Ознака: полен

  • Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    [dropcap]И[/dropcap]стражувањето под наслов „Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија“ презентирано во вид на постер презентација која проф. д-р Хрисула Кипријановска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје со своите студенти Мирољуб Голубовски и Мирослав Трајковски ја претставија на Апимондија 2017 во Истанбул, Турција, го анализира производството на мед и останатите пчелни производи и нивниот пласман во Република Македонија. Анализата е изработена врз основа на податоците од Светската организација за храна (ФАО), Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот завод за статистика  и податоци од анонимна анкета спроведена меѓу пчеларите во државава.

    Според истражувањето, првите официјални податоци за производството на мед во Република Македонија се оние според ФАО и датираат од 1992 година. Во периодот од 1992 до 2015 година производството на мед во Македонија бележи големи осцилации (од 1608 тони во 1992 год. до 603 тони во 2012 год.). Во овој период забележани се осцилации и кај бројот на кошници со пчели, од 77600 во 1992 год. до 53439 во 2009 год. со просечно производство на мед од 14 кг. по пчелно семејство. Произведениот мед генерално се пласира на домашниот пазар, главно преку продажба „од врата на врата“, потоа преку продажба на зелените пазари и преку продажба „на големо“ на откупувачите на мед. Просечната цена на медот во малопродажба е 5,7 евра/кг, а при откуп на големо цената изнесува 3,7 евра/кг. Според студијата, кај нас има 7 регистрирани капацитети за производство, преработка, откуп и пакување на мед. Тие се исто така и извозници и увозници на мед.

    Анализата на производството и продажбата на останатите пчелни производи во Република Македонија е направена врз основа на податоци собрани преку анонимни прашалници пополнети од македонските пчелари. Собраните и преработени податоци покажуваат дека 72% од пчеларите произведуваат пчелен восок, 32% произведуваат полен, 26% произведуваат матичен млеч, 60% произведуваат прополис и ниту еден не произведува пчелен отров. Според податоците, во Република Македонија годишно се произведуваат околу 10 тони восок, околу 2,5 тони полен, 100 кг матичен млеч и 1,5 тони прополис. Анализата вели дека цените на пчелните производи се движат од 2,4 до 5,7 евра/грам матичен млеч, 26 евра/кг полен, во просек 37,4 евра/кг прополис, 5,7 до 6,5 евра/кг претопен восок и 9,7 евра/кг изработени восочни основи.

  • Нуклеус или пакетен рој?

    Нуклеус или пакетен рој?

    Оние кои сакаат да започнат со пчеларење или пак оние кои веќе пчеларат, но се ограничени преку капацитетите на својот пчеларник да го зголемат бројот на пчелни семејства, најчесто имаат можност да набават пчелни роеви складирани во два облика: пчели спакувани во пакет-пакетен рој или пчели сместени на неколку рамки-нуклеус. Очигледно дека овие две форми на понуда на пчелни семејства нудат одреден ценовен компромис и за продавачот и за купувачот, но исто така овозможуваат вака набавените пчели, при разумни услови успешно да се развијат и барем најмалку да ја дочекаат зимата како комплетно развиено пчелно семејство. Пакетните роеви и нуклеусите имаат одредени свои предности, но и недостатоци.

    Пакетен рој подразбира одредена количина на пчели истресена од една или повеќе продуктивни кошници, спакувани во кутии од картон или дрво во комбинација со ситна мрежа. Тежината на истресени пчели во еден пакетен рој најчесто изнесува 1,2 килограми. Во пакетот со истресени пчели се додава и млада спарена матица сместена во кафез. Во одредени случаи пакетот вклучува и хранилка за течна прихрана на пчелите. Голема предност на пакетните роеви е тоа што можат да се инсталираат во било кој тип на кошница. Позитивно е и тоа што кај пакетните роеви нема никакви хемиски или биолошки агенси кои вообичаено се задржуваат во саќето. Пакетните роеви се нешто поевтини од нуклеусите, но многу ретко можат да се најдат во понудата на нашите пчелари. Треба да се нагласи дека формирањето на пакетните роеви претставува стрес за пчелите кој може различно да влијае на новосоздадениот рој.

