат по боцките распоредени долж целиот грб и трите пара на нозе на предниот дел. Ларвите на восочниот молец немаат боцки и имаат 3 пара нозе на предниот дел и 4 пара на куси и неразвиени нозе на задниот дел од телото. Ларвите на кошничката бубачка имаат кремасто до бледо златна боја. За 10-16 дена ларвите излегуваат надвор од кошницата во форма на кукла, каде се доразвиваат. Најчесто се закопуваат во земјата и тоа на растојание најмногу до 180 цм од кошницата од која излегле. Остануваат 3-4 недели во земја на длабочина до 10 цм, а потоа како возрасни единки напаѓаат други кошници, водејќи се по многу добро развиеното чувство за мирис.

    04_FAI_Aethina_tumida07_FAI_Aethina_tumida

    Возрасните единки се многу добри летачи и можат да се рашират на други семејства многу лесно. Способни се да летаат со излезените роеви и да ги следат до нивното ново живеалиште. Животниот век им трае 6 месеци, а за една сезона во пчелното семејство можат да созреат неколку генерации на бубачки. Престануваат со репродукција во текот на зимата, која возрасните единки ја поминуваат веднаш покрај пчелното клубе.

    Пчелите не се способни сами да ги исфрлат возрасните бубачки од кошницата, а нивниот цврст оклоп е отпорен на пчелните убоди. Често пчелите ги втеруваат бубачките во тесните делови од кошницата и нејзините пукнатини, мислејќи дека таму ќе ги изолираат и заробат. Но бубачките имаат добро развиена способност да ги користат своите антени со кои многу вешто глумат трутови кои молат за храна од своите пчели чувари. На овој начин пчелите чувари многу лесно се измамени и ги хранат своите заробеници. На овој начин бубачките можат да преживеат долг период во заробеништво.

    Кога бубачките ќе снесат многу јајца низ саќето со мед и легло, медот станува воденаст, лигав и растопен. За разлика од молецот, бубачките не прават пајажинести ходници по саќето. При преголема дефекација низ саќето со мед, на саќето се развиваат мувли, медот ферментира, се расипува и растекува по целото саќе, што може да предизвика матицата да престане со несење и да дојде до пропаѓање на семејството.

    06_FAI_Aethina_tumida

    Најзагрозени се слабите семејства, но дури и силните друштва не успеваат да се одбранат од нападите на бубачката. Нуклеусите па дури и оплодниците се исто така мета на бубачката. Доколку рамките со мед се извадат од кошниците и се остават на одложено време за цедење во пчеларската куќичка, лесно може да бидат нападнати од бубачката. Медот во кој има фекалии од бубачката, а е центрифугиран, доколку се даде на пчелите тие ќе го одбиваат, а поради вкусот не е добар ни за човечка исхрана, па затоа не треба да се меша со друг мед.

    Дијагнозата за инфекција од бубачката се поставува врз основа на визуелен преглед на саќето, пукнатините на кошницата и најтемните и најнедостапни места во неа. При подигањето на поклопната даска, на нејзината долна страна можат да се забележат бубачките како трчаат. Можат да се видат и на рамконосачите и на површината од саќето. Бубачката не поднесува светлина и тоа е еден од најлесните начини за докажување на нејзиното присуство. Ако сакаме да провериме дали има бубачки во спратовите, се превртува капакот од кошницата и се става на земја. Врз него се става спратот и се продолжува со вообичаените активности и работа на пониските спратчиња на истата или на нова кошница. За десетина минути, се крева спратот и доколку има бубачки тие ќе се забележат како трчаат по капакот, барајќи заштита од светлината. Друг метод е кога во задниот дел од кошницата на подот ќе се стават парчиња дебел картон на кој ќе му се искине едниот слој хартија (да останат само ребрата). Бубачките, криејќи се од пчелите влегуваат во шуплините и лесно ќе можат да се забележат.

    Доколку постои сомневање за присуство на бубачката на пчеларникот, потребно е да се известат надлежните служби или примерок од сомнителните бубачки, ларви или содржина да се стави во алкохол или стерилен сад и да се однесат во надлежна лабораторија.