Ознака: мед

  • Сè за првиот пролетен преглед

    Сè за првиот пролетен преглед

    [dropcap]10[/dropcap]-ти Март 2013 година, град Скопје, просечна надморска висина 250 метри, температура на воздухот 20 степени.

    Убав пријатен сончев ден, ливадите почнуваат да се будат со своите прекрасни цветови…
     

    Леската е прецветана…

    Цветањето на врбата е на почеток, а пчелите тоа масовно го искористуваат…

      

    Работите околу кроењето на дрвјата се завршени…

      

    …а тоа е знак дека можеме да го започнеме првиот пролетен преглед.

    За пчелните семејства да имаат правилен развој, должноста на пчеларот е да го изврши  првиот пролетен преглед, како би се утврдила состојбата на пчелните семејства врз основа на што ќе се превземат неопходните работи .
    Првиот пролетен преглед се врши кога временските услови го дозволуваат тоа како не би дошло до настинување на леглото .

    Работи што треба да ги извршиме и констатираме на првиот пролетен преглед се:

    здравствената состојба на пчелните семејства, оценка на нивната јачина, со колку улици располагаат, колку рамови на легло имаат, залихата на храна, присутноста на матицата, каде е концентрирано друштвото (лево–централен дел-десно) итн.

    Јас ќе се осврнам на мојот начин на работа, односно како го вршам првиот пролетен преглед зависно од условите кој ги дозволува природата и јачината на пчелните семејства.

    Прво вршам визуелен преглед на пчелните семејства, односно ја гледам нивната полеталка и нивното однесување, односно гледам дали пчелите излетници носат полен, a тоа е знак дека во пчелното семејство има легло, групирањето на пчелите пред летото, значи дека  матицата е присутна и со добар феромон, пчелите излетници имаат одлучен лет и при враќањето во кошницата со директен лет влегуваат во отворот што претставува добра особина и нема задржување пред летото, односно летот е одлучен и имаат континуирана работа…

    На сликата се гледат пчелни семејства кои се зазимени со горно лето односно се гледа дека во пролет масовно го употребуваат горното лето и со директен лет влегуваат во отворот, што е карактеристика за присутност на матица и добри пчелни семејства…

     

    Една од главните работи  во пролет е  чистење и дезинфекција  на подниците за да се олесни на пчелите да не се задржуват на овие работни активности…

    …активирање на хигиенска поилка…

     

    За првиот пролетен преглед е многу важно да се види и внатрешноста на кошницата, односно јачината на друштвото, на колку улици е пчелното семејство, состојбата со храна, колку рамки со легло, здравствената состојба, позицираност на семејството (лево–центар-десно), квалитетот на леглото–шарено легло и др…

    За таа цел го отварам друштвото…

    pregled hrana

    и се гледа дека додадената погача одлично ја земаат, што е прв знак дека се работи за здраво пчелно семејство.

    Полека ја вадам погачата.

    Чистите рамки, укажуваат на тоа дека пчелното семејство добро ја поминало зимата односно нема знаци на пролив – нозема, семејството правилно е раширено на 7 улици пчела, позицирано во централниот дел и пчелите се мирни, на удар во сандакот пчелите нагло престануваат со бучењето што укажува на присутност на матица.

    Да ја погледнеме и состојбата со храна и легло…

    pregled hrana 2

    Прва рамка со мед …

    prva ramka

    Втората рамка е со мед и малце полен…

    vtora ramka

    Третата рамка е со полен и мед…

    treta ramka

    Четвртата рамка има присутно легло, полен и на задниот дел мед…

    cetvrta ramka

    Петата рамка има легло, полен и мед…

    peta ramka

    Шестата рамка е со легло, полен и мед…

    sesta ramka

    Седмата рамка е со полен и мед, но на внатрешниот дел кај поленот се гледа присутно и на легло…

    sedma ramka

    Осмата рамка е со полен и мед…

    osma ramka

    Подигнатите рамки се со легло…

    krenati ramki

    Констатирав дека ова пчелно семејство има 7 улици со пчела и 3 рамки со легло со започнато легло на четвртиот рам, друштвото е правилно распоредено во централниот дел, локацијата на леглото се наоѓа пред летото, леглото е компактно односно нема шарено легло, рамките се чисти, однесувањето на пчелите укажува дека матицата е со добар феромон и присутна во пчелното семејство.