    Предности и недостатоци на пакетните роеви:

    [cs_table id=”1″]

    Нуклеусот вклучува 5 рамки од кои 3 се со легло, а 2 се со полен и мед. Предноста кај нуклеусите е тоа што матицата веќе е прифатена, несе јајца и слободно може да се види квалитетот на нејзиното легло. Пчелите во нуклеусот се со различна возраст и си ја знаат својата улога во семејството, што ги става неколку недели во предност пред развојот на пчелите од пакетниот рој. Поради залихите на полен и мед на пчелите во нуклеусот не им е потребна дополнителна прихрана. Нуклеусите со различен тип на рамки се во понудата на секој комерцијален пчелар кај нас. Меѓу малкуте недостатоци кај нуклеусите е можноста за присуство на болести, штетници и остатоци од штетни хемиски агенси во саќето.

    Предности и недостатоци на нуклеусите:

    [cs_table id=”2″]

  • Поставување на градежна тест-рамка

    Поставување на градежна тест-рамка

    [dropcap]О[/dropcap]д многу битно значење за пчелното семејство после првиот пролетен преглед е да биде во режим на постојана работа. Затоа, при првиот преглед, во слободниот простор ја ставам тест рамката за контрола на работата на пчелите градителки…

       

    која подоцна може да биде искористена како рамка за биолошки метод за борба против вароата.

    Од голема важност е обезбедувањето на слободен простор за пчелите градежници, бидејќи на тој начин тие се ослободуваат од восочните кристалчиња, што е еден од условите да не започне роидбениот нагон.

    После извршената операција на додавање на тест рамката (во мојот случај 10-ти март), на 23-ти март направена е првата контрола на извршената работа, при што се гледа дека пчелите градежници почнуваат да ја влечат поставената тест-рамка.

    test ramka zapocnata

    При втората контрола на тест рамките (7 април), се гледа дека пчелите градителки кои се стари од 12-тиот до 18-тиот ден се многу вредни, односно се ослободиле од своите восочни кристалчиња, а со тоа и обезбедиле на матицата да го шири слободно своето легло, а останатите пчели да имаат континуирана работа без застој, што се гледа од фотографијата и се гледа дека тест рамката има трутовски ќелии и е нанесена со легло.

    nanesena test ramka

    Проверка на уште една пчелна заедница…

      

    при што се гледа дека трутовските ќелии се занесени со легло, а ова покажува дека пчелките градителки биле цело време ангажирани во текот на месец март, што претставува еден од главните фактори пчелната заедница да не влезе во роев нагон, но сега тест рамката ќе ни послужи како рам градежник за биолошка борба против вароата, при што на овој начин може да се уништи 30% од вароата.

    Потсетување низ фотографии за биолошкиот метод на борба против вароата:

    Тест рамките:

    ramki gradeznici 1 ramki gradeznici 2

    Поставување на тест рамката како претпоследна рамка помеѓу рамката со отклопен мед и рамката со полен…

    gradezna ramka na pretposledno mesto

    Млади пчели (Градителки) стари од 12 до 18 ден, на кои им се развиени восочните жлезди…

    mladi pceli graditelki mladi pceli graditelki 2 mladi pceli graditelki 3

    Изградени трутовски ќелии на кои има трутовско легло…

    kelii so trutovsko leglo

    Вароата полека се вгнездува во трутовското легло…

    varoa na trutovsko leglo varoa na trutovsko leglo2

    Затворено трутовско легло во кое е намамена вароата. Овој рам го вадиме…

    zatvoreno trutovsko leglozatvoreno trutovsko leglo 2

    и со извлекување на куклите се гледа дека вароата се наоѓа во ќелиите со трутовско легло…

    izvlecani trutovski kukli izvleceni trutovski kukli 2 izvleceni trutovski kukli 3 izvleceni trutovski kukli 4 izvleceni trutovski kukli 5

     

    Фотографии: Марјан Петровски

  • Сè за првиот пролетен преглед

    Сè за првиот пролетен преглед

    [dropcap]10[/dropcap]-ти Март 2013 година, град Скопје, просечна надморска висина 250 метри, температура на воздухот 20 степени.

    Убав пријатен сончев ден, ливадите почнуваат да се будат со своите прекрасни цветови…
     

    Леската е прецветана…

    Цветањето на врбата е на почеток, а пчелите тоа масовно го искористуваат…

      

    Работите околу кроењето на дрвјата се завршени…

      

    …а тоа е знак дека можеме да го започнеме првиот пролетен преглед.

    За пчелните семејства да имаат правилен развој, должноста на пчеларот е да го изврши  првиот пролетен преглед, како би се утврдила состојбата на пчелните семејства врз основа на што ќе се превземат неопходните работи .
    Првиот пролетен преглед се врши кога временските услови го дозволуваат тоа како не би дошло до настинување на леглото .

