Категорија: Хербариум

  • Ловорот обезбедува полен, нектар, но штити и од вароа

    Ловорот обезбедува полен, нектар, но штити и од вароа

    [dropcap]Л[/dropcap]оворот (Laurus nobilis) е билка која егзистира во услови на медитеранска клима. Тоа е повеќегодишна зимзелена билка, со тесни, зашилени и паренхиматозни листови. Расне во облик на грмушка или дрво во висина од околу 10 метри. Листовите содржат етерични масла поради кои ова растение има пријатен мирис. 50% од етеричните масла отпаѓа на цинеолот, а остатокот од маслата го сочинуваат метилеугенолот и терпинацетатот. Цветовите на ловорот се дводомни, групирани се во соцветија и се бледо-жолто обоени. Плодовите се во вид на бобинки со модра боја.

    lovor

    Ловорот цвета од почетокот на април до средината на мај. Пчелите со задоволство ги посетуваат цветовите богати со полен и нектар. Поради физиологијата на цветовите, само машките цветови на ловорот продуцираат полен, додека нектарот го има и кај машките и кај женските ловорови цветови. Карактеристично за поленот од ловор е што тој содржи поголем процент на вода (над 30%). Поради специфичната анатомија на цветовите, нектарот го има само во периоди на убаво и мирно време, во спротивно ветровите, дождот или силното сонце делуваат неповолно врз цветовите и брзо го отстрануваат нектарот од нив. Поради одбранбените обиди на ловорот да го заштити и да го сочува нектарот од лесното испарување, нектарот може да има различна вискозност, понекогаш е премногу вискозен, а понекогаш содржи и молекули на пектин поради што значително може да биде отежнато испарувањето на водата во текот на зреењето на медот. Во регионите на Медитеранот каде се добиваат поголеми количини на мед од ловор, медот се карактеризира со зеленкаста боја со златен сјај, леплив е повеќе од останатите видови на мед, при вкусување е многу сладок, но се чувствува горчлива нота, а оддава мирис на згмечени свежи зелени листови со примеси на мирис на лимон.

    Есенцијалното масло, дериват на листовите на ловорот се покажало како успешно средство за еколошка борба против вароата. Уништувањето на вароата со успех од  71% е показател дека во иднина сериозно треба да се смета на есенцијалното масло од ловор во борбата против крлежите. Маслото од ловор има уште една успешна примена во пчеларството-ефикасно делува против восочните молци. Во лабораториски услови биле елиминирани дури 95% од молците. При третманите со ловорово масло не се забележани никакви штетни последици по пчелите.

  • Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    [dropcap]П[/dropcap]амукот како индустриска култура е сè повеќе баран на светските пазари. Наоѓа примена во индустријата за производство на масло за исхрана, во текстилната индустрија, во индустријата за производство на сточна храна, а како растение кое се карактеризира со добра продукција на нектар, значајно е и во пчеларското производство. За разлика од минатото, односно во 70-тите години на ХХ век кога памукот кај нас бил застапен на површина од околу 10 000 хектари, денес е посеан само на десетина хектари. За разлика од кај нас, во Грција под памук се наоѓаат површини од околу 240 000 хектари, и во тамошните региони памукот претставува сериозна пчелна паша и добар извор на нектар и полен. На сериозни приноси на мед од полињата со памук, можат да сметаат и во Египет, Судан, САД, Сирија, Португалија, Шпанија, Кина и др.

    Памукот во нашиот регион цвета од средината на јули до септември. Карактеристично за цветот на памукот е што има екстрафлорални нектарии кои започнуваат со лачење на нектар уште додека цветот не е целосно отворен, а нектарењето потоа продолжува и кога цветот е отворен и трае се додека цветот не зарумени. За да го наполни медниот желудник со нектар, една пчела треба да посети околу 100 цветови на памук. Бидејќи памукот е растение за чие одгледување се користи поголемо количество на вода, медот од него е светол, редок, без посебно истакната арома и брзо кристализира. Поради брзата кристализација на медот од памук, овој мед не е пожелен во кошницата со зазимени пчели.

    med-pamuk
    мед од цветови на памук

    Памукот се покажал и како добар извор на полен, но памуковиот полен има ниска протеинска вредност, па кога пчелите имаат можност да посетуваат други растенија кои истовремено лачат полен, површините со памук остануваат запоставени.

    Употребата на пестициди врз насадите со памук, може да биде причина за масовно труење на пчелите, па сè повеќе се води сметка за изнаоѓање на алтернативни начини за заштита на насадите со памук, едуцирање на одгледувачите на памук за термините на прскање, како и навремено известување и предупредување на пчеларите доколку се употребуваат одредени хемиски препарати.

  • Полен од пченка за пчели на диета

    Полен од пченка за пчели на диета

    Пченката е меѓу најраспространетите и најкорисни житни култури. Наоѓа широка примена во прехранбената индустрија, сточарството и многу други индустриски гранки. Но колку е корисна и за пчелите?

    Иако пченката се опрашува со ветар, поради што нема механизам за да делува атрактивно кон пчелите и не лачи нектар, тие од неа можат да соберат значително количество на полен. Причината за собирање на големо количество на полен се крие токму во природата на опрашување и во градбата на прашниците на пченката. Кога пчелите летаат и собират полен низ полето со пченка, поради сечењето на воздухот, влакненцата на нивното тело се наелектризируваат, па испуштените зрнца полен од прашниците, наменети за ветарот, се залепуваат на телото на пчелата. Внесувањето на полен позитивно влијае врз матицата и пчелната заедница, но иако е собран во големо количество, поленот од пченка ја нема ниту минималната протеинска хранлива вредност која им е потребна на пчелите. Нивото на протеини во пченкарниот полен изнесува 14,9%, што е далеку од 20%, минималната протеинска вредност која нутритивно ги задоволува пчелите.

