Ознака: пчеларска сезона

  • Со паметна технологија против вароата

    Со паметна технологија против вароата

    [dropcap]М[/dropcap]ајтзапер е технологија која во насока на елиминирање на вароата ги комбинира биологијата на крлежот и физиката. На тој начин комплетно нуди нехемиска и еколошка контрола на вароата. Истражувањата на творецот на Мајтзапер, д-р Захари Хуанг од Универзитетот во Мичиген Стејт, потврдуваат дека овој изум има ефикасност и до 95% во контролата на вароата.

    Мајтзапер е електронска рамка градежник. Се поставува во кошницата како и секоја друга обична рамка. Пчелите ги извлекуваат ќелиите, а откако матицата ќе ги занесе, по одреден период и ги запечатуваат. Со оглед дека крлежите повеќе од 12 пати ги преферираат трутовските ќелии и дека во една ќелија со трутовска ларва може да има и над 20 единки на вароа, Мајтзапер е идеална средина во која се концентрира вароата.

    мајтзапер4

    Токму кога целосно или поголем дел од ќелиите на рамката се запечатени, пчеларот треба да превземе акција со поврзување на конекторот од електричната рамка со конекторот од напојувањето со електрична струја. Извор на напојување може да биде автомобилски акумулатор, сончев колектор или било која друга батерија од 12 V. Електрицитетот произведува доволно топлина да ги усмрти запечатените трутовски кукли и единките на вароа прикачени на нив и сместени во нивните ќелии. За 72 часа пчелите комплетно ги отстрануваат „испржените“ кукли и крлежи, ги чистат ќелиите, матицата повторно ги занесува со трутовско легло и процесот се повторува одново за 18-23 дена. Во делот од сезоната кога има активно создавање на трутови, овој процес може да се изведе 4-5 пати. Времетраењето на еден електричен третман по кошница е околу 8 минути.

    мајтзапер мајтзапер3

    За разлика од повеќето биолошки методи за контрола на вароата во кои е потребно сечење или замрзнување на трутовското саќе, отклопување и отстранување на трутовските кукли и повторно приморување на пчелите да градат, со Мајтзапер пчеларот, а и пчелите се поштедени од сето ова. Други предности се што не се потреби никакви пропратни третмани или дополнителна опрема, безбеден е по здравјето на пчеларот, пчелите, нивните производи и околината, рамката останува во кошницата голем дел од сезоната без никакви манипулации со неа, производителот нуди рамки со голем избор на димензии и скоро сите стандарди, идеална е за во органското пчеларење и др.

  • Процентот на зимски загуби во Германија далеку над просекот. Пчеларите најавуваат тешка сезона

    Процентот на зимски загуби во Германија далеку над просекот. Пчеларите најавуваат тешка сезона

    [dropcap]З[/dropcap]агубите на пчелните семејства во текот на зимата во Германија се далеку од очекуваните и просечните бројки. Состојбата со високата смртност е скоро идентична во сите региони низ државата, па од Германската пчеларска асоцијација најавуваат дека треба да се очекува скромен медобер.

    Претседателот на Националното здружение на пчелари од Хесен, Манфред Риц, изјави дека нормалната стапка на смртност и угинување на пчелните семејства во Кирхајн и регионот во текот на зимата е 10 до 15 %, но оваа сезона стапката на угинување достигнала дури до 35 %. Причината за ова, според Риц е ланската рана пролет и раното цветање на флората со што се намалија изворите на храна за пчелите во текот на летото, па пчелите фактички гладуваа. Претседателот на пчеларите од Хесен вели дека лошата кондиција во која ваквите временски услови ги доведоа пчелите, им пружи идеална можност на крлежите и вирусите максимално да се развијат, а сето тоа се одрази изминатава зима. Во областа Хесен има околу 8800 пчелари со околу 50000 пчелни семејства. Сега тие се приморани да набавуваат пакетни роеви за обновување на своите пчеларници, но потребно е да бидат внимателни од каде ги набавуваат пчелите поради можноста за внесување на заразни болести и паразити.

