Категорија: Вести

  • Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    Објавени резултатите на COLOSS за зимските загуби на пчелни семејства

    [dropcap]З[/dropcap]дружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), ги објави резултатите од анкетните прашалници пополнети од пчеларите низ Европа и некои земји од Африка, а чија намена беше да се откријат ризиците и факторите за загубите на пчелните семејства во 2014/2015 година. Беа собрани податоци од 31 држава, меѓу кои и од Русија, Украина и Египет кои за прв пат беа дел од оваа анкета. Македонските пчелари веќе неколку години редовно учествуваат во пополнување на прашалниците и во креирањето на појасна слика за угинувањето на пчелните друштва на територијата на Европа и пошироко. Вкупно 23.234 пчелари беа дел од меѓународното испитување и обезбедија податоци за загубите, смртноста и забележаните промени на своите пчеларници во текот на зимата 2014/2015 година. Оваа бројка на пчелари-учесници во анкетата, менаџира со 469.249 кошници со пчели. Од оваа бројка, 67.914 пчелни семејства угинале во текот на зимскиот период, а 3% угинале по завршувањето на зимата од разни причини и проблеми поврзани со матиците. Анализата на резултатите покажува дека зимските загуби во голема мерка можат да варираат во различни држави. Така, во Норвешка загубите се 5%, додека во Австрија се движат до 25%. Најголем процент на смртност забележан е во Белгија и изнесува нешто повеќе од 36%. Просечната стапка на загуби изнесува 17,4%, што е двојно повеќе од минатата година.

    coloss zagubi

    Од околу 3.000 пчелари во Република Македонија, во анкетата оваа година учествуваа 190 пчелари со 13.847 зазимени пчелни семејства, а пријавените 752 угинати пчелни семејства покажуваат дека просечна стапка на пчелни загуби на територијата на нашата држава за зимата 2014/2015 година изнесуваат 5,43, стапка на смртност која заедно со бројката на загуби во Норвешка, Литванија, Израел и Велс ја става Република Македонија во петте земји со најнизок процент на зимски загуби. Секако дека многу различни параметри влегуваат при калкулацијата на загубите, но со оглед на тоа дека навистина имаше многу ниска смртност кај пчелите оваа зима, овие параметри за нашата земја слободно можат да ја отсликаат состојбата со зимските загуби во македонските пчеларници.

  • Aethina tumida закана и по пчелите во Швајцарија

    Aethina tumida закана и по пчелите во Швајцарија

    [dropcap]Ш[/dropcap]вајцарските ветеринарни служби масовно ги мобилизираат тамошните пчелари и превземаат сериозни  мерки за рано откривање на присуство на малата кошничка бубачка. Во програмата за активно следење на заразеност со овој штетник, наречена APINELLA, вклучени се 180 швајцарски пчеларници кои секоја втора недела се контролираат за присуство на малата кошничка бубачка. Резултатите од мониторингот и контролите се внесуваат во заедничка база на податоци од каде се достапни за секој пчелар. Ваквиот начин на следење на резултатите од сите региони, овозможува навремено да се превземат соодветни мерки за заштита и методи на делување. Дополнително, секој пчелар кој ќе ја забележи малата кошничка бубачка на својот пчеларник, задолжително мора да ги извести кантонските ветеринарни власти. Тешкото откривање на инфицираноста на пчелните семејства со бубачката, бурниот и инвазивен ток на заразеноста, како и отежнатото справување на италијанските ветеринари и пчелари со инвазијата на малата кошничка бубачка во Италија се причина за ваквата загриженост и зголемените активности на швајцарските ветеринарни служби.

  • Пчелниот отров како лек – штипјанец почна бизнис со државна поддршка

    Пчелниот отров како лек – штипјанец почна бизнис со државна поддршка

    [dropcap]Т[/dropcap]риесетгодишниот Марко Миховски од Штип е еден од ретките млади луѓе кој својата перспектива ја гледа во пчеларството. Пчелниот отров за потребите на фармацевтската индустрија е неговата оргинална идеја за која добил неповратна финансиска поддршка од државата во висина од 10.000 евра.

    Лековитите својства на матичниот млеч се добро познати кај народот. Миховски планира од својот пчлеларник да направи атракција каде што секој добронамерник на лице место ке може да го апстрахира матичниот млеч.

    Овој триесетгодишен земјоделски инжинер е еден од седумте млади луѓе од штипско кои сакаат да започнат земјоделски бизнис. Во наредниот период Миховски планира да го зголеми бројот на пчелни семејства, а органското пчеларење да стане нивни семеен бизнис.

    Извор

     

  • Викендов авионско прскање против комарци во Скопје

    Викендов авионско прскање против комарци во Скопје

    [dropcap]В[/dropcap]о сабота надлежните служби на Град Скопје ќе извршат авионската дезинсекција против ларви од комарци на подрачјето на главниот град, што ќе биде прво прскање годинава на ниво на главниот град.

