Blog

  • COLOSS прашалник за зимски загуби на пчелни семејства 2019/2020

    COLOSS прашалник за зимски загуби на пчелни семејства 2019/2020

    Со цел да се соберат повеќе информации за зимските загуби на пчелни семејства од што повеќе држави, Здружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), го објави прашалникот за зимски загуби на пчелни семејства 2019/2020, со кој преку одговорите на стандардизираните и унифицирани прашања за пчеларите низ цела Европа треба да се откријат ризиците и факторите за зимските загуби на пчелните семејства. Покрај ова, обработката на податоците треба да обезбеди информации за годишните загуби на национално ниво, како и споредба на бројот на угинати семејства помеѓу државите учесници во анкетата.

    Координатор и реализатор на овој проект за територијата на Македонија е Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, кој со поддршка од Македонското здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) – MacBee, ги спроведуваат сите неопходни активности за успешна реализација на анкетните прашалници.

    COLOSS прашалникот за зимските загуби на пчелни семејства 2019/2020 можете да го погледнете и пополните овде .

  • MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење“

    MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење“

    Македонското здружение за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2020“. Настанот, кој MacBee веќе традиционално го организира неколку години наназад и овојпат ќе биде од едукативно – информативен и меѓународен карактер со учество на странски експерт од областа на пчеларството и со домашни стручни предавачи. Главен презентер ќе биде гостинот од Австрија, г-ца Ана Пернер, професионален пчелар. Г-ца Пернер има долгогодишно искуство на пчеларење на семејната пчеларска фарма, која е една од најголемите производители на пчелни матици во Австрија. Таа е ангажирана и како секретар во Австриското здружение на одгледувачи на Крањска пчела (ACA). Темата на која ќе презентира г-ца Пернер е „Наш начин на пчеларење“.

    Настанот ќе се одржи на 15 декември 2019 година, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, со почеток во 10:00 часот.

    Овде можете да го превземете официјалниот флаер за настанот.

    Извор: FB профил на MacBee

  • MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“

    MacBee го најавува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“

    Македонско здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) го најавува настанот  „Пчеларски ден – знаење и дружење 2019“. Настанот кој MacBee веќе традиционално го организира неколку години наназад и овојпат ќе биде од едукативно – информативен и меѓународен карактер со учество на странски експерт од областа на пчеларството и со домашни стручни предавачи. Главен презентер ќе биде гостинот од Германија, Мартин Габел. Мартин Габел е германски научен и стручен соработник од областа на пчеларството и пчелар практичар. Во моментов е постдипломец на студии по биологија на Универзитетот Јустус – Либиг во Гисен. Додипломски студии завршил во 2016 година на Универзитетот Филипс во Марбург на отсекот биологија. Дипломирал на темата „Прекин и отстранување на легло како методи за третирање на медоносните пчели против вароа“. Во моментов работи на магистерскиот труд со наслов „Физиологија на однесувањето и поделба на трудот кај пчелите излетнички од шест различни подвидови на медоносната пчела“. Вработен е на одделот за обука и поддршка на пчеларите во Институтот за пчеларство во Кирхајн, а на истиот институт има и статус на привремен истражувач. Ангажиран е и како стручен соработник во проект групата „Био-Ресурс“ на Фраунхофер Институтот за молекуларна биологија и применета екологија во Гисен. Од неговата богата збирка на научни трудови, публикации, презентации и останати авторски и ко-авторски дела, можат да се издвојат:

