И пчелите имаат свои доктори

Познато е дека и пчелите страдаат од најразлични заболувања и инфекции. Но, малку е познато дека кога ќе завладее одредена болест во семејството, на сцена стапуваат пчелите-доктори, кои се грижат за елиминирање на болеста и лекување на заболените сестри, со цел да се задржи нивната работна сила и компактноста на семејството.

Студијата направена на Универзитетот во Хале (Зале), Германија, покажува дека кога пчелите негувателки се инфицирани со одреден паразит, селективно јадат мед, кој има висока антибиотска активност. Оваа каста на пчели е одговорна и за хранење на ларвите со мед, како и дистрибуирање на ваквиот мед до останатите пчели од семејството. Затоа, се претпоставува дека овие пчели се доктори во кошницата кои, зависно од инфективниот агенс, на пчелите им „препишуваат“ рецепт со одреден мед.

За целите на истражувањето пчелите негувателки биле заразени со Nosema ceranae и им бил понуден избор на четири видови на мед, од кои три видови од растително потекло: багрем, сончоглед и липа, и еден од нерастително потекло-медлика, како продукт, односно секрет на одредени инсекти. Иако сите овие видови на мед имаат антибиотска активност, пчелите заболени од ноземоза претпочитале да го земаат медот од сончоглед, за кој е познато дека има силно антимикробно дејство. Со користење на сончогледовиот мед, пчелите успеале да го намалат процентот на инфекција за 7% во споредба со заразени пчели, кои имале на располагање само мед од липа.

Студијата покажува дека одредени видови на мед имаат поизразен ефект врз одредени заболувања. Така, сончогледовиот мед, освен врз причинителот на ноземозата, делува превентивно против причинителот на Американскиот гнилеж, но многу послабо делува врз причинителот на Европскиот гнилеж. Но затоа пак против ова заболување ефективен е медот од липа.

Способноста на пчелите негувателки за проценување на ефектот на медот, зависно од причинителот на инфекцијата, со таквиот мед да се храни потомството и да се препорачува на другите членови од семејството, е од големо значење за пчелите и пчеларот, особено денес, кога пчелите се соочуваат со разни болести, климатски промени, загадување на животната средина и интензивното земјоделство.

Освен медот, пчелите имаат и друг медикамент-прополисот, кој го користат во лекување на габични инфекции. Докажано е дека пчелите, заболени со габични  инфекции, собираат повеќе прополис.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.