    129309187

     Зрнца на полен од пченка под електронски микроскоп

    Поради оваа причина, не треба да се дозволи главен извор на полен за пчелното семејство да биде пченката. Во спротивно, пчеларот ќе има пчели кои ќе живеат пократко од вообичаено, тешко ќе се справуваат со напорите во текот на медоберот и полесно ќе заболуваат од ноземоза и други инфекции. Добра опција е пчеларот да го собира поленот од пченка, соодветно да го складира и во текот на зимскиот период или рана пролет да го даде повторно на семејството, но измешан со соино брашно.

  • „Дрво мозок“ – многу полен, малку пчели

    „Дрво мозок“ – многу полен, малку пчели

    [dropcap]Д[/dropcap]рвото мозок (Maclura pomifera) е листопадно дрво кое потекнува од Северна Америка. Името го добило поради изгледот на плодот кој личи на мозок. Коњско јаболко, мајмунска топка, Осаги јаболко, се имињата под кои уште може да се сретне ова дрво. Кај нас започнало да се сади во експериментални цели некаде во средината на 20-ти век. Расте до 12 метри во височина, а по целата површина е обраснато со цврсти и многу остри трња. Расте на сончеви и оцедливи места. Дрвната маса е многу квалитетна, цврста  и доста калорична при горење. Ова дрво во минатото имало широка лепеза на корисни функции. Успешно било користено како ограда за коралите и имотите. Се користело како добра заштита од ветар и ерозија. Племето Осаги, но и многу други домородечки индијански племиња, го користеле за изработка на лакови за лов. Минувале и по стотици километри за да го наберат, а доколку неможеле да дојдат до него, за еден лак од ова дрво, тргувале со еден добар коњ и едно ќебе. Има машки и женски цветови, распоредени на одделни дрвја. Цвета на крај од месец мај и почеток на јуни. Поленот е темно жолт до зелен и го има во изобилство. Во убави денови, ако се затресе гранка од ова дрво со цветови во полн цвет, може да се направи мала „димна завеса“ од полен. Иако дава доста полен, не може да се забележат голем број на пчели по цветовите. Можеби причината лежи во тоа што периодот на цветање на дрвото мозок се поклопува со цветањето на доста поатрактивни билки за пчелите. Во доцна есен, при топли денови, пчелите често знаат да се собираат и да шмукаат сок од паднатите плодови, кои веќе започнале да ферментираат. Плодот е доста атрактивен и потсетува на портокал, но ова дрво нема никаква блискост со портокалот. Плодот може да се јаде и не е опасен за човечкото здравје, но поради присуството на еден вид на млечно-леплив сок на база на латекс, воопшто не е вкусен и пријатен за јадење. Се смета дека плодот бил омилената храна на неколку изумрените видови како што се мамутите, гигантските мрзливци и мастодоните, а денес најчесто го јадат коњите и говедата, кај кои  постои опасност од задавување со овој плод. Ситните и многу на број семки исто така можат да се јадат од човекот, а истите се омилена храна и за верверичките. Постои мислење дека плодот содржи состојка која делува репелентно кон одредени инсекти, но ова дејство сеуште се докажува. Според некои, екстрактот од плодот и од семките е делотворно средство против разни видови на канцер, а помага и кај Алцхајмерова болест.IMG_20140521_170843

  • Бела лобода-извор на полен во вистинско време

    Бела лобода-извор на полен во вистинско време

    [dropcap]Б[/dropcap]елата лобода (Chenopodium album) е билка од родот Chenopodium. Ја има во изобилство по напуштените ниви, нивите засадени со разни поледелски култури, бавчите и покрај патиштата. Се смета за коровска билка. Во Индија е култивирана и се одгледува како зачинска билка. Кај нас за јадење обично ги користат листовите и младите изданоци, но поради оксалатите кои ги содржи, треба да се конзумира умерено. Содржи големи количини и на витамин А, С, калиум, калциум и магнезиум. Во височина расте до 1,5 метри, а некогаш и повисоко. Листовите близу кореновата основа имаат форма во вид на дијамант и долги се до 7 cm, додека оние од средината кон врвот имаат ромбовидна форма и се благо назабени. Цвета во крајот на август и почеток на септември и дава доста полен. Цветањето на лободата е најчеста причина за појава на поленска алергија кај луѓето во тој период од годината. Пчелите со задоволство ги посетуваат цветовите од белата лобода од кои за кусо време собираат доста полен со темно жолта до светло маслинеста боја. Цветањето на белата лобода во отсуство на други поголеми извори на полен е добредојдено за пчелите и тие со задоволство го искористуваат тоа. Семето содржи доста сапонини и треба умерено да се користи. При исхрана на кози со концентрирана храна во која имало додадено и семе од лобода, забележан е зголемен процент на плодност. Кај луѓето, умерено конзумирање на семето делува благо лаксативно и го прочистува дигестивниот тракт.

  • Здравец-виновникот за црниот полен во кошницата

    Здравец-виновникот за црниот полен во кошницата

    [dropcap]З[/dropcap]дравецот (Geranium molle) е мала зелјеста билка која расте до 30 cm во височина. Расте покрај патишта, запуштени ниви и градини. Има широки и округли ливчиња засечени со 5-9 засеци и обложени со многу куси и фини влакненца. Цвета од април до јуни, а цветовите се розево до виолетово обоени. Пчелите често го посетуваат и го сакаат поради нектарот и  поленот.  Поленот од здравец има карактеристична црна боја. Здравецот содржи доста етарско масло, танин и холин. Во народната медицина се користи за лечења на воспаление на слузницата на дигестивниот тракт.