Дали е на повидок нов биолошки анти-вароа метод?

Здрави пчели без присуство на вароа, е сонот на секој пчелар. Дали откритието на биолозите од Универзитетот во Хохенхајм, Германија, може да го направи овој сон реалност?

Истражувачите, преку манипулирање со сексуалната активност на крлежот, успеале да дојдат до еколошки и лесен начин за намалување и елиминирање на вароата во кошницата. Преку изолирање на женските сексуални феромони, кои ги испуштаат женските единки на вароа, биолозите успеале да го детерминираат составот на сексуалните феромони и истите да ги произведат по синтетички пат.

А токму во феромонската активност на крлежите се кријат механизмот на функционирање и ефектот на овој метод. Ако феромонска активна материја се напрска по саќето со легло, таа ќе предизвика иритација врз машките единки, поради што тие губат ориентација во однос на времето за парење, стануваат помалку сексуално активни и им се намалува репродуктивната способност. Овој феромонски сексуален дисбаланс предизвикува женските единки да бидат спарувани и оплодени во погрешно време, кога сеуште не се сексуално зрели. Ваквите единки се помалку витални, не можат да произведуваат женски јајца, па поради тоа не можат со својот репродуктивен циклус да придонесат во зголемување на бројот на популацијата на вароа. При паралелно испитување на семејства каде е аплицирана феромонската материја и семејства без ваков третман, забележано е намалување на сексуалната активност на женските единки за 60%.

Истражувачите велат дека овој третман е евтин, нештетен по околината и човекот и лесно се спроведува на терен. Методот е во фаза на патентирање, процес по кој би требало да следи негова комерцијализација, кога би ги дознале и условите за аплицирање и дозирање на третманот.

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.

Напиши коментар

Вашата електронска адреса нема да биде објавена.Означените полиња се задолжителни *

*