Ознака: восочни основи

  • Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    [dropcap]И[/dropcap]стражувањето под наслов „Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија“ презентирано во вид на постер презентација која проф. д-р Хрисула Кипријановска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје со своите студенти Мирољуб Голубовски и Мирослав Трајковски ја претставија на Апимондија 2017 во Истанбул, Турција, го анализира производството на мед и останатите пчелни производи и нивниот пласман во Република Македонија. Анализата е изработена врз основа на податоците од Светската организација за храна (ФАО), Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот завод за статистика  и податоци од анонимна анкета спроведена меѓу пчеларите во државава.

    Според истражувањето, првите официјални податоци за производството на мед во Република Македонија се оние според ФАО и датираат од 1992 година. Во периодот од 1992 до 2015 година производството на мед во Македонија бележи големи осцилации (од 1608 тони во 1992 год. до 603 тони во 2012 год.). Во овој период забележани се осцилации и кај бројот на кошници со пчели, од 77600 во 1992 год. до 53439 во 2009 год. со просечно производство на мед од 14 кг. по пчелно семејство. Произведениот мед генерално се пласира на домашниот пазар, главно преку продажба „од врата на врата“, потоа преку продажба на зелените пазари и преку продажба „на големо“ на откупувачите на мед. Просечната цена на медот во малопродажба е 5,7 евра/кг, а при откуп на големо цената изнесува 3,7 евра/кг. Според студијата, кај нас има 7 регистрирани капацитети за производство, преработка, откуп и пакување на мед. Тие се исто така и извозници и увозници на мед.

    Анализата на производството и продажбата на останатите пчелни производи во Република Македонија е направена врз основа на податоци собрани преку анонимни прашалници пополнети од македонските пчелари. Собраните и преработени податоци покажуваат дека 72% од пчеларите произведуваат пчелен восок, 32% произведуваат полен, 26% произведуваат матичен млеч, 60% произведуваат прополис и ниту еден не произведува пчелен отров. Според податоците, во Република Македонија годишно се произведуваат околу 10 тони восок, околу 2,5 тони полен, 100 кг матичен млеч и 1,5 тони прополис. Анализата вели дека цените на пчелните производи се движат од 2,4 до 5,7 евра/грам матичен млеч, 26 евра/кг полен, во просек 37,4 евра/кг прополис, 5,7 до 6,5 евра/кг претопен восок и 9,7 евра/кг изработени восочни основи.

  • Чистиот парафин во восочните основи не е закана по пчелите

    Чистиот парафин во восочните основи не е закана по пчелите

    [dropcap]Г[/dropcap]радењето на саќе е едно од основните обележја на медоносните пчели и многу битно за развојот на пчелните друштва. Саќето е неопходно за одгледување на потомството и за складирање на храната. Редовното менување на саќето е составен дел од добрата пчеларска пракса. Оваа постапка ги подобрува хигиенските услови во кошницата што е неопходно за здрави пчелни семејства. Старото саќе често може да содржи патогени и да претставува извор на инфекции. Исто така може да содржи и остатоци од хемиските препарати користени во борба против вароата или остатоци на токсични пестициди користени во земјоделството, а внесени од пчелите при процесот на собирање на храна. Замената на старото саќе се врши со нови восочни основи кои би требало да бидат изградени од чист восок. Но често пчеларите се сведоци на неправилно изградени восочни основи, одбивање на пчелите да го градат саќето на основите, делумно или бавно градење на основите, што е причина за забавување на развојот на пчелните семејства, пропуштање на одредени медоносни паши и економски трошоци. Главната причина за овие појави, според пчеларите е лошиот состав на материјалот од кој се изградени восочните основи, а сè со цел одредени производители да остварат поголем профит. Содржината која освен восокот како неопходна суровина за изработка на основите, вклучува и разни растителни восоци, восоци и парафини од нафтената индустрија, стеарин и сл. Од ваквите состојки, парафинот помеѓу пчеларите важи како најнепожелна супстанција во восочните основи. Но колку навистина парафинот содржан во восочните основи влијае врз градењето на саќето и развојот на пчелното семејство?

    За испитување на влијанието на восочните основи збогатени со парафин врз пчелите, Одделот за пчеларство при Институтот за земјоделство во Пулави, Полска, спровел двегодишен експеримент од 2010 до 2011 година. За потребите на експериментот биле изработени сатни основи од чист восок и восок помешан со парафин во однос од 10%, 30% и 50%. Матиците сместени на изолатори од по три рамки на кои на половина од рамките биле поставени контролни основи направени од чист восок, а на другите половини основи со наведениот процент на парафин, биле поставени во 7 експериментални класични Дадант-Блатови сандаци. Во експериментот биле набљудувани неколку параметри: брзина на градење на основите, зафатнина на леглото и развој на леглото и изведување на млади пчели.

    Се покажало дека не постои некоја разлика во однос на динамиката на градење на различните восочни основи. Саќето било градено со приближна динамика, а ќелиите биле правилно градени и со вообичаените димензии.

    графикон
    Динамика на градење на саќето

    Што се однесува до површината на леглото (отворено и затворено легло) и овде не биле забележани големи разлики. Матицата подеднакво ги занесувала сите ќелии од саќето со различен состав.

    графикон2
    Површина на саќе со легло (отворено и затворено)

    Подоцна кога почнало изведување на младите пчели, не се забележани никакви нарушувања на овој процес. Немало никаква смртност, ниту било какви аномалии кај новоизведените пчели.

    графикон3
    Површина на саќе од кое се извеле пчели работнички

    Според некои автори веќе било познато дека пчелите без никаков проблем толерираат и над 40% парафин во восочните основи, а експериментот на Институтот во Пулави само го потврдува тоа. Но од институтот наведуваат дека нивниот научен труд го потврдува нештетното влијание само на чистиот технички парафин (LTP 56/25) кој бил користен за целите на експериментот и дека ги исклучуваат дејствата на останатите парафини со разни хемиски состави и чистота, кои можат да се најдат во промет и чии ефекти врз пчелите се непознати.

  • Повеќенаменска пчеларска работна маса-Би Мастер Плус

    Повеќенаменска пчеларска работна маса-Би Мастер Плус

    [dropcap]М[/dropcap]ултифункционалната пчеларска работна маса е изум кој доаѓа од нашиот јужен сосед, а е патентиран од Антонис Антонијадис. Патентното име на оваа нова технологија која треба да се избори за место во пчеларските работилници е Би Мастер Плус. Функциите на Би Мастерот се наменети за пчеларските рамки и дозволуваат истовремено на него да се извршуваат повеќе активности како што се внитнување на рамките, нивно вжичување и вметнување на восочни основи.

    Некои пчелари сметаат дека нема ништо посебно оригинално во оваа направа и дека неоснован е потегот да се патентира склопот од веќе досега откриени пчеларски алатки. Сепак времето ќе покаже дали и колку оваа алатка ќе биде прифатена од пчеларите. Колку иновативност и оригиналност има во Би Мастер Плус оценете и Вие преку видеото подолу, преку кое се прикажани начинот на работа и можностите кои ги нуди оваа направа.