Категорија: Вести

  • Објавени сесиите од програмата за Апимондија 2015

    Објавени сесиите од програмата за Апимондија 2015

    [dropcap]44[/dropcap]-тиот по ред Меѓународен Пчеларски Конгрес Апимондија ќе се одржи во Теџон, Јужна Кореја, од 15 до 20 септември 2015 година. Темата на овој Конгрес ќе биде „Пчелата го сплотува светот“.

    Според Кјунхван ЈО, претседател на Организациониот одбор на 44-тиот конгрес на Апимондија, се очекуваат над 10000 учесници и посетители од 130 земји, кои ќе предаваат, дебатираат и превземат акции за промовирање заедништво и соработка во областа на пчеларството.

    Освен откривање на тајните на пчеларството, Апимондија нуди и можност за откривање на богатата култура на земјите во кои се одржува. Теџон, според Кјунхван ЈО, не е избран случајно за домаќин на најголемата меѓународна пчеларска манифестација. Тој вели дека токму во овој град се сплотуваат и коегзистираат традицијата и модерната наука и дека во овој град посетителите на Апимондија 2015 ќе доживеат едно многу поинакво и досега невидено искуство.

    Организациониот одбор на Апимондија 2015 сеуште не ја објави официјалната програма, но во јавност ги изнесе сесиите од кои ќе биде составена програмата:

    • Апитерапија
    • Биологија на пчелите
    • Пчеларството и руралниот развој
    • Економија во пчеларството
    • Опрашувањето и корисна флора во пчеларењето
    • Здравствена состојба на пчелите
    • Технологии на пчеларење и квалитет
  • Македонскиот мед еден од најдобрите во светот

    Македонскиот мед еден од најдобрите во светот

    Македонскиот мед во саќе го освои второто место на дегустацијата што ја организира саемот за традиционална храна „Салон дел густо“. Жирито составено од пчелари – учесници на саемот оцени дека е еден од најдобрите.

    – Конкуренцијата беше огромна, бевме 55-ти од вкупно пријавените преку 100 учесници од целиот свет. Влеговме во петте најдобри и успеавме да го добиеме второто место, изјави производителот Игор Илков, претседател на здружението „Македонска пчела“.

    Медот е полифлорен, ги содржи сите цветови што ги има во Гевгелиско каде е произведен. Но, во однос на цените, е некаде на дното.

    – Со квалитет сме меѓу првите, на врвот, но според цената, последни. Луѓето кај нас едноставно не можат да си дозволат повисока цена. Во ЕУ тегла мед е 10, 15, 20 евра, а кај нас 300 – 400 денари. Лани беше 250 денари, а годинава поскапе поради екстремно лошите услови кои ја намалија продукцијата, рече Илков и додаде дека до крајот на годинава мед нема да има што ќе биде причлина повеќе на пазарот да се пласира фалсификуван мед.

    Неговата порака е потрошувачите да купуваат кристализиран мед, од пчелари кои ги познаваат, а производителите да не се фокусираат само на мед, туку и на млеч, восок и прополис.

    Македонските пчелари не отстапуваат од интенцијата да ја заштитат автохтоната пчела, но се борат и за заштита на биодиверзитетот.

    – Затоа сме тука, на саемот “Салон дел густо”. Голема е предноста од членството во Слоу фуд кое ни овозможува средби со колеги од целиот свет и запознавање различни традиции на пчеларење, многу поразлични од нашите, истакна Илков.

    На “Слоу фуд” е поставен т.н. Бар на медот каде може да се дегустира мед од Африка, Танзанија, Океанија, Јапонија,…, мед од сончоглед, портокал, еукалиптус, па дури и од кафе.

    Најскап е специфичниот мед од Јемен, 60 евра за 45 грама, кој се продава со уверување дека ја прочистува душата. Поради тоа, велат производителите, некои купувачи не жалат за тегла да дадат и 200 до 400 евра.

  • На 6-ти ноември почнуваат едукативните средби на ПЗ „Матица“-Скопје

    На 6-ти ноември почнуваат едукативните средби на ПЗ „Матица“-Скопје

    Следејќи ја својата долгогодишна традиција, Пчеларското здружение „Матица“-Скопје, и оваа година организира средби на кои членовите на ова здружение ќе можат да погледнат стручни предавања и едукативни презентации од познати пчеларски имиња од Македонија и странство. Првата ваква средба е на 6-ти ноември 2014 година, во големата сала во објектот на Сојузот на стопански комори на Македонија. Почетокот на средбата е во 17.00 часот, а програмскиот дел на првата средба, како што кажа претседателот на здружението Павле Бошковски, ќе биде посветен на пчеларите-членови на здружението и нивните погледи за тоа дали и колку изминатата сезона била поволна во поглед на медоберот, сè со цел да се направи една мапа на медоносни растенија и региони поволни за пчеларење во државава.