    Работи што треба да ги извршиме и констатираме на првиот пролетен преглед се:

    здравствената состојба на пчелните семејства, оценка на нивната јачина, со колку улици располагаат, колку рамови на легло имаат, залихата на храна, присутноста на матицата, каде е концентрирано друштвото (лево–централен дел-десно) итн.

    Јас ќе се осврнам на мојот начин на работа, односно како го вршам првиот пролетен преглед зависно од условите кој ги дозволува природата и јачината на пчелните семејства.

    Прво вршам визуелен преглед на пчелните семејства, односно ја гледам нивната полеталка и нивното однесување, односно гледам дали пчелите излетници носат полен, a тоа е знак дека во пчелното семејство има легло, групирањето на пчелите пред летото, значи дека  матицата е присутна и со добар феромон, пчелите излетници имаат одлучен лет и при враќањето во кошницата со директен лет влегуваат во отворот што претставува добра особина и нема задржување пред летото, односно летот е одлучен и имаат континуирана работа…

    На сликата се гледат пчелни семејства кои се зазимени со горно лето односно се гледа дека во пролет масовно го употребуваат горното лето и со директен лет влегуваат во отворот, што е карактеристика за присутност на матица и добри пчелни семејства…

     

    Една од главните работи  во пролет е  чистење и дезинфекција  на подниците за да се олесни на пчелите да не се задржуват на овие работни активности…

    …активирање на хигиенска поилка…

     

    За првиот пролетен преглед е многу важно да се види и внатрешноста на кошницата, односно јачината на друштвото, на колку улици е пчелното семејство, состојбата со храна, колку рамки со легло, здравствената состојба, позицираност на семејството (лево–центар-десно), квалитетот на леглото–шарено легло и др…

    За таа цел го отварам друштвото…

    pregled hrana

    и се гледа дека додадената погача одлично ја земаат, што е прв знак дека се работи за здраво пчелно семејство.

    Полека ја вадам погачата.

    Чистите рамки, укажуваат на тоа дека пчелното семејство добро ја поминало зимата односно нема знаци на пролив – нозема, семејството правилно е раширено на 7 улици пчела, позицирано во централниот дел и пчелите се мирни, на удар во сандакот пчелите нагло престануваат со бучењето што укажува на присутност на матица.

    Да ја погледнеме и состојбата со храна и легло…

    pregled hrana 2

    Прва рамка со мед …

    prva ramka

    Втората рамка е со мед и малце полен…

    vtora ramka

    Третата рамка е со полен и мед…

    treta ramka

    Четвртата рамка има присутно легло, полен и на задниот дел мед…

    cetvrta ramka

    Петата рамка има легло, полен и мед…

    peta ramka

    Шестата рамка е со легло, полен и мед…

    sesta ramka

    Седмата рамка е со полен и мед, но на внатрешниот дел кај поленот се гледа присутно и на легло…

    sedma ramka

    Осмата рамка е со полен и мед…

    osma ramka

    Подигнатите рамки се со легло…

    krenati ramki

    Констатирав дека ова пчелно семејство има 7 улици со пчела и 3 рамки со легло со започнато легло на четвртиот рам, друштвото е правилно распоредено во централниот дел, локацијата на леглото се наоѓа пред летото, леглото е компактно односно нема шарено легло, рамките се чисти, однесувањето на пчелите укажува дека матицата е со добар феромон и присутна во пчелното семејство.

    Овие забелешки ги впишувам во дневникот за водење на евиденција.

    По констатирање на состојбата на пчелните семејства, пристапувам кон работите кои се неопходни за правилен развој на пчелното семејство.

    Врз основа на условите кои ги диктира природата и состојбата на пчелното семејство со оглед дека внесот на полен во овој период е голем, а со тоа што уште не е расцветана сливата џанка, може да дојде до опасност од блокирање на матицата  што може да доведе до спор развој, но и во подоцнесниот период на месец март може да започне нагонот за роење во кој завршува во месец мај со излегување на ројот.
    За да не дојде до  наведените последици, а пчелното семејство да има континуиран развој, а и наведениот показател ме наведува на тоа, почеток на цветање на кајсијата…

    ќе ја извршам следната операција:
    1. Бидејќи внесот на полен е доста голем, а со цел да не би дошло до блокирање на  матицата, меѓу рамката со полен и рамката со легло ставам кафеав рам попрскан со шербeт во кој има повидон јод:

     

    2. Од многу битно значење  за пчелното семејство во овој период е да биде во режим на постојана работа, затоа на пчелното семејство треба да се изврши стимулативна прихрана, и за таа цел ја вадам крајната рамка со мед, го отварам медот…

    …и ја поставувам на крај, односно одалечена за една рамка, овозможуваќи со тоа слободен простор, со што пчелите ќе го повлечат медот односно ќе го искористат како стимулативна исхрана…

    Откога пчелите ќе го повлечат медот од стимулативната рамка, оваа рамка подоцна се додава за проширување, но од другата страна до леглото.

    Во слободниот простор ја ставам и тест рамката за контрола на работата на пчелите градителки…

       

    која подоцна може да биде искористена како рамка за биолошка метода за борба против вароата.

    Слободниот простор е многу битен да го осетат пчелите градежници како би се ослободиле од восочните кристалчиња, што е еден од условите да не започне роидбениот нагон.

    На ова пчелно семејство е извршена и ротација за 180 степени  за  медот да дојде во положба пред летото, каде што пчелите брзо ќе го отклопуваат и ќе го пренесуваат на страничните позиции овозможувајќи слободни ќелии во кои матицата ке ги положува јајцата.

    Со оваа операција е извршено проширување на леглото, додадена е стимулативна прихрана со мед, овозможен е слободен простор кој е многу битен да го осетат пчелите градежници и многу важно е што  пчелниото семејство е доведено  на 7 рамки, не сметајќи ја тест рамката и рамката за стимулативна прихрана.

    Во оваа операција е многу важно леглото да не се разделува, односно да остане компактно.

    РЕЗУЛТАТ ПОСЛЕ ИЗВРШЕНИТЕ ОПЕРАЦИИ

    23.03.2013 година, контрола на извршената работа:

    Поставениот тест рам, пчелите градежници почнуваат да го влечат…

    testna ramka

    Поставената рамка за проширување е нанесена целата со легло кое на предниот дел е затворено, а на задниот дел има дводневни јајца…

    rezultati od manipulacii

    Медот од стимулативниот рам е целосно одземен, односно рамот е сув и по потреба може да се стави меѓу поленот и леглото за проширување односно деблокирање на матицата…

    Да ја видиме позицијата на тест рамката и јачината со легло…

    се гледа дека тест рамот се наоѓа на крајот, а како втора е рамката со полен на кој се наоѓа легло, од другата страна го покажувам рамот кој е додаден за проширување и на кој има веќе нанесено тродневни јаца, така што ова пчелно семејство има 9 рамки легло сметајќи го и тест рамот кој е со трутовско легло.

    Бидејќи пчеларникот ми е одалечен од местото на живеалиште и поради економски причини не можам секој втор ден да давам течна храна (стимулација), а со цел пчелите да имаат постојано континуирана работа, задолжително додавам  погача  за да пчелното семејство не би останало без работа.

    На основа на наведеното, утврдувам дека ова пчелно семејство е многу јако, а до главната паша има уште многу време, затоа превземам итни мерки да обезбедам пчелната заедница да има постојано работа, да има работно расположение, а со тоа да не дојде во роидбен нагон, следната многу важна операција која треба да се направи е изедначување на  пчелните семејства.

    После секој напорна работа, следува заслужен одмор…

    zasluzen odmor

    Фотографии: Марјан Петровски

  • Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    [dropcap]П[/dropcap]амукот како индустриска култура е сè повеќе баран на светските пазари. Наоѓа примена во индустријата за производство на масло за исхрана, во текстилната индустрија, во индустријата за производство на сточна храна, а како растение кое се карактеризира со добра продукција на нектар, значајно е и во пчеларското производство. За разлика од минатото, односно во 70-тите години на ХХ век кога памукот кај нас бил застапен на површина од околу 10 000 хектари, денес е посеан само на десетина хектари. За разлика од кај нас, во Грција под памук се наоѓаат површини од околу 240 000 хектари, и во тамошните региони памукот претставува сериозна пчелна паша и добар извор на нектар и полен. На сериозни приноси на мед од полињата со памук, можат да сметаат и во Египет, Судан, САД, Сирија, Португалија, Шпанија, Кина и др.