    Клаус Еисел, претседател на Пчеларското здружение од Нојштад вели дека и во овој регион зимските загуби се движат до 35%. За главен виновник ја смета вароата, а вели дека освен малите количини на мед, целата заедница ќе се соочи и со намалена продукција и квалитет во овоштарниците и градините. Според Еисел, ефектот од зимските загуби ќе може да се види јасно дури на есен.

    И во Здружението на пчелари од Бранденбург резултатите покажуваат смртност од 40%. Во нормални сезони смртноста на пчеларниците во Берлин и Бранденбургшкиот регион се движи до 10%, па затоа овогодинешните податоци се загрижувачки и алармантни. И од ова здружение како главни причини ги потенцираат топлото време идеално за развој на вароата, недостатокот на храна во пчелните семејства, но и прекумерното засадување на површини со култури без никакво значење за пчелите како што се пченката, јачменот и разни житарки.

  • Оценување на квалитетот на матицата

    Оценување на квалитетот на матицата

    [dropcap]М[/dropcap]атицата е најбитниот дел од пчелното семејство. Во зависност од условите, во активна сезона таа може дневно да снесе и над 1500 јајца. Колку повеќе јајца снесува, толку повеќе е јако и продуктивно нејзиното семејство. Матицата обично живее 5, па дури и повеќе години, но несењето значајно се намалува после втората или третата година. Со цел да го сочуваат семејството силно, многу пчелари ја менуваат матицата секоја втора или трета година. Со стареењето, матицата го троши количеството на внесени сперматозоиди при оплодувањето и постои можност да почне со несење на неоплодени јајца од кои подоцна ќе се изведат голем број на трутови. Таквата матица се вика трутовска матица. Но во вакви случаи (стара и истрошена матица, болна матица, трутовска матица, оштетена матица) најчесто пчелите самите интервенираат и почнуваат со постапка за елиминирање на непожелната матица и изведување на нова матица, со што не дозволуваат опстанокот на семејството да биде доведен во опасност. Понекогаш, поради различни причини се случува матицата да потфрли токму во делот од сезоната кога пчеларот најмалку посакува и најмалку се надева на тоа. Меѓу тие причини се наоѓа и лошата проценка на особините на матицата. За да ја намали или елиминира појавата на вакви несакани ситуации, пчеларот мора постојано да ги следи нејзината активност, продуктивност, кондиција, шема на несење, конституција, однесување и други особини.

    Конституциски, една добра, здрава матица се одликува со сјаен граден дел, долг стомак зашилен на крајот, без оштетени екстремитети, крилца или антени. Но нејзиниот надворешен изглед, не е секогаш гаранција и одраз на нејзината репродуктивна способност. Преку следењето на нејзините перформанси, односно способноста за несење и карактеристиките на нејзиното потомство, најдобро се проценува колку една матица е квалитетна.

    Посакувана конституција на една матица
    Посакувана конституција на една матица

    Шемата на несење е битна карактеристика при оценување на квалитетот на матицата. Едноличен, компактен и густ распоред на снесените јајца, ларви или затворено легло низ саќето, се показател за добра и квалитетна матица. Висока оценка се дава на матицата кај која 95% од ќелиите од саќето на рамката содржат легло, а околу 5% од ќелиите се празни. Добра матица исполнува со легло најмалку 6 до 9 рамки од кои најслабо занесената рамка треба да биде исполнета најмалку 2/3 од својот капацитет. Кај рамките во семејства со добра матица, изгледот на леглото распоредено во различни возрасни стадиуми има сферична или овална форма.

    Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица
    Изглед на саќе кај семејство со квалитетна матица

    Количински малку, а при тоа уште и расфрлано, нееднакво и неправилно разместено легло е знак за неквалитетна матица. Празните ќелии помеѓу леглото или незанесениот простор на саќето, укажуваат на истрошена матица или заболена матица која веќе не несе или пак можеби снесува јајца но поради присуството на одредена болест или некоја друга причина, пчелите ги чистат и исфрлаат од ќелиите. За појавата на шареноликост и отсуство на леглото, можат да бидат виновни повеќе фактори:

    • болест-најчесто американски гнилеж, европски гнилеж или варовно легло, кај кои пчелите ги отстрануваат заболените ларви, при што лесно може да се забележи отсуството на легло и неговата компактност;
    • оплодување во крвно сродство (инбридинг)-кога матицата е оплодена од трутови од сопствената кошница од која и таа самата е изведена, при што можни се нарушувања во процесот на несење на јајца и во квалитетот на снесените јајца;
    • труење со пестициди;
    • недостаток на полен и нектар во семејството;
    • блокираност на матицата кога во периоди на лачење на нектар и полен во големи количини, поради исполнетост на ќелиите со складирана храна, матицата е оневозможена да несе каде што таа сака, туку каде што ќе најде слободно место.
    Саќе занесено од неквалитетна матица
    Саќе занесено од неквалитетна матица

    Стапката на несивост е уште еден битен фактор при оценување на матицата. Тоа е односот помеѓу снесените јајца и отвореното и затвореното легло во саќето. Кога матицата започнува со зголемување на несењето, односот помеѓу снесените јајца и запечатеното и отворено легло изнесува 1,5:1. Ако односот е 1:1,5 тоа е индикација за намалување на несивоста, а ако односот е 1:3 во корист на затвореното и незатвореното легло, тоа е знак за драстично и брзо намалување на несивоста.

    Оценување на квалитетот на матицата преку нејзиното потомство се прави врз основа на одбранбеното однесување на пчелите при манипулација, медопродуктивноста, роевиот нагон, отпорноста на болести и некои други особини.

    Ова е многу значајно за пчеларите почетници, за кои ресурсите и генетиката кои ги нудат малиот број на семејства со кои започнале да пчеларат, се единствениот избор и извор на материјал за производство на матици и проширување на пчеларникот.

  • 2015 година, пчеларско да се биде или не

    2015 година, пчеларско да се биде или не

    [dropcap]К[/dropcap]алендарски настапи и 2015 година. Ќе биде ли оваа година, во однос на пчеларството, нешто поразлична од изминатите неколку години? По се она што се случуваше кон крајот на 2014 година и по она што го навестува почетокот на 2015 година, шансите се 50:50.

    А што се случуваше во залезот на 2014-та. Лошиот медобер во 2014 навести дека трошоците на пчеларот за зазмување на пчелите и нивно успешно презимување и доведување во посакуваната форма во 2015 година, ќе бидат значително зголемени. Значителното покачување на цената на медот последниве неколку месеци, за жал, е приказна која кратко ќе трае.

    И покрај снегот, кој како и за сите земјоделци, па така и за пчеларите значи бериќет, климатските фактори најверојатно и во 2015 година ќе бидат Гордиев јазол за пчеларот, кој притиснат од непредвидливите и ненормални временски услови, мора да менува одредени техники, термини, пракси,… како да е недоволен само притисокот кој досега го правеа разните болести и штетници.

    А кога сме кај болестите и предаторите, 2015-та ќе биде вистински предизвик за македонскиот пчелар. На југ, Грците полека се мобилизираат затоа што веќе на пролет го очекуваат пристигнувањето на малата кошничка бубачка од Италија. Тамошните одговорни институции ги смируваат пчеларите со тврдењата дека грчката почва и тло се неповолни за развојниот циклус на бубачката и дека стручните служби имаат капацитет да се справат доколку овој паразит инвадира на грчко тло. Ова може да биде смирувачко и за нас, но што би се случило доколку бубачката навлезе и се прошири во Албанија, каде контролите и стручните служби им се на ниво пониско од нашите? Ништо посјајна не е состојбата од север. Азискиот стршлен лани веќе се спушти од Франција кон Италија и Словенија. На Балканов веќе имаше повеќе пчеларски пријави за забележани и уловени примероци од штетникот, кои поминаа без некоја голема фама. Оваа година се очекува и нашите пчелари да ги вкрстат копјата со азискиот стршлен. Ама како и за се друго, без стратегија, без институционален лидер, без координација.