    Овие забелешки ги впишувам во дневникот за водење на евиденција.

    По констатирање на состојбата на пчелните семејства, пристапувам кон работите кои се неопходни за правилен развој на пчелното семејство.

    Врз основа на условите кои ги диктира природата и состојбата на пчелното семејство со оглед дека внесот на полен во овој период е голем, а со тоа што уште не е расцветана сливата џанка, може да дојде до опасност од блокирање на матицата  што може да доведе до спор развој, но и во подоцнесниот период на месец март може да започне нагонот за роење во кој завршува во месец мај со излегување на ројот.
    За да не дојде до  наведените последици, а пчелното семејство да има континуиран развој, а и наведениот показател ме наведува на тоа, почеток на цветање на кајсијата…

    ќе ја извршам следната операција:
    1. Бидејќи внесот на полен е доста голем, а со цел да не би дошло до блокирање на  матицата, меѓу рамката со полен и рамката со легло ставам кафеав рам попрскан со шербeт во кој има повидон јод:

     

    2. Од многу битно значење  за пчелното семејство во овој период е да биде во режим на постојана работа, затоа на пчелното семејство треба да се изврши стимулативна прихрана, и за таа цел ја вадам крајната рамка со мед, го отварам медот…

    …и ја поставувам на крај, односно одалечена за една рамка, овозможуваќи со тоа слободен простор, со што пчелите ќе го повлечат медот односно ќе го искористат како стимулативна исхрана…

    Откога пчелите ќе го повлечат медот од стимулативната рамка, оваа рамка подоцна се додава за проширување, но од другата страна до леглото.

    Во слободниот простор ја ставам и тест рамката за контрола на работата на пчелите градителки…

       

    која подоцна може да биде искористена како рамка за биолошка метода за борба против вароата.

    Слободниот простор е многу битен да го осетат пчелите градежници како би се ослободиле од восочните кристалчиња, што е еден од условите да не започне роидбениот нагон.

    На ова пчелно семејство е извршена и ротација за 180 степени  за  медот да дојде во положба пред летото, каде што пчелите брзо ќе го отклопуваат и ќе го пренесуваат на страничните позиции овозможувајќи слободни ќелии во кои матицата ке ги положува јајцата.

    Со оваа операција е извршено проширување на леглото, додадена е стимулативна прихрана со мед, овозможен е слободен простор кој е многу битен да го осетат пчелите градежници и многу важно е што  пчелниото семејство е доведено  на 7 рамки, не сметајќи ја тест рамката и рамката за стимулативна прихрана.

    Во оваа операција е многу важно леглото да не се разделува, односно да остане компактно.

    РЕЗУЛТАТ ПОСЛЕ ИЗВРШЕНИТЕ ОПЕРАЦИИ

    23.03.2013 година, контрола на извршената работа:

    Поставениот тест рам, пчелите градежници почнуваат да го влечат…

    testna ramka

    Поставената рамка за проширување е нанесена целата со легло кое на предниот дел е затворено, а на задниот дел има дводневни јајца…

    rezultati od manipulacii

    Медот од стимулативниот рам е целосно одземен, односно рамот е сув и по потреба може да се стави меѓу поленот и леглото за проширување односно деблокирање на матицата…

    Да ја видиме позицијата на тест рамката и јачината со легло…

    се гледа дека тест рамот се наоѓа на крајот, а како втора е рамката со полен на кој се наоѓа легло, од другата страна го покажувам рамот кој е додаден за проширување и на кој има веќе нанесено тродневни јаца, така што ова пчелно семејство има 9 рамки легло сметајќи го и тест рамот кој е со трутовско легло.

    Бидејќи пчеларникот ми е одалечен од местото на живеалиште и поради економски причини не можам секој втор ден да давам течна храна (стимулација), а со цел пчелите да имаат постојано континуирана работа, задолжително додавам  погача  за да пчелното семејство не би останало без работа.

    На основа на наведеното, утврдувам дека ова пчелно семејство е многу јако, а до главната паша има уште многу време, затоа превземам итни мерки да обезбедам пчелната заедница да има постојано работа, да има работно расположение, а со тоа да не дојде во роидбен нагон, следната многу важна операција која треба да се направи е изедначување на  пчелните семејства.

