Степенот на заразеност со вароа кај семејствата во еден пчеларник може да варира во текот на една сезона и помеѓу одделни сезони. Доколку пчеларот знае колкав е бројот на крлежи и колку бргу нивната популација се зголемува, толку полесно ќе одреди каква акција да превземе и како да реагира во одреден случај за да го намали степенот на заразеност.
Еден од основните методи за мониторинг на заразеност со вароа е тестот со валкање на пчелите во шеќер во прав. Овој метод не е скап, лесно се изведува на терен, не е штетен по пчелите и со него може приближно да се оцени степенот на заразеност со вароа.
Механизмот на делување на шеќерот во прав се состои во тоа што ситните гранули од шеќер се лепат на стапалките (емподиуми) на крлежот, тој ја губи способноста да се задржи на телото на пчелата и се откачува од нејзиното тело. Постојат и тврдења дека шеќерот ги стимулира пчелите да го чистат своето тело, па така ги истресуваат и крлежите, а според некои шеќерот на ист начин делува и кај крлежите, кои во обидот да се исчистат од ситните шеќерни зрнца се откачуваат од телото на пчелата.
За изведување на оваа контрола потребно е:
- една тегла од 500 грама, со пластично или метално капаче на кое има поставено метална мрежа
- чашка од 100 милилитри (собира приближно 300 пчели)
- шеќер во прав
- бела хартија и
- лажица
(опционално: бела крпа, бела чинија, кофа со вода, лупа).
За овој метод препорачливо е да се земаат пчели од 3 рамки и тоа од средината на семејството, за да има што повеќе млади пчели. Доколку се изведува во месеци кога има малку легло, доволно е да се земат пчели од една рамка. Се внимава да не се стави и матицата. Чашката со пчели се истура во теглата во која претходно има ставено 2 лажици шеќер во прав и теглата се протресува 1-2 минути. Се внимава при тресењето да не се истура шеќерот и сите пчели да бидат извалкани во него. Се остава теглата 2 минути, а потоа повторно се тресе 1-2 минути. Шеќерот се истресува низ мрежата на капачето, а доколку има крлежи ќе испаднат и тие. За да се избројат полесно паднатите крлежи, обично шеќерот се истура на бела хартија, платно, бел сад или во кофа со вода. Теглата со пчели се истресува се додека од неа испаѓаат шеќер и крлежи. Штом се заврши со истресувањето, пчелите се ослободуваат и неповредени се враќаат назад во кошницата. Се бројат паднатите крлежи и според таа бројка се одредува степенот на заразеност (бројот на паднати крлежи се дели со бројот на тестирани пчели) и се прави план за понатамошни активности.
Препорачливо е тестот да се врши два пати годишно. Првиот тест се прави на пролет, за да се утврди состојбата на семејствата пред почеток на активната сезона. Над 3 истресени крлежи во овој период, е индикатор за превземање на одредена акција. На крај од летото се врши вториот тест, во кој ако бидат истресени повеќе од 12 крлежи, се смета дека тоа семејство е сериозно инфицирано и потребен му е одреден анти-вароа третман.