Осите-сериозни непријатели на пчелите

На секој пчелар му е познато дека осите се големи штетници по пчеларникот и во одредени периоди од годината сериозно треба да се размислува за заштита на пчелите од нападите од оси. Осите, за разлика од пчелите, не произведуваат никаква храна и нивниот опстанок се базира на храната собрана од други инсекти или на храна прибрана при разни активности поврзани со шмукање и уништување на овошни плодови, лов на помали инсекти и многу други начини на грабеж.

Пчелите ги сметаат осите за непријатели и јаките пчелни семејства успешно се справуваат со осите кои пробуваат да украдат мед од кошницата. Но во сезони на голема наезда од оси или кај послаби пчелни семејства, потребна е интервенција и помош од пчеларот. А успешна заштита може да се направи само ако добро се познава противникот.

Осите градат живеалишта длабоко под земја, во стари ѕидови и шуплини од дрвја, места кои им пружаат идеална заштита и услови за развој. Саќето го градат едно врз друго, спротивно на пчелите кои градат паралелно. Осилото го градат од изџвакани целулозни влакна.

osi3

Едно семејство на оси се состои од исти членови како и едно пчелно семејство. Осите имаат своја матица, трутови и оси работнички, кои морфолошки лесно се идентификуваат. Матицата и трутовите се значително поголеми од осите работнички.

osi

Осите слично како и пчелите, внимателно се грижат за своето потомство. При добар извор на храна, поради ваквата внимателна грижа, едно семејство на оси може да се развие во навистина голема заедница и да претставува сериозна закана за средината во која живее и за пчеларниците во непосредната околина. Така, едно силно семејство на оси може да има и повеќе од 10000 единки.

osi5

osi4

Затоа доколку на пчеларникот се појават голем број на оси, не се мали шансите во близина да има поголемо семејство на оси. Разните стапици, кои докажано и успешно функционираат, се само метод за смалување на бројот на осите. Единствениот начин да се спасат пчелите од ваквата наезда е да се пронајде осилото и на некој од добро познатите начини да се уништи.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*