    После секој напорна работа, следува заслужен одмор…

    zasluzen odmor

    Фотографии: Марјан Петровски

  • Прв пролетен преглед (Видео)

    Прв пролетен преглед (Видео)

    [dropcap]В[/dropcap]ременските услови секоја наредна година се сè повеќе изненадувачки и секоја година ги поместуваат границите и термините утврдени за извршување на првиот детален пролетен преглед. Така, во блиско време, во одредени региони од државава веќе ќе се создаваат поволни услови за првиот преглед. Во видеото подолу, извадок од емисијата „Допир на природата“ емитувана на ТВ Златен канал, во куси црти прикажани се основните постапки за правилно извршување на првиот генерален пролетен преглед на пчелните семејства.

  • Мед со злато за златен бизнис

    Мед со злато за златен бизнис

    [dropcap]В[/dropcap]о време кога да се има универзитетска диплома не значи гаранција за наоѓање соодветно вработување и обезбедување на економски просперитет, потребно е да се смисли нешто иновативно, несекојдневно и различно, што ќе гарантира успех на пазарот и напредок на бизнисот. Вака размислувале Јианис Карипидис и Стевија Теодору, млад брачен пар од Грција, кои решиле да се откажат од своите работни места и да ја основаат пчеларската компанија Стејиа Фарм.

    „Кога нешто искрено се сака, тогаш ништо не е тешко. Тоа што сега работиме во област, која е сосема различна од она што го студиравме и што се впуштивме во убавините на природата, не е случајно. Нашиот бизнис се базира на пчеларска фарма успешно одржувана и со традиција три генерации наназад. Имаме долгогодишно искуство во оваа област и со голема љубов работиме во пчеларството“-велат младите претприемачи.

    Нивниот главен производ, по кој е препознатлива и нивната компанија е позлатениот мед. Позлатениот мед е добиен од мед од мајчина душичка на кој му се додадени ултра тенки и мали ливчиња од 24 каратно злато. Велат дека ваквиот мед има силно антиоксидантско дејство и ги елиминира слободните радикали и нивните негативни ефекти.

    „Се обидовме да создадеме производ базиран на квалитет, но и производ кој ќе биде уникатен. За да го добиеме медот со злато, ги споивме квалитетот и луксузот. Медот е висококвалитетен и добиен е од нашите пчеларници, а златото е со чистота од 24 карати. Обрнавме и особено внимание на дизајнот на производот и на неговата етикета“-вели Јианис.

    Нивната компанија, освен медот со златни ливчиња, засега произведува и на пазарот пласира уште 11 уникатни производи. Меѓу нив се медот со шафран, шумскиот мед со лут црвен пипер, медот со цимет, ладно цедено маслиново масло и др.

    Целта на младите бизнисмени е да ги распространат нивните уникатни производи насекаде во светот. Засега позлатениот мед може да се најде во маркетите во САД, Велика Британија, Франција, Холандија и Швајцарија. Во овие држави позлатениот мед во пакување од 250 грама се продава по цена од 35-50 евра.

    Извор

  • Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    Памукот е значајна медоносна билка, штета што ја немаме

    [dropcap]П[/dropcap]амукот како индустриска култура е сè повеќе баран на светските пазари. Наоѓа примена во индустријата за производство на масло за исхрана, во текстилната индустрија, во индустријата за производство на сточна храна, а како растение кое се карактеризира со добра продукција на нектар, значајно е и во пчеларското производство. За разлика од минатото, односно во 70-тите години на ХХ век кога памукот кај нас бил застапен на површина од околу 10 000 хектари, денес е посеан само на десетина хектари. За разлика од кај нас, во Грција под памук се наоѓаат површини од околу 240 000 хектари, и во тамошните региони памукот претставува сериозна пчелна паша и добар извор на нектар и полен. На сериозни приноси на мед од полињата со памук, можат да сметаат и во Египет, Судан, САД, Сирија, Португалија, Шпанија, Кина и др.

    Памукот во нашиот регион цвета од средината на јули до септември. Карактеристично за цветот на памукот е што има екстрафлорални нектарии кои започнуваат со лачење на нектар уште додека цветот не е целосно отворен, а нектарењето потоа продолжува и кога цветот е отворен и трае се додека цветот не зарумени. За да го наполни медниот желудник со нектар, една пчела треба да посети околу 100 цветови на памук. Бидејќи памукот е растение за чие одгледување се користи поголемо количество на вода, медот од него е светол, редок, без посебно истакната арома и брзо кристализира. Поради брзата кристализација на медот од памук, овој мед не е пожелен во кошницата со зазимени пчели.

    med-pamuk
    мед од цветови на памук

    Памукот се покажал и како добар извор на полен, но памуковиот полен има ниска протеинска вредност, па кога пчелите имаат можност да посетуваат други растенија кои истовремено лачат полен, површините со памук остануваат запоставени.

