Категорија: Пчели

  • И пчелите имаат свои доктори

    И пчелите имаат свои доктори

    [dropcap]П[/dropcap]ознато е дека и пчелите страдаат од најразлични заболувања и инфекции. Но, малку е познато дека кога ќе завладее одредена болест во семејството, на сцена стапуваат пчелите-доктори, кои се грижат за елиминирање на болеста и лекување на заболените сестри, со цел да се задржи нивната работна сила и компактноста на семејството.

    Студијата направена на Универзитетот во Хале (Зале), Германија, покажува дека кога пчелите негувателки се инфицирани со одреден паразит, селективно јадат мед, кој има висока антибиотска активност. Оваа каста на пчели е одговорна и за хранење на ларвите со мед, како и дистрибуирање на ваквиот мед до останатите пчели од семејството. Затоа, се претпоставува дека овие пчели се доктори во кошницата кои, зависно од инфективниот агенс, на пчелите им „препишуваат“ рецепт со одреден мед.

    За целите на истражувањето пчелите негувателки биле заразени со Nosema ceranae и им бил понуден избор на четири видови на мед, од кои три видови од растително потекло: багрем, сончоглед и липа, и еден од нерастително потекло-медлика, како продукт, односно секрет на одредени инсекти. Иако сите овие видови на мед имаат антибиотска активност, пчелите заболени од ноземоза претпочитале да го земаат медот од сончоглед, за кој е познато дека има силно антимикробно дејство. Со користење на сончогледовиот мед, пчелите успеале да го намалат процентот на инфекција за 7% во споредба со заразени пчели, кои