За разлика од некои македонски локални самоуправи, кои го ограничуваат, па дури и забрануваат пчеларењето на територијата од својата општина, локалната самоуправа на италијанскиот град Росињано одлучи, дел од својот имот да им го стави на располагање на пчеларите.
Според многумина, ова е голем поттик за оние кои сакаат да се занимаваат со одгледување на пчели. Постепеното исчезнување на пчелите и ефектот од намаленото опрашување врз продукцијата на насадите се препознаени од администрацијата на градот, па со намера да го популаризираат и омасоват пчеларењето, одлучиле да направат еден ваков чекор. „Со оглед на тоа дека на територијата на општината има неискористени парцели, решивме да ги активираме за нешто позитивно“-вели Даниеле Донати, комесар за земјиште во градот Росињано. „Целта ни е да покренеме иницијатива за развој на пчеларењето, без разлика дали тоа би било рекреативно, комерцијално или експериментално. На тој начин би помогнале и во развојот на градот, подигајќи ги вредностите на локалното земјоделство и квалитетот на животната средина“-додава Донати.
Сопственоста над земјиштето од страна на пчеларите ќе биде од привремен карактер и секој корисник ќе поседува лиценца за неговото користење. Имајќи во предвид дека од 2008 година, пчеларството во Росињано е во лоша состојба поради големата загуба на пчелни семејства, градските власти очекуваат голема заинтересираност и многу апликации.