    Употребата на пестициди врз насадите со памук, може да биде причина за масовно труење на пчелите, па сè повеќе се води сметка за изнаоѓање на алтернативни начини за заштита на насадите со памук, едуцирање на одгледувачите на памук за термините на прскање, како и навремено известување и предупредување на пчеларите доколку се употребуваат одредени хемиски препарати.

  • Електричен силиконски појас за декристализација на мед

    Електричен силиконски појас за декристализација на мед

    [dropcap]Б[/dropcap]арањето алтернативи и импровизирањето се чести ситуации во пчеларењето. Скапата опрема за разните операции во текот на пчеларењето, медоберот, преработката на пчелните производи и сл. се олеснување за секој пчелар, но не се секогаш достапни за сите кои одгледуваат пчели. Овој силиконски појас, кој оригинална примена наоѓа во индустријата за производство на биодизел, многу пчелари решиле да го употребат и како импровизиран декристализатор на мед.

    pojas1 pojas2

    Електричниот појас е изграден од растеглив силикон, со можност да опфати метално или пластично буре од 200 литри. Должината му е 174 cm, а широк е 12,5 cm. Вградените греачи загреваат до температура од 150 °С, а термостатот овозможува регулирање на температурата по желба.

    На интернет страните за е-купување, електричниот појас може да се најде по цена од 65 долари.

  • Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    [dropcap]З[/dropcap]а внесувањето на малата кошничка бубачка во Италија постојат неколку теории. Најчесто споменуваната е онаа дека паразитот е внесен преку нелегално внесување на пчели од Африка во Италија. Според некои, бубачката е внесена при транспорт на увезено овошје од северно-африканските земји. Оваа втора теорија и не е невозможна ако се знае дека при еден експеримент е покажано дека малата кошничка бубачка живее, се развива и размножува и при услови на отсуство и недостаток на пчелно саќе, пчелно легло и пчелни производи, односно на одредено овошје, на цветови богати со нектар, па дури и на месо во распаѓање. Иако медот, поленот и саќето со легло нудат и пружаат најдобри услови за развој на бубачката, тие не се есенцијални за нејзиниот опстанок. Бананата, мангото, грозјето и уште неколку слатки овошја, нудат добри услови за опстанок на бубачката, доколку се најде во ситуација да биде лишена од својата претпочитана и идеална животна средина.

    За потребите на експериментот, кој се изведувал на три локации, САД, Австралија и Јужноафриканска Република, возрасни единки и ларви на бубачката се ставени во пластични кутии во кои како медиум користени се парчиња банана, јагодки, парчиња саќе со полен и мед, говедско месо, грозје и манго. За испитување на способноста за опстанување на бубачката врз цветови и исхрана само со нивниот нектар и полен, користени се локални видови на медоносни растенија, сместени во саксии и населени со бубачки. Саксиите и цветовите се замотани во два слоја на мрежа, една покрупна и друга поситна.

    При мерење на резултатите, во различни супстрати забележани се разлики во повеќе параметри. Така, во супстратот од банана забележани се најголем број на снесени јајца и изведени ларви во споредба со саќето со мед и јагодите. Но во споредба со бројот на јајца и ларви во саќето со пчелно легло и јајца (најомилената средина на бубачката) во инфицирана кошница, бројката на јајца и ларви во примерокот со банана е значително ниска.  Во примерокот со месо како единствен извор на храна за бубачката, забележани се многу мал број на снесени јајца и изведени ларви. Најголема смртност на возрасни бубачки е забележана кај грозјето и бананата, додека најдолговечни биле бубачките сместени во средина со саќе со полен и мед и манго. Во супстратите од манго и пчелни производи, бубачките преживеале дури 26 денови. Што се однесува до преживувањето на бубачката врз цветовите, смртта која кај сите бубачки населени на цветовите настапила до 14 ден од експериментот, покажува дека цветниот нектар и полен не се соодветна храна за неа, а цветовите не се средина која бубачката ја претпочита.

