Осигурување на пчелните семејства

Современото пчеларење се соочува со нови, современи ризици. Наглите климатски промени, промените во биодиверзитетот, појавата на нови болести и штетници во регионите каде што досега природно ги немало, модерните и иновативни медикаментни и превентивни средства, сè поголемата употреба на пестицидите, се само дел од ризиците со кои се соочува модерниот пчелар. А секој пчелар посакува се најдобро за своите пчели, па за да ги заштити пчелните семејства и своето пчеларско производство го користи секој расположив начин. Еден од тие начини кои му стојат на располагање на пчеларот е и осигурувањето.

Осигурувањето на анималното производство кај македонските фармери, според извештаите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, бележи раст. Според Извештајот за обемот и содржината на работа на Друштвата за осигурување за периодот 01.01-31.12.2013, направени се 216 договори за осигурување на домашни животни, додека само во првите шест месеци од 2014 година склучени се 171 осигурителен договор. За жал, не постои информација колку од овие договори се однесуваат на осигурување на пчеларското производство.

Една од компаниите која им излегува во пресрет на пчеларите и која нуди осигурување за пчелните семејства е АД Сава Осигурување. Од таму изјавија дека сите пчелари се добредојдени и дека им стојат на располагање за сите потребни информации.

„Нашата компанија осигурува пчели, односно пчелни семејства, под одредени услови. Пчелите ги вреднуваме 100 евра по едно пчелно семејство. Доколку пчеларот пчелари стационарно, премијата за едно пчелно семејство е 5 евра, а доколку пчелари селидбено, премијата изнесува 7 евра“-за медно.мк изјави Панче Локвенец од Сава Осигурување. Тој додава дека 60% од сумата за осигурување на пчеларникот е покриена од државата, но ова важи за осигурување до 100 пчелни семејства. Локвенец вели дека нивната компанија ги осигурува пчелните семејства од повеќе ризици како што се смрт од болести, група во која освен американскиот гнилеж, вклучени се сите останати пчелни болести, потоа смрт од несреќен случај, каде е опфатено угинувањето од пожар, угушување при транспорт, напад од диви животни и други незгоди.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*