    • „Алтернативен летен третман на медоносната пчела (Apis mellifera L.) против вароа (Varroa destructor Anderson & Trueman)“, предавање на 63-иот годишен состанок на Здружение на Институти за истражување на пчелите, Брауншвајг, Германија, 2016;
    • „Метод на летно прекинување на леглото за здрави пчелни семејства, резултати и искуства од истражувањето во Германија“, предавање на Работилницата на COLOSS за контрола на Вароа, Уније, Хрватска, 2016;
    • „Алтернативни методи на третман против вароа кај медоносните пчели“, постер-презентација на 46-от Годишен состанок на Друштвото за екологија, Марбург, Германија, 2016;
    • „Справување со вароата на природен начин“, серија флаери објавени од државната агенција за земјоделство, Хесен, Германија, 2017;
    • „Водич за практична и ефикасна биотехничка контрола на вароата“, постер-презентација на 64-от Годишен состанок наЗдружението на Институти заистражување на пчелите, Цеље, Словенија, 2017;
    • „Биотехнички пристап за контрола на вароата преку методите на прекин на леглото, отстранување на леглото и блокирање на леглото во пчелното семејство“, предавање на 45-от меѓународен пчеларски конгрес на АПИМОНДИЈА, Истанбул, Турција, 2017;
    • „Третман против вароа со методот на прекин на леглото. Зошто и како?“ Web-семинар за Данското здружение на пчелари, 2018;
    • Повеќе авторски и ко-авторски текстови во неколку германски магазини и пчеларски списанија („Зима без третман“ (2018) и „Биотехнички методи на третирање преку сезоната“ (2018), објавени во „Deutsches Bienenjournal“), „Истражувањата на прекин на леглото кај пчелите одат во наредна фаза“ (2017), „Резултатите од испитувањето со прекин на леглото кај пчелите се оптимистички“ (2017), објавени во „Мach mal pause“).

    Темата на која ќе презентира дипломираниот биолог Мартин Габел ќе биде: „Прекин и отстранување на легло како методи за третирање на медоносните пчели против вароа“.

    Настанот ќе се одржи на 27 јануари 2018 година, на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

    MacBee наскоро ќе го објави и официјалниот флаер со програмата на настанот и сите останати информации и детали.

    Извор: macbee.org

  • „Пчеларството е исплатлива инвестиција“ – Интервју на Македонско радио со „Пчеларство Митревски“

    „Пчеларството е исплатлива инвестиција“ – Интервју на Македонско радио со „Пчеларство Митревски“

    Во радио емисијата „Боите на Македонија“, емитувана на 21 ноември 2018 година на Првата програма на Македонското радио, гостуваше брачниот пар Марина и Марјан Митревски, реномирани пчелари и сопственици на пчеларската фарма „Пчеларство Митревски“. Во интервјуто тие говореа за нивните почетоци, за начинот на кој тие пчеларат, за локациите на нивните пчеларници, значењето на пчеларските здруженија, а на слушателите им ги наведоа и бенефитите од користењето на пчелните производи. Според пчеларскиот пар Митревски, пчеларството е инвестиција чии резултати се видливи дури после неколку години, но во секој случај доколку се работи посветено и со љубов, е исплатлива. Нивен рецепт за успех во оваа дејност е комбинацијата од напорна работа, големата љубов кон пчелите и уживање во убавините на природата.

    Целото интервју можете да го најдете на видеото подолу:

  • Пчелата не знае за граници, но пчеларите меѓусебно си ги поставуваат

    Пчелата не знае за граници, но пчеларите меѓусебно си ги поставуваат

    Последната сабота од февруари во Бујановац беше одржана пчеларската манифестација „Пчелата не познава граници“. Настанот беше организиран од пчеларските здруженија „Апикула“ од село Несалце и „Полен 2012“ од Бујановац во соработка со секторот за туризам на општината.

    За настанот прв пат дознав кога неколку дена пред неговото одржување на меилот на веб странава, медно.мк доби куса покана за учество испратена од претседателот на „Полен 2012“, Зарије Митиќ. За жал, освен пораката никаде не можеше да се најде официјална информација за промоција или некаква вест дека се организира ваков настан, се додека ден пред одржување на манифестацијата на веб страната на Сојузот на пчеларски здруженија на Србија не забележав вест со информација дека таков настан навистина ќе има и дека организаторите го промениле местото на одржување на настанот и дека истиот ќе се одржи во спортската сала „Младост“.

    Одлуката беше донесена за кратко време. Кратко беше и патувањето до граница. Минибусот со искусни пчелари членови на кумановското пчеларско здружение кои се симнаа за пасошката контрола на студениот граничен премин, беше убава глетка која ми кажуваше дека сепак нешто големо ќе се случува во пчеларски Бујановац, до кого исто така не требаше многу време да се стигне.