    Цената за продолжување на членарината за веќе постоечките пчелари, како и за зачленување на нови, ќе изнесува 400 денари.

  • Извештајот на ЕК-што во него е битно за пчеларите?

    Извештајот на ЕК-што во него е битно за пчеларите?

    [dropcap]П[/dropcap]оследниот извештај на Европската комисија во врска со напредокот на нашата земја кон влез во ЕУ, во делот посветен за земјоделството има неколку работи кои директно и индиректно го засегаат пчеларството.

    Донесувањето на Правилникот за начинот и постапката за идентификација и регистрација на пчелите, според ЕК, е позитивен потег и чекор напред.

    Ненавремената исплата кон приватните ветеринарни амбуланти, е причината за проблемите при имплементација на одредени здравствени програми, пишува во извештајот. Секако дека ова се одразува и на пчеларството и многумина наши пчелари веќе се соочиле со ова.

    Според ЕК, непознат е ефектот од директните плаќања од 155 милиони евра, субвенции наменети за одржливост, зголемување на продуктивноста и конкурентноста во земјоделството, а тука спаѓа и пчеларството. Оценката за ефектот од субвенциите е нешто што треба Владата во иднина да го направи.

    Според извештајот, најмногу заостануваме и најмалку е направено во полето на фитосанитарната политика, каде не се спроведува и применува голем дел од законодавството наменето за оваа област. Тоа, за пчеларството би значело уште долго време користење на неиспитани семиња и садници како дел од медоносната флора, неконтролирано користење и употреба на недозволени пестициди, антибиотици и хемиски препарати штетни по пчелите.

  • Катастрофална пчеларска сезона во Словенија

    Катастрофална пчеларска сезона во Словенија

    [dropcap]О[/dropcap]ваа година интерната шега меѓу словенечките пчелари е онаа дека единственото што го цедеа се нивните солзи. Горка шега, но реална. Дури и повозрасните словенечки пчелари велат дека досега не се сеќаваат на вака лоша сезона. Велат дека причината лежи во лошите временски услови и малкуте сончеви денови оваа година.Изминатите пет години, просекот на изваден мед по кошница беше 32 килограми, но оваа сезона пчеларите извадија просек од само 7 килограми по кошница, што претставува страшен удар за пчеларите и причина да се побара помош од Министерството за земјоделство. Од таму следуваше брза реакција и е најавена финансиска помош од 5 евра по кошница за пчеларите со над 20 кошници и бесплатна оксална киселина за пчеларите со помалку од 20 кошници.

    Во нормални пчеларски сезони во Словенија се произведуваат околу 2000 тони мед, а годинешнава количина изнесува дури помалку од една четвртина од наведеното производство. Поради намалената количина на високо квалитетен домашен мед, Словенија ќе мора да набави увозен мед.

    Производство на мед во изминатите 5 години во Словенија:

    2010- 32,33 кг/кошница

    2011- 36,26 кг/кошница

    2012- 15,02 кг/кошница

    2013- 35,79 кг/кошница

    2014- 7,03 кг/кошница.

  • Македонскиот мед на листата на ФЕЕДМ

    Македонскиот мед на листата на ФЕЕДМ

    [dropcap]Е[/dropcap]вропската федерација на пакувачи и дистрибутери на мед (ФЕЕДМ) го објави списокот на земји надвор од Европската Унија, од кои ќе може слободно да се увезува мед за потребите на граѓаните на ЕУ. На листата за оваа година се наоѓа и Република Македонија. Знаејќи дека ЕУ врши строг мониторинг и има поставено високи стандарди и критериуми во однос на земјите извознички на мед, можеме да бидеме сигурни дека македонските пчелари можат да се пофалат и гордеат со својот мед. Медот, кој во ЕУ доаѓа од земји кои не се членки на истата, мора да ги исполнува сите услови поврзани со законите за храна на ЕУ и целосно да се поклопува со директивите на Европската Комисија-директивата за мед 2001/110/EC и директивите за контаминација и резидуи во храната од животинско потекло 96/23/EC и 470/2009/EC. Доколку некоја земја направи било каква отстапка од истите, лесно може да ја изгуби привилегијата добиена од ЕУ и да биде избришана од списокот на ФЕЕДМ.