    Ваквите сознанија покажуваат дека во отсуство на својата природна средина на паразитирање, малата кошничка бубачка преку алтернативни извори на храна и неприродни средини за нејзино размножување, успева да ја одржи својата популација за извесен временски период, сè до појавувањето на услови во кои може повторно нормално да паразитира. Можеби бројката на популацијата при алтернативното преживување значително ќе опадне, но и малиот број на возрасни единки при инвазија на едно пчелно семејство, за кусо време може да предизвика катастрофа на целиот пчеларник. Затоа, оваа способност за алтернативна исхрана на малата кошничка бубачка треба да се земе секогаш во предвид и истата сериозно да се разгледува.

  • 2015 година, пчеларско да се биде или не

    2015 година, пчеларско да се биде или не

    [dropcap]К[/dropcap]алендарски настапи и 2015 година. Ќе биде ли оваа година, во однос на пчеларството, нешто поразлична од изминатите неколку години? По се она што се случуваше кон крајот на 2014 година и по она што го навестува почетокот на 2015 година, шансите се 50:50.

    А што се случуваше во залезот на 2014-та. Лошиот медобер во 2014 навести дека трошоците на пчеларот за зазмување на пчелите и нивно успешно презимување и доведување во посакуваната форма во 2015 година, ќе бидат значително зголемени. Значителното покачување на цената на медот последниве неколку месеци, за жал, е приказна која кратко ќе трае.

    И покрај снегот, кој како и за сите земјоделци, па така и за пчеларите значи бериќет, климатските фактори најверојатно и во 2015 година ќе бидат Гордиев јазол за пчеларот, кој притиснат од непредвидливите и ненормални временски услови, мора да менува одредени техники, термини, пракси,… како да е недоволен само притисокот кој досега го правеа разните болести и штетници.

    А кога сме кај болестите и предаторите, 2015-та ќе биде вистински предизвик за македонскиот пчелар. На југ, Грците полека се мобилизираат затоа што веќе на пролет го очекуваат пристигнувањето на малата кошничка бубачка од Италија. Тамошните одговорни институции ги смируваат пчеларите со тврдењата дека грчката почва и тло се неповолни за развојниот циклус на бубачката и дека стручните служби имаат капацитет да се справат доколку овој паразит инвадира на грчко тло. Ова може да биде смирувачко и за нас, но што би се случило доколку бубачката навлезе и се прошири во Албанија, каде контролите и стручните служби им се на ниво пониско од нашите? Ништо посјајна не е состојбата од север. Азискиот стршлен лани веќе се спушти од Франција кон Италија и Словенија. На Балканов веќе имаше повеќе пчеларски пријави за забележани и уловени примероци од штетникот, кои поминаа без некоја голема фама. Оваа година се очекува и нашите пчелари да ги вкрстат копјата со азискиот стршлен. Ама како и за се друго, без стратегија, без институционален лидер, без координација.

    Да не ги заборавиме и административните сопки, со кои сè повеќе се стеснува просторот за пчеларење и наштетува на пчеларството. И покрај упатените барања од регистрираните репроцентри за производство на матици до неколку министерства и агенции, ништо од субвенционирањето на купени селектирани матици. Оваа поволна пракса, со која до пред неколку години пчеларите со матици набавени по субвенционирана цена ја унапредуваа производствената и здравствената состојба на своите пчеларници, веќе е заборав. Измените во Законот за придонеси и уште неколку закони, нејасни за многумина, па така и за земјоделците, а тука се и пчеларите, навестуваат дека ќе се „чепне“ и во пчеларските приходи. Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2015 година сеуште не е објавена, па да се надеваме дека во неа нема да има некое пчеларско „изненадување“.

    Но дека не е сè така црно во пчеларска Македонија и дека нашето пчеларство може да напредува, говорат неколку показатели. Медот од нашето поднебје, во Италија беше оценет како втор највкусен мед во светот. Субвенциите за презимено пчелно семејство, иако во последниве години ниски и неисплетени во неопходниот период од пчеларската сезона, сепак се исплаќаат во целост. Надоместоците за штетите направени од мечките, односно државата, навремено се исплаќаат и во сума која на пчеларот му нуди каква-таква сатисфакција. Новиот правилник за обележување и етикетирање на земјоделските производи за извоз и за продажба на национално ниво, можеби навестува унифицирање, ако не на амбалажата, барем на етикетите на пчелните производи. Неколку од многуте пчеларски здруженија активно работат, не само на локално ниво, туку и на регионално и меѓународно ниво, што е показател за амбициозноста и желбата за следење и фаќање чекор со новите техники, методи и начини на пчеларење во пчеларски развиените земји.

