Категорија: Болести

  • Вартерминатор-мравја киселина во поинаков облик за контрола на вароата

    Вартерминатор-мравја киселина во поинаков облик за контрола на вароата

    [dropcap]М[/dropcap]равјата киселина оправдано се наоѓа помеѓу поефикасните средства за борба против вароата. Добро е познато дека таа со голем успех ги убива крлежите во затвореното легло, но иако многу ретко, понекогаш се случува да предизвика одреден проблем во пчелното семејство. Новиот облик на средството за контрола на вароата на база на мравја киселина, а пуштено во промет пред неколку денови под името Вартерминатор е создадено и развиено токму со цел ефикасно да се справи со крлежите, а при тоа да биде сосема безбедно по пчелите. Вартерминатор претставува проѕирен гел кој содржи 36% мравја киселина во себе, спакуван во соодветна вреќичка сместена во херметички затворено пластично пакување.

    varterminator

    Аплицирањето на Вартерминатор се врши на температура помеѓу 15°C и 35°C, а техниката се состои во едноставно отпакување на пластичното пакување и поставување на вреќичката со гел врз рамконосачите. Еден третман со ова средство се врши со две вреќички со гел кои остануваат во кошницата 10 денови, период по кој е потребно да се постават нови две пакувања со гел.

    varterminator2

    Структурата на Вартерминатор е создадена да продуцира пасивно испарување на мравјата киселина со што се герантира максималната безбедност на пчелите. Просечната акарицидна ефикасност на ова средство е 95%, а максималната забележана ефикасност изнесувала 99%.

    Засега овој производ го има само на пазарот во Италија, каде тамошните пчелари веќе имаат можност да ги испитаат неговите резултати и ефикасност независно од она што го декларира неговиот производител и што го покажуваат експерименталните резултати. Доколку Вартерминатор навистина покаже успех во делувањето, тогаш е јасно дека е потребна негова масовна распространетост, како во органското така и во конвенционалното пчеларење.

  • Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    [dropcap]З[/dropcap]а внесувањето на малата кошничка бубачка во Италија постојат неколку теории. Најчесто споменуваната е онаа дека паразитот е внесен преку нелегално внесување на пчели од Африка во Италија. Според некои, бубачката е внесена при транспорт на увезено овошје од северно-африканските земји. Оваа втора теорија и не е невозможна ако се знае дека при еден експеримент е покажано дека малата кошничка бубачка живее, се развива и размножува и при услови на отсуство и недостаток на пчелно саќе, пчелно легло и пчелни производи, односно на одредено овошје, на цветови богати со нектар, па дури и на месо во распаѓање. Иако медот, поленот и саќето со легло нудат и пружаат најдобри услови за развој на бубачката, тие не се есенцијални за нејзиниот опстанок. Бананата, мангото, грозјето и уште неколку слатки овошја, нудат добри услови за опстанок на бубачката, доколку се најде во ситуација да биде лишена од својата претпочитана и идеална животна средина.

    За потребите на експериментот, кој се изведувал на три локации, САД, Австралија и Јужноафриканска Република, возрасни единки и ларви на бубачката се ставени во пластични кутии во кои како медиум користени се парчиња банана, јагодки, парчиња саќе со полен и мед, говедско месо, грозје и манго. За испитување на способноста за опстанување на бубачката врз цветови и исхрана само со нивниот нектар и полен, користени се локални видови на медоносни растенија, сместени во саксии и населени со бубачки. Саксиите и цветовите се замотани во два слоја на мрежа, една покрупна и друга поситна.

    При мерење на резултатите, во различни супстрати забележани се разлики во повеќе параметри. Така, во супстратот од банана забележани се најголем број на снесени јајца и изведени ларви во споредба со саќето со мед и јагодите. Но во споредба со бројот на јајца и ларви во саќето со пчелно легло и јајца (најомилената средина на бубачката) во инфицирана кошница, бројката на јајца и ларви во примерокот со банана е значително ниска.  Во примерокот со месо како единствен извор на храна за бубачката, забележани се многу мал број на снесени јајца и изведени ларви. Најголема смртност на возрасни бубачки е забележана кај грозјето и бананата, додека најдолговечни биле бубачките сместени во средина со саќе со полен и мед и манго. Во супстратите од манго и пчелни производи, бубачките преживеале дури 26 денови. Што се однесува до преживувањето на бубачката врз цветовите, смртта која кај сите бубачки населени на цветовите настапила до 14 ден од експериментот, покажува дека цветниот нектар и полен не се соодветна храна за неа, а цветовите не се средина која бубачката ја претпочита.

    Ваквите сознанија покажуваат дека во отсуство на својата природна средина на паразитирање, малата кошничка бубачка преку алтернативни извори на храна и неприродни средини за нејзино размножување, успева да ја одржи својата популација за извесен временски период, сè до појавувањето на услови во кои може повторно нормално да паразитира. Можеби бројката на популацијата при алтернативното преживување значително ќе опадне, но и малиот број на возрасни единки при инвазија на едно пчелно семејство, за кусо време може да предизвика катастрофа на целиот пчеларник. Затоа, оваа способност за алтернативна исхрана на малата кошничка бубачка треба да се земе секогаш во предвид и истата сериозно да се разгледува.