    Да не ги заборавиме и административните сопки, со кои сè повеќе се стеснува просторот за пчеларење и наштетува на пчеларството. И покрај упатените барања од регистрираните репроцентри за производство на матици до неколку министерства и агенции, ништо од субвенционирањето на купени селектирани матици. Оваа поволна пракса, со која до пред неколку години пчеларите со матици набавени по субвенционирана цена ја унапредуваа производствената и здравствената состојба на своите пчеларници, веќе е заборав. Измените во Законот за придонеси и уште неколку закони, нејасни за многумина, па така и за земјоделците, а тука се и пчеларите, навестуваат дека ќе се „чепне“ и во пчеларските приходи. Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2015 година сеуште не е објавена, па да се надеваме дека во неа нема да има некое пчеларско „изненадување“.

    Но дека не е сè така црно во пчеларска Македонија и дека нашето пчеларство може да напредува, говорат неколку показатели. Медот од нашето поднебје, во Италија беше оценет како втор највкусен мед во светот. Субвенциите за презимено пчелно семејство, иако во последниве години ниски и неисплетени во неопходниот период од пчеларската сезона, сепак се исплаќаат во целост. Надоместоците за штетите направени од мечките, односно државата, навремено се исплаќаат и во сума која на пчеларот му нуди каква-таква сатисфакција. Новиот правилник за обележување и етикетирање на земјоделските производи за извоз и за продажба на национално ниво, можеби навестува унифицирање, ако не на амбалажата, барем на етикетите на пчелните производи. Неколку од многуте пчеларски здруженија активно работат, не само на локално ниво, туку и на регионално и меѓународно ниво, што е показател за амбициозноста и желбата за следење и фаќање чекор со новите техники, методи и начини на пчеларење во пчеларски развиените земји.

    2015-та ќе биде година на турбуленции во пчеларството, предизвици, пчеларски борби на повеќе фронтови. Да се надеваме дека трудољубивиот, вредниот и посветен македонски пчелар во сојуз со уште потрудољубивата македонска пчела на крај ќе слават победа. Ако во оваа алијанса, барем малку повеќе се вклучи и институционална поддршка, тимот би бил идеален.

  • Катастрофална пчеларска сезона во Словенија

    Катастрофална пчеларска сезона во Словенија

    [dropcap]О[/dropcap]ваа година интерната шега меѓу словенечките пчелари е онаа дека единственото што го цедеа се нивните солзи. Горка шега, но реална. Дури и повозрасните словенечки пчелари велат дека досега не се сеќаваат на вака лоша сезона. Велат дека причината лежи во лошите временски услови и малкуте сончеви денови оваа година.Изминатите пет години, просекот на изваден мед по кошница беше 32 килограми, но оваа сезона пчеларите извадија просек од само 7 килограми по кошница, што претставува страшен удар за пчеларите и причина да се побара помош од Министерството за земјоделство. Од таму следуваше брза реакција и е најавена финансиска помош од 5 евра по кошница за пчеларите со над 20 кошници и бесплатна оксална киселина за пчеларите со помалку од 20 кошници.

    Во нормални пчеларски сезони во Словенија се произведуваат околу 2000 тони мед, а годинешнава количина изнесува дури помалку од една четвртина од наведеното производство. Поради намалената количина на високо квалитетен домашен мед, Словенија ќе мора да набави увозен мед.

    Производство на мед во изминатите 5 години во Словенија:

    2010- 32,33 кг/кошница

    2011- 36,26 кг/кошница

    2012- 15,02 кг/кошница

    2013- 35,79 кг/кошница

    2014- 7,03 кг/кошница.