    Памукот во нашиот регион цвета од средината на јули до септември. Карактеристично за цветот на памукот е што има екстрафлорални нектарии кои започнуваат со лачење на нектар уште додека цветот не е целосно отворен, а нектарењето потоа продолжува и кога цветот е отворен и трае се додека цветот не зарумени. За да го наполни медниот желудник со нектар, една пчела треба да посети околу 100 цветови на памук. Бидејќи памукот е растение за чие одгледување се користи поголемо количество на вода, медот од него е светол, редок, без посебно истакната арома и брзо кристализира. Поради брзата кристализација на медот од памук, овој мед не е пожелен во кошницата со зазимени пчели.

    med-pamuk
    мед од цветови на памук

    Памукот се покажал и како добар извор на полен, но памуковиот полен има ниска протеинска вредност, па кога пчелите имаат можност да посетуваат други растенија кои истовремено лачат полен, површините со памук остануваат запоставени.

    Употребата на пестициди врз насадите со памук, може да биде причина за масовно труење на пчелите, па сè повеќе се води сметка за изнаоѓање на алтернативни начини за заштита на насадите со памук, едуцирање на одгледувачите на памук за термините на прскање, како и навремено известување и предупредување на пчеларите доколку се употребуваат одредени хемиски препарати.

  • Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    [dropcap]З[/dropcap]а внесувањето на малата кошничка бубачка во Италија постојат неколку теории. Најчесто споменуваната е онаа дека паразитот е внесен преку нелегално внесување на пчели од Африка во Италија. Според некои, бубачката е внесена при транспорт на увезено овошје од северно-африканските земји. Оваа втора теорија и не е невозможна ако се знае дека при еден експеримент е покажано дека малата кошничка бубачка живее, се развива и размножува и при услови на отсуство и недостаток на пчелно саќе, пчелно легло и пчелни производи, односно на одредено овошје, на цветови богати со нектар, па дури и на месо во распаѓање. Иако медот, поленот и саќето со легло нудат и пружаат најдобри услови за развој на бубачката, тие не се есенцијални за нејзиниот опстанок. Бананата, мангото, грозјето и уште неколку слатки овошја, нудат добри услови за опстанок на бубачката, доколку се најде во ситуација да биде лишена од својата претпочитана и идеална животна средина.

    За потребите на експериментот, кој се изведувал на три локации, САД, Австралија и Јужноафриканска Република, возрасни единки и ларви на бубачката се ставени во пластични кутии во кои како медиум користени се парчиња банана, јагодки, парчиња саќе со полен и мед, говедско месо, грозје и манго. За испитување на способноста за опстанување на бубачката врз цветови и исхрана само со нивниот нектар и полен, користени се локални видови на медоносни растенија, сместени во саксии и населени со бубачки. Саксиите и цветовите се замотани во два слоја на мрежа, една покрупна и друга поситна.

    При мерење на резултатите, во различни супстрати забележани се разлики во повеќе параметри. Така, во супстратот од банана забележани се најголем број на снесени јајца и изведени ларви во споредба со саќето со мед и јагодите. Но во споредба со бројот на јајца и ларви во саќето со пчелно легло и јајца (најомилената средина на бубачката) во инфицирана кошница, бројката на јајца и ларви во примерокот со банана е значително ниска.  Во примерокот со месо како единствен извор на храна за бубачката, забележани се многу мал број на снесени јајца и изведени ларви. Најголема смртност на возрасни бубачки е забележана кај грозјето и бананата, додека најдолговечни биле бубачките сместени во средина со саќе со полен и мед и манго. Во супстратите од манго и пчелни производи, бубачките преживеале дури 26 денови. Што се однесува до преживувањето на бубачката врз цветовите, смртта која кај сите бубачки населени на цветовите настапила до 14 ден од експериментот, покажува дека цветниот нектар и полен не се соодветна храна за неа, а цветовите не се средина која бубачката ја претпочита.

    Ваквите сознанија покажуваат дека во отсуство на својата природна средина на паразитирање, малата кошничка бубачка преку алтернативни извори на храна и неприродни средини за нејзино размножување, успева да ја одржи својата популација за извесен временски период, сè до појавувањето на услови во кои може повторно нормално да паразитира. Можеби бројката на популацијата при алтернативното преживување значително ќе опадне, но и малиот број на возрасни единки при инвазија на едно пчелно семејство, за кусо време може да предизвика катастрофа на целиот пчеларник. Затоа, оваа способност за алтернативна исхрана на малата кошничка бубачка треба да се земе секогаш во предвид и истата сериозно да се разгледува.