  • Инфицирање со вирусот на деформирани крила и преку поленот

    Инфицирање со вирусот на деформирани крила и преку поленот

    [dropcap]В[/dropcap]ирусот на деформирани крила е еден од најпатогените вируси кај пчелите. Тој има големо учество во загубите на пчелните семејства. Вирусот припаѓа на типот Iflavirus. Прв пат е изолиран во Јапонија во 1982 година, а по неговото откривање неговото присуство е регистрирано низ целиот свет. Познато е дека вирусот се пренесува вертикално и дека може да биде присутен во едно семејство, но да се активира кога ќе се развијат поволни услови за тоа. Предизвикува оштетување на крилцата на пчелите, пореметување во развојот на абдоменот кај пчелите и прерана смрт, што доведува до пропаѓање на пчелното семејство. Појавата на вирусот на деформирани крила е тесно поврзана со заразеноста на семејството со Varroa destructor. Крлежите освен што имаат способност за реплицирање на вирусот во огромни количини, имаат и улога во активирање на вирусната инфекција преку ослабување на имунитетот на пчелното семејството.

    Вирусот на деформирани крила е детектиран во многу пчелни производи како што се пергата, медот, матичниот млеч, што покажува дека постои и хоризонтален пат на пренесување на заразата, односно ифицирање по пат на хранење и трофилакса. Група на научници од Универзитетот во Пиза, Италија, преку својата студија докажа дека внесување на вирусот на деформирани крила во пчелното семејство, освен преку крлежите може да се направи и преку поленот собран од пчелите излетнички и на тој начин вирусот да се внесе во пчелно семејство неинфицирано со вирус и очистено од крлежи. Ваквиот инфективен полен станува контаминирана храна за пчелното семејство. Научниците експериментално докажале дека со хранењето на незаразените јајца и ларви со заразена храна се добиваат инфицирани пчели со телесни деформитети и со слаб телесен развој. Во експериментот е докажано дека заразените пчелите при собирање на полен, истовремено вршат и контаминација на цветот, па така несобраниот полен станува инфективен материјал за другите незаразени пчели и пчелни семејства. Сеуште не е докажан начинот на кој пчелите го контаминираат поленот. Научниците сметаат дека причина за тоа е фецесирањето на пчелите врз цветот во текот на собирањето на полен.

    Според истражувачите, ова е многу значајно откритие за пчеларството. Ширењето на вирусот на деформирани крила преку поленот, може да има значително влијание врз исчезнувањето на пчелните семејства за кои се сметало дека се незаразени со вируси и успешно третирани од крлежи.

  • И пчелите имаат свои доктори

    И пчелите имаат свои доктори

    [dropcap]П[/dropcap]ознато е дека и пчелите страдаат од најразлични заболувања и инфекции. Но, малку е познато дека кога ќе завладее одредена болест во семејството, на сцена стапуваат пчелите-доктори, кои се грижат за елиминирање на болеста и лекување на заболените сестри, со цел да се задржи нивната работна сила и компактноста на семејството.

    Студијата направена на Универзитетот во Хале (Зале), Германија, покажува дека кога пчелите негувателки се инфицирани со одреден паразит, селективно јадат мед, кој има висока антибиотска активност. Оваа каста на пчели е одговорна и за хранење на ларвите со мед, како и дистрибуирање на ваквиот мед до останатите пчели од семејството. Затоа, се претпоставува дека овие пчели се доктори во кошницата кои, зависно од инфективниот агенс, на пчелите им „препишуваат“ рецепт со одреден мед.

    За целите на истражувањето пчелите негувателки биле заразени со Nosema ceranae и им бил понуден избор на четири видови на мед, од кои три видови од растително потекло: багрем, сончоглед и липа, и еден од нерастително потекло-медлика, како продукт, односно секрет на одредени инсекти. Иако сите овие видови на мед имаат антибиотска активност, пчелите заболени од ноземоза претпочитале да го земаат медот од сончоглед, за кој е познато дека има силно антимикробно дејство. Со користење на сончогледовиот мед, пчелите успеале да го намалат процентот на инфекција за 7% во споредба со заразени пчели, кои имале на располагање само мед од липа.

    Студијата покажува дека одредени видови на мед имаат поизразен ефект врз одредени заболувања. Така, сончогледовиот мед, освен врз причинителот на ноземозата, делува превентивно против причинителот на Американскиот гнилеж, но многу послабо делува врз причинителот на Европскиот гнилеж. Но затоа пак против ова заболување ефективен е медот од липа.

    Способноста на пчелите негувателки за проценување на ефектот на медот, зависно од причинителот на инфекцијата, со таквиот мед да се храни потомството и да се препорачува на другите членови од семејството, е од големо значење за пчелите и пчеларот, особено денес, кога пчелите се соочуваат со разни болести, климатски промени, загадување на животната средина и интензивното земјоделство.

    Освен медот, пчелите имаат и друг медикамент-прополисот, кој го користат во лекување на габични инфекции. Докажано е дека пчелите, заболени со габични  инфекции, собираат повеќе прополис.