Пчеларите знаат многу техники за сузбивање на осите. Преку поставување на најразлични стапици изградени од пластични шишиња, пластични туби, замки со лепак, отровни мамки и многу други иновативни техники и начини, пчеларите пробуваат да ги превенираат или намалат штетите, кои осите можат да ги предизвикаат на пчеларникот. Овој текст е наменет за уште една таква стапица, која е лесна за изработка, за разлика од стапиците со пластични шишиња, има многу поголем „капацитет“ и може да остане на пчеларникот во текот на целата активна сезона.
За изработка на оваа стапица за оси, потребни се две празни тела и метална ситна мрежа. Обично се користат стари тела, кои не се користат за сместување на пчелите. Доколку имаат пукнатини и дупки, истите се лепат и затвараат со смеса од лепак и дрвени струготини.
На горната страна од едното тело се става метална мрежа со ситни отвори. Се прековува со шајчиња, штрафови или метални притискачи. Мрежата се сече на средината и се прави кружен отвор (дијаметар од околу 20-тина cm).
Од друго парче мрежа се прави форма на конус или купола. Долниот крај на конусната форма треба да е поширок и да одговара на претходно направениот кружен отвор на прикованата мрежа, а горниот крај треба да завршува со мал отвор. Должината на куполата треба да е нешто помала од висината на едно спратче. Основата, односно широкиот дел на куполата се спојува (шие, хевта) со широкиот отвор на мрежата од првото спратче.
Мрежа се става и на горната површина на второто тело. Таа останува цела.
Телото со пришиена мрежа се поставува прво, а врз него доаѓа телото со цело парче мрежа. На мрежата од првото тело, на алуминиумска фолија или во некој сад, се става мамката за осите.
Стапицата се поставува поткрената, за да се обезбеди доволно простор за осите и другите штетници слободно да влегуваат во неа.
Успешен лов.