Белата лобода (Chenopodium album) е билка од родот Chenopodium. Ја има во изобилство по напуштените ниви, нивите засадени со разни поледелски култури, бавчите и покрај патиштата. Се смета за коровска билка. Во Индија е култивирана и се одгледува како зачинска билка. Кај нас за јадење обично ги користат листовите и младите изданоци, но поради оксалатите кои ги содржи, треба да се конзумира умерено. Содржи големи количини и на витамин А, С, калиум, калциум и магнезиум. Во височина расте до 1,5 метри, а некогаш и повисоко. Листовите близу кореновата основа имаат форма во вид на дијамант и долги се до 7 cm, додека оние од средината кон врвот имаат ромбовидна форма и се благо назабени. Цвета во крајот на август и почеток на септември и дава доста полен. Цветањето на лободата е најчеста причина за појава на поленска алергија кај луѓето во тој период од годината. Пчелите со задоволство ги посетуваат цветовите од белата лобода од кои за кусо време собираат доста полен со темно жолта до светло маслинеста боја. Цветањето на белата лобода во отсуство на други поголеми извори на полен е добредојдено за пчелите и тие со задоволство го искористуваат тоа. Семето содржи доста сапонини и треба умерено да се користи. При исхрана на кози со концентрирана храна во која имало додадено и семе од лобода, забележан е зголемен процент на плодност. Кај луѓето, умерено конзумирање на семето делува благо лаксативно и го прочистува дигестивниот тракт.
