2015 година, пчеларско да се биде или не

Календарски настапи и 2015 година. Ќе биде ли оваа година, во однос на пчеларството, нешто поразлична од изминатите неколку години? По се она што се случуваше кон крајот на 2014 година и по она што го навестува почетокот на 2015 година, шансите се 50:50.

А што се случуваше во залезот на 2014-та. Лошиот медобер во 2014 навести дека трошоците на пчеларот за зазмување на пчелите и нивно успешно презимување и доведување во посакуваната форма во 2015 година, ќе бидат значително зголемени. Значителното покачување на цената на медот последниве неколку месеци, за жал, е приказна која кратко ќе трае.

И покрај снегот, кој како и за сите земјоделци, па така и за пчеларите значи бериќет, климатските фактори најверојатно и во 2015 година ќе бидат Гордиев јазол за пчеларот, кој притиснат од непредвидливите и ненормални временски услови, мора да менува одредени техники, термини, пракси,… како да е недоволен само притисокот кој досега го правеа разните болести и штетници.

А кога сме кај болестите и предаторите, 2015-та ќе биде вистински предизвик за македонскиот пчелар. На југ, Грците полека се мобилизираат затоа што веќе на пролет го очекуваат пристигнувањето на малата кошничка бубачка од Италија. Тамошните одговорни институции ги смируваат пчеларите со тврдењата дека грчката почва и тло се неповолни за развојниот циклус на бубачката и дека стручните служби имаат капацитет да се справат доколку овој паразит инвадира на грчко тло. Ова може да биде смирувачко и за нас, но што би се случило доколку бубачката навлезе и се прошири во Албанија, каде контролите и стручните служби им се на ниво пониско од нашите? Ништо посјајна не е состојбата од север. Азискиот стршлен лани веќе се спушти од Франција кон Италија и Словенија. На Балканов веќе имаше повеќе пчеларски пријави за забележани и уловени примероци од штетникот, кои поминаа без некоја голема фама. Оваа година се очекува и нашите пчелари да ги вкрстат копјата со азискиот стршлен. Ама како и за се друго, без стратегија, без институционален лидер, без координација.

Да не ги заборавиме и административните сопки, со кои сè повеќе се стеснува просторот за пчеларење и наштетува на пчеларството. И покрај упатените барања од регистрираните репроцентри за производство на матици до неколку министерства и агенции, ништо од субвенционирањето на купени селектирани матици. Оваа поволна пракса, со која до пред неколку години пчеларите со матици набавени по субвенционирана цена ја унапредуваа производствената и здравствената состојба на своите пчеларници, веќе е заборав. Измените во Законот за придонеси и уште неколку закони, нејасни за многумина, па така и за земјоделците, а тука се и пчеларите, навестуваат дека ќе се „чепне“ и во пчеларските приходи. Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2015 година сеуште не е објавена, па да се надеваме дека во неа нема да има некое пчеларско „изненадување“.

Но дека не е сè така црно во пчеларска Македонија и дека нашето пчеларство може да напредува, говорат неколку показатели. Медот од нашето поднебје, во Италија беше оценет како втор највкусен мед во светот. Субвенциите за презимено пчелно семејство, иако во последниве години ниски и неисплетени во неопходниот период од пчеларската сезона, сепак се исплаќаат во целост. Надоместоците за штетите направени од мечките, односно државата, навремено се исплаќаат и во сума која на пчеларот му нуди каква-таква сатисфакција. Новиот правилник за обележување и етикетирање на земјоделските производи за извоз и за продажба на национално ниво, можеби навестува унифицирање, ако не на амбалажата, барем на етикетите на пчелните производи. Неколку од многуте пчеларски здруженија активно работат, не само на локално ниво, туку и на регионално и меѓународно ниво, што е показател за амбициозноста и желбата за следење и фаќање чекор со новите техники, методи и начини на пчеларење во пчеларски развиените земји.

2015-та ќе биде година на турбуленции во пчеларството, предизвици, пчеларски борби на повеќе фронтови. Да се надеваме дека трудољубивиот, вредниот и посветен македонски пчелар во сојуз со уште потрудољубивата македонска пчела на крај ќе слават победа. Ако во оваа алијанса, барем малку повеќе се вклучи и институционална поддршка, тимот би бил идеален.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.