    „Првиот наврат на аеросолната дезинсекција (авионска) во 2015 година, на подрачјето на Град Скопје, против ларви од комарци ќе се реализира на 13.06.2015 година (сабота), во период од 7 до 11 часот. Притоа ќе бидат опфатени сите мочуришта, канали и стоечки водени површини во градот Скопје и неговата околина, како и течението на реката Вардар“, соопштуваат од Град Скопје.

    Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на аеросолната дезинсекција, авионската дезинсекцијата ќе се изврши првиот нареден ден,  кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин.

    Пчеларите се предупредуваат навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

  • Мајски рутински преглед на Родна Воја и Лангстрот-Рут кошници во с. Малино (Видео)

    Мајски рутински преглед на Родна Воја и Лангстрот-Рут кошници во с. Малино (Видео)

    [dropcap]Н[/dropcap]а 25-ти мај 2015 година, гостин на пчеларникот во с. Малино и дел од репро-центарот за пчелни матици „ЕКО ПЧЕЛА“-Скопје, беше новинарот Зоран Трајчевски, кој за потребите на својата емисија „Актуелно“, која се емитува на Македонското радио, направи интервју со сопственикот на одгледувалиштето, професионалниот пчелар Борче Павлов. Новинарот, истовремено голем вљубеник во природата и почетник во пчеларењето, се запозна со капацитетите на одгледувалиштето, условите за работа и начинот на функционирање на овој бизнис. Присуствуваше на рутински преглед на дел од кошниците од типот Родна Воја.

    Беше посетен и експерименталниот пчеларник на здружението „MacBee“ лоциран недалеку од репро-центарот, каде дел од членовите на здружението го запознаа новинарот со активностите и дел од проектите на здружението.

    Како благодарност за успешно реализираниот пчеларски ден, Трајчевски на двете здруженија им се оддолжи со интересно видео во негова лична продукција:

  • Значењето на автохтоната македонска пчела и заштитата на овој подвид (Видео)

    Значењето на автохтоната македонска пчела и заштитата на овој подвид (Видео)

    [dropcap]З[/dropcap]а заштитата и значењето на Apis mellifera macedonica и реализираните проекти во таа насока, во утринската емисија на Алфа ТВ зборуваше Борче Павлов, професионален пчелар, сопственик на регистрирано одгледувалиште на пчелни матици и член на пчеларското здружение „Еко Пчела“-Скопје. Во разговорот, Павлов ја истакна важноста на автохтоните пчели, како и нивната предност во однос на хибридите и увезените подвидови на пчели. Зборувајќи за производството на селекционирани матици, тој ги наброја предностите и придобивките кои би ги добил секој одгледувач на пчели доколку набави матици токму од регистрираните одгледувалишта. Ова, а и останатиот дел од разговорот погледнете го подолу во видеото.

  • Пчеларот поради кого збеснаа колегите од нашиот јужен сосед

    Пчеларот поради кого збеснаа колегите од нашиот јужен сосед

    Македонскиот пчелар, чија фотографија се појави во повеќе медиуми на нашиот јужен сосед, освен дел од тамошните пчелари, успеа сериозно да изнервира и дел од грчката јавност. На фотографијата пчеларот прикажувајќи рамка со легло, стои пред кошници на кои се насликани ликот на Александар Македонски и сонцето од Кутлеш, главната причина поради која во моментов е и „популарен“ кај нашите соседи.

    makedonski pcelar1

    Во текстот посветен на оваа фотографија, насловен како „Скопјаните и нивните простачки работи“, полн со навреди, вулгарности, омраза и бес кон Македонците, а објавен во повеќе грчки медиуми, се вели дека во време кога Грците се нарекувани фашисти од сите страни, „Скопјаните“ подло, но сеуште со надеж, се обидуваат да се претстават како Македонци. Се оди дотаму што како доказ за потеклото, на македонскиот пчелар и на сите кои се нарекуваат Македонци им се нуди анализа и споредба на нивната ДНК со онаа на античките Македонци.

    Пчеларите, од каде и да се, важат за благородни, чесни и добри луѓе, и тие како и пчелите не познаваат ниту политика, ниту граници, па затоа ова ќе го прифатиме како нивен мал испад во моментите на слабост и како рефлексија на целокупната ситуација во која се наоѓаат во моментов. А нашиот колега очигледно е дека одлично си ја работи својата работа. Матицата му е за пофалба. Дали сите матици се така квалитетни или само оние од кошниците насликани со македонски мотиви, засега останува мистерија.

  • COLOSS прашалник за загуби на пчелни семејства 2014/2015

    COLOSS прашалник за загуби на пчелни семејства 2014/2015

    [dropcap]С[/dropcap]о цел да се соберат повеќе информации за загубата на пчелни семејства од што е можно повеќе држави, Здружението за превенција на загубите на пчелни семејства, COLOSS (Prevention of honey bee COlony LOSSes), го објави прашалникот, со кој преку одговорите на стандардизираните и унифицирани прашања за пчеларите низ цела Европа треба да се откријат ризиците и факторите за загубите на пчелните семејства. Покрај ова, методологијата на обработката на податоците треба да обезбеди информации за годишните загуби на национално ниво, како и споредба на бројот на угинати семејства помеѓу 20-те држави учесници во анкетата.