    2015-та ќе биде година на турбуленции во пчеларството, предизвици, пчеларски борби на повеќе фронтови. Да се надеваме дека трудољубивиот, вредниот и посветен македонски пчелар во сојуз со уште потрудољубивата македонска пчела на крај ќе слават победа. Ако во оваа алијанса, барем малку повеќе се вклучи и институционална поддршка, тимот би бил идеален.

  • Крема со мед за груба и испукана кожа

    Крема со мед за груба и испукана кожа

    [dropcap]О[/dropcap]д многу одамна се познати позитивните нутритивни и лековити ефекти кои ги има свинската маст. Во комбинација со чудесните својства кои ги има медот, се добива одлична, еколошки чиста и многу здрава крема за негување на груба, сува, испукана и оштетена кожа. Кремата се нанесува еднаш до два пати дневно, а резултатите се забележуваат за краток период.

    Потребни состојки:

    -100 грама свинска несолена маст

    -50 грама мед

    Маста и медот се ставаат во сад и се мешаат со пластична или дрвана лажица. Смесата се меша додека двете состојки не се соединат целосно и не се добие хомогенизирана маса. Кремата се става во пластична кутија или стаклена тегличка и добро се затвара. Се чува на температура на која кремата нема да се растопи.

  • Катастрофална пчеларска сезона во Словенија

    Катастрофална пчеларска сезона во Словенија

    [dropcap]О[/dropcap]ваа година интерната шега меѓу словенечките пчелари е онаа дека единственото што го цедеа се нивните солзи. Горка шега, но реална. Дури и повозрасните словенечки пчелари велат дека досега не се сеќаваат на вака лоша сезона. Велат дека причината лежи во лошите временски услови и малкуте сончеви денови оваа година.Изминатите пет години, просекот на изваден мед по кошница беше 32 килограми, но оваа сезона пчеларите извадија просек од само 7 килограми по кошница, што претставува страшен удар за пчеларите и причина да се побара помош од Министерството за земјоделство. Од таму следуваше брза реакција и е најавена финансиска помош од 5 евра по кошница за пчеларите со над 20 кошници и бесплатна оксална киселина за пчеларите со помалку од 20 кошници.

    Во нормални пчеларски сезони во Словенија се произведуваат околу 2000 тони мед, а годинешнава количина изнесува дури помалку од една четвртина од наведеното производство. Поради намалената количина на високо квалитетен домашен мед, Словенија ќе мора да набави увозен мед.

    Производство на мед во изминатите 5 години во Словенија:

    2010- 32,33 кг/кошница

    2011- 36,26 кг/кошница

    2012- 15,02 кг/кошница

    2013- 35,79 кг/кошница

    2014- 7,03 кг/кошница.

  • Мед со тартуф

    Мед со тартуф

    [dropcap]М[/dropcap]ожете само да замислите што ќе се случи кога ќе се спојат два вакви бесценети продукти. Едниот познат по својата хранлива вредност, другиот препознатлив по ексклузивната арома.

    Потребни состојки:

    500 грама мед

    5-10 грама црн или бел тартуф (прилично е скап, но го има и по нашите шуми, особено црниот тартуф, кој највеќе го има на пролет).

    Време на подготовка: 20 минути.

    Садот со мед се става во друг поголем сад. Во поголемиот сад се сипува вода и се става на шпорет. Тартуфот се сече ситно или се ренда во садот со мед. Смесата се загрева на температура највеќе до 50 степени Целзиусови. 10 минути стои на таа температура со повремено мешање. Се остава 10 минути на страна да се олади, а потоа се полни во тегли и се затвара.

    Мешавината од мед и тартуф е одлична комбинација со потешки и тврди сирења, се користи при подготовка на сосови, маринади за пилешко месо, врз сладоледи, овошни салати, оди и со лепче само запечено на скара и др. Поради интензивниот вкус и арома, се става многу малку.

    cheese-truffle-honey

    Медот со тартуф е добра можност и за проширување на палетата со производи на секој пчелар, а ако се знае фактот дека тегла од 50 грама чини околу 5 евра, сигурно ќе има заинтересирани производители.