    А Бујановац со какво само право можеше да се нарекува пчеларски. Додуша не само тој ден. Имав прилика пред неколку години кога бев дел од тим кој подготвуваше терен за проект за развој на пчеларството во општина Бујановац под покровителство на јапонската амбасада во Белград, да сретнам исклучителни пчелари од самиот град како и од селата Несалце, Лучане, Лопардинце, Велики Трновац и истовремено да се запознаам со добрите услови за пчеларење и богатата пчелна паша, елементи кои прават на Бујановац и тоа како да му „стои“ овој епитет. Големиот број на минибуси, комбиња и автомобили на превозници, пчеларски компании и пчелари паркирани пред салата покажуваше дека за настанот има сериозна заинтересираност, а регистарските таблички од повеќе градови од неколку држави беа доказ за неговиот меѓународен карактер. За жал, освен два информативни постери во А4 формат залепени на левата и десната страна на влезот на салата, ништо друго не укажуваше на каков тип на манифестација се одржува внатре. Уште еден факт за тоа колку лоша промоција преживеа овој настан. Во салата убава глетка. Штандови на производители на пчеларска опрема, алат, пчеларски репроматеријали, храна за пчели, мед и други пчелни производи, поставени со вкус и така распоредени за да се избегнат турканици. Но некако како турканиците да се нешто неопходно и непишано правило и пчеларска потреба во склоп на одржување на било каква пчеларска манифестација. На нашиве простори барем. Завидна бројка на пчелари заинтересирани за понудата на изложувачите нестрпливо навалила кон производите. Се изнесуваат кутии и цели пакувања со погачи, восочни основи, пластични делови за кошници, рази пчеларски потребштини. Влегов во орото и јас. Со минути чекам да платам за производот додека чекам пчеларот до мене да се испазари со продавачката дали за понудената цена да земе уште два лимени затварачи за лето, додека одзади други колеги довикуваат и прашуваат за она што ги интересира. На штанд за продажба на восочни основи интервенираше и полиција, откако купувачот и продавачот поради целата мешаница не можеа да се договорат дали првиот дал, а вториот зел пари. Од штандот на туристичката организација на Бујановац пред кој беа поставени повеќе новинарски камери се слушаше некаков говор, кој беше проследен со млак аплауз, но за жал во целата бука во салата, малкумина беа тие кои дознаа што воопшто таму се случуваше. Откако испазарував работи што ми се потребни за моето хоби пчеларење, (а нормално за пчелар на пчеларски саем) и работи што засега воопшто не ми ни требаат, завземав позиција на трибините на салата во исчекување на едукативниот дел од настанот. За кусо време откако седнав вистински почувствував колку навистина е студено во салата. Ширум отворените влезни врати на салата, пространата внатрешност, отсутното загревање и периодот од годината си го направија своето. Температурата внатре во скромен плус, соодветна за еден голем минус за организаторот. По кратките подготовки започна и вториот дел од манифестацијата. Воведната церемонија беше најавена на албански јазик, а потоа и на српски, а со поздравен говор настанот го отвори градоначалникот на Бујановац. Свои настапи имаа и претседателите на двете пчеларски здруженија кои го организираа целиот настан. После нивните говори, претседателите започнаа да делат благодарници на лица и субјекти заслужни за организирање на настанот. Во овој дел благодарница му беше доделена и на претседателот на СПЗМ, Менде Трајковски, за промоцијата и придонесот за меѓународниот карактер на настанот. За мене дискутабилно, бидејќи овој настан кај нас немаше ама баш никаква промоција, а освен споменатите кумановски пчелари и уште неколку колеги од Битола, не успеав да препознам други македонски пчелари (подоцна дознав дека претседателот на СПЗМ имал и кусо интервју за РТС). Следуваа поединечни и групни фотографирања, честитања и слични неинтересни активности, кои и одзедоа доста време на публиката и направија да биде досадно, но и доколку имаше некој што сконцентрирано сакаше да ги проследи, поради студенилото и константната бука која доаѓаше од саемскиот дел на салата, беше невозможно да го направи тоа. Првото предавање беше на д-р Родољуб Живадиновиќ. Истото она што може да се најде на You Tube, одржано пред неколку години во Куманово. Иако веќе видено, сепак за мене, а верувам и за останатата публика, доста интересно. За жал и овде студот вмеша прсти, па говорникот мораше малку да ја забрза презентацијата, а со оглед на буката која ја споменав погоре, мораше буквално да се надвикува со толпата, што беше навистина исцрпувачки за него. Пред почетокот на втората презентација решив дека веќе не се издржува во студената сала и најпаметно ќе е да си заминам. Како и повеќемина други пчелари.