    Можност за придонес кон ова имаат и нашите пчелари, кои веќе неколку години, со одредени прекини, се дел од оваа активност на COLOSS. Координатор и реализатор на овој проект за територијата на Македонија е Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје чија Лабораторија за пчеларство во соработка со Македонското здружение за заштита на македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) ги спроведуваат сите неопходни активности за успешна реализација на анкетните прашалници.

    По реализирањето на прашалниците и обработката на податоците, резултатите ќе бидат јавно објавени и достапни за сите на веб страната на COLOSS.

    Прашалникот можете да го пополните со кликање овде.

    Извор: macbee.org

  • Процентот на зимски загуби во Германија далеку над просекот. Пчеларите најавуваат тешка сезона

    Процентот на зимски загуби во Германија далеку над просекот. Пчеларите најавуваат тешка сезона

    [dropcap]З[/dropcap]агубите на пчелните семејства во текот на зимата во Германија се далеку од очекуваните и просечните бројки. Состојбата со високата смртност е скоро идентична во сите региони низ државата, па од Германската пчеларска асоцијација најавуваат дека треба да се очекува скромен медобер.

    Претседателот на Националното здружение на пчелари од Хесен, Манфред Риц, изјави дека нормалната стапка на смртност и угинување на пчелните семејства во Кирхајн и регионот во текот на зимата е 10 до 15 %, но оваа сезона стапката на угинување достигнала дури до 35 %. Причината за ова, според Риц е ланската рана пролет и раното цветање на флората со што се намалија изворите на храна за пчелите во текот на летото, па пчелите фактички гладуваа. Претседателот на пчеларите од Хесен вели дека лошата кондиција во која ваквите временски услови ги доведоа пчелите, им пружи идеална можност на крлежите и вирусите максимално да се развијат, а сето тоа се одрази изминатава зима. Во областа Хесен има околу 8800 пчелари со околу 50000 пчелни семејства. Сега тие се приморани да набавуваат пакетни роеви за обновување на своите пчеларници, но потребно е да бидат внимателни од каде ги набавуваат пчелите поради можноста за внесување на заразни болести и паразити.

    Клаус Еисел, претседател на Пчеларското здружение од Нојштад вели дека и во овој регион зимските загуби се движат до 35%. За главен виновник ја смета вароата, а вели дека освен малите количини на мед, целата заедница ќе се соочи и со намалена продукција и квалитет во овоштарниците и градините. Според Еисел, ефектот од зимските загуби ќе може да се види јасно дури на есен.

    И во Здружението на пчелари од Бранденбург резултатите покажуваат смртност од 40%. Во нормални сезони смртноста на пчеларниците во Берлин и Бранденбургшкиот регион се движи до 10%, па затоа овогодинешните податоци се загрижувачки и алармантни. И од ова здружение како главни причини ги потенцираат топлото време идеално за развој на вароата, недостатокот на храна во пчелните семејства, но и прекумерното засадување на површини со култури без никакво значење за пчелите како што се пченката, јачменот и разни житарки.

  • Избран новиот претседател на ПЗ „Матица“-Скопје

    Избран новиот претседател на ПЗ „Матица“-Скопје

    [dropcap]Н[/dropcap]а Изборното собрание на ПЗ „Матица“-Скопје одржано на 3-ти март 2015 година во Скопје, беше избран новиот Претседател на здружението. Пчеларите имаа можност да избираат помеѓу двајца претседателски кандидати, предложени од самото членство, односно Александар Михајловски и Јане Марков. Во на моменти напната атмосфера, но на фер и регуларно гласање, со 41 глас наспроти 30 гласови, за Претседател на здружението беше избран Д-р Јане Марков.

    glasacka kutija matica
    Како се одвиваше гласањето

    Интересно е тоа што и самиот кандидат за претседател и победник, Марков, откако еднаш го одби предлогот да биде ставен на претседателската избирачка листа, по убедување на дотогаш актуелниот претседател, се премисли и вториот пат го прифати предизвикот. На крај, по прогласувањето на победата Марков изјави дека воопшто не очекувал ваков развој на настаните и дека лично е изненаден од позицијата која му ја доделија мнозинството членови на здружението. Еден од првите кои му ја честитаа победата беше неговиот противкандидат Михајловски.

    glasacko livce matica
    Гласачко ливче

    Треба да се напомене дека поради одолговлекување на дневниот ред, од страна на Изборното претседателство на претседателските кандидати им беше скратена можноста да ги претстават своите програми за управување со здружението, со што членството остана покусо за нивните пчеларски биографии, нивните визии и идни проекции за ПЗ „Матица“-Скопје.

    Останатиот дел од Изборното собрание беше посветен на изборот на управувачките органи на здружението.