    Патот кон дома и брзото и без проблеми минување на граничната бариера меѓу двете држави ме натераа да подразмислам. Навистина точно е и сите знаеме, пчелата не знае за граница. Еве и административните власти постојано ни ги олеснуваат процедурите за минување. Но затоа ние пчеларите сами си ставаме рампи. Овојпат незатоплената сала од колегите организатори од Бујановац и студот беа мојата граница и граница за повеќе колеги да преминеме кон учење на нешто ново. Оние македонски пчелари пак, кои воопшто не беа таму и не беа дознале за случувањето, причината за спуштената рампа да се биде на овој настан нека ја бараат во субјектот кој јавно беше истакнат и награден како носител на улогата на промотор на овој настан во Македонија. До кога ќе стоиме и чекаме пред границата кон нешто, што не мора да е идеално, ниту совршено, ниту перфектно, туку нормално и без импровизации сработено?

    IMG_20180224_111349

    IMG_20180224_105701

    IMG_20180224_105717

    IMG_20180224_105931

    IMG_20180224_105905

    IMG_20180224_112756

    IMG_20180224_113448

    IMG_20180224_114622

  • Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    Истражувањето под наслов „Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија“ презентирано во вид на постер презентација која проф. д-р Хрисула Кипријановска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје со своите студенти Мирољуб Голубовски и Мирослав Трајковски ја претставија на Апимондија 2017 во Истанбул, Турција, го анализира производството на мед и останатите пчелни производи и нивниот пласман во Република Македонија. Анализата е изработена врз основа на податоците од Светската организација за храна (ФАО), Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот завод за статистика  и податоци од анонимна анкета спроведена меѓу пчеларите во државава.

    Според истражувањето, првите официјални податоци за производството на мед во Република Македонија се оние според ФАО и датираат од 1992 година. Во периодот од 1992 до 2015 година производството на мед во Македонија бележи големи осцилации (од 1608 тони во 1992 год. до 603 тони во 2012 год.). Во овој период забележани се осцилации и кај бројот на кошници со пчели, од 77600 во 1992 год. до 53439 во 2009 год. со просечно производство на мед од 14 кг. по пчелно семејство. Произведениот мед генерално се пласира на домашниот пазар, главно преку продажба „од врата на врата“, потоа преку продажба на зелените пазари и преку продажба „на големо“ на откупувачите на мед. Просечната цена на медот во малопродажба е 5,7 евра/кг, а при откуп на големо цената изнесува 3,7 евра/кг. Според студијата, кај нас има 7 регистрирани капацитети за производство, преработка, откуп и пакување на мед. Тие се исто така и извозници и увозници на мед.

    Анализата на производството и продажбата на останатите пчелни производи во Република Македонија е направена врз основа на податоци собрани преку анонимни прашалници пополнети од македонските пчелари. Собраните и преработени податоци покажуваат дека 72% од пчеларите произведуваат пчелен восок, 32% произведуваат полен, 26% произведуваат матичен млеч, 60% произведуваат прополис и ниту еден не произведува пчелен отров. Според податоците, во Република Македонија годишно се произведуваат околу 10 тони восок, околу 2,5 тони полен, 100 кг матичен млеч и 1,5 тони прополис. Анализата вели дека цените на пчелните производи се движат од 2,4 до 5,7 евра/грам матичен млеч, 26 евра/кг полен, во просек 37,4 евра/кг прополис, 5,7 до 6,5 евра/кг претопен восок и 9,7 евра/кг изработени восочни основи.

  • Одлична можност за набавка на садници на медоносни растенија

    Одлична можност за набавка на садници на медоносни растенија

    За успешно пчеларење покрај усовршената технологија на пчеларење, потребна е и добра пчелна паша. Задача и цел на секој пчелар е да го зголемува бројот на медоносни билки во регионот каде што пчелари и со тоа да ги подобрува пашните услови и значително да придонесе за зголемување на изворите со нектар и полен за пчелните семејства.

    Во таа насока, градинарскиот центар Фоја на сите пчелари по најповолни цени им нуди садници од следните медоносни билки:

    • Багрем (Robinia pseudoacacia);
    • Лаванда (Lavandula angustifolia);
    • Барбула (Caryopteris од видот Summer Sorbet).

    Повеќе на флаерот на градинарски центар Фоја

    ДОБРА ВЕСТ ЗА СИТЕ ПЧЕЛАРИ!!!-flaer

  • Покана за настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“

    Покана за настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“

    Македонското здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) – MacBee, со задоволство Ви го претставува настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“. Настанот ќе понуди повеќечасовна програма која вклучува презентации од информативен и едукативен карактер. MacBee веќе неколку години организира настани од ваков карактер, каде на едно место се собрани ценети домашни и странски научни експерти од областа на пчеларството, професионални пчелари и пчеларски ентузијасти и вљубеници во пчеларството. Како и претходните, така и овој настан претставува одлична можност за надградба на Вашето пчеларско знаење, а воедно и да се информирате со активностите на MacBee.

    Настанот ќе се одржи на 28 јануари 2018 година, со почеток во 10 часот, во просториите на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје.

    MacBee со особена чест ги поканува сите вљубеници во пчеларството со своето присуство да го збогатат овој настан.

    Комплетната програма на настанот „Пчеларски ден – знаење и дружење 2018“, како и начинот на пријавување на учеството, погледнете ги во флаерот – соопштение за флаерот – соопштение за „Пчеларски ден-знаење и дружење 2018“.

    Извор: www.macbee.org

  • Научно е докажано: Пчеларите и оние кои јадат мед се подолговечни

    Научно е докажано: Пчеларите и оние кои јадат мед се подолговечни

    Од поодамна постои верување дека пчеларите поретко се подложни на болести и живеат подолго од луѓето кои не се занимаваат со пчеларење, но ништо од сето тоа не било научно поткрепено. Токму ова е причината група научници од „Јуниверзити Сеинс Малезија“ од Пенанг, Малезија да се зафатат со истражување на поврзаноста на конзумирањето пчелни производи и на пчеларењето со долговечноста.

    Испитувајќи ја формираната група од 60 учесници, поделена на две експериментални групи од 30 лица пчелари кои пчеларат најмалку 5 години и 30 лица кои немаат никаков контакт со пчели и не користат пчелни производи, малезиските научници дошле до интересни резултати. Се покажало дека постојаното и редовно конзумирање на пчелните производи и работата со пчелите кај групата составена од пчелари водат до изразено подолги теломери во однос на теломерите кај групата составена од луѓето кои не пчеларат. Теломерите се краевите на хромозомите, а поедноставно и посликовито можат да се објаснат како пластифицираните краеви на врвките од обувките. Функцијата на теломерите е заштитна, односно да не дозволат спојување на хромозомите со други хромозоми, а од неодамна е докажано дека должината на теломерите е еден од најважните фактори на биолошкото стареење. Колку завршетоците на хромозомите се покуси толку повеќе се зголемуваат шансите лицето да заболи од некоја болест како канцер или некои кардиоваскуларни заболувања и да има кус живот.

    Резултатите покажале и дека со растење на бројот на години на пчеларење и користење на пчелните производи расте и измерената должина на теломерите. Влијание на должината на теломерите има и фреквенцијата на јадење на пчелни производи на дневна основа.

    Разлика во должина на теломерите кај пчелари и лица кои не пчеларат

    Малезиските научници најавуваат и нови истражувања во оваа насока со цел да откријат кој пчелен производ има најголемо влијание врз должината на теломерите, односно долговечноста.

  • Пример за успешен пчеларски бизнис – Пчеларник „Додевски“ (ВИДЕО)

    Пример за успешен пчеларски бизнис – Пчеларник „Додевски“ (ВИДЕО)

    Пчеларството сè повеќе се сфаќа како сериозна дејност и можност за успешен семеен бизнис. Потенцијалот и перспективите кои ги нуди државава за развој на оваа гранка се големи. Токму затоа потребна е поголема искористеност на сите ресурси, постојана едукација на пчеларите и истражување на можностите да се дојде до поголеми приноси во пчеларството.

    Токму на оваа тема, а и за останати пчеларски прашања, говори Иван Додевски, сопственик на пчеларската фарма „Додевски“, во емисијата „Профит“ емитувана на „Наша ТВ“. Младиот, но искусен Додевски е пример за успешен пчелар, кој би требало да го следи секој оној кој има намера на пчеларството да смета како сериозен семеен бизнис.

    Комплетната емисија „Профит“ посветена на пчеларството погледнете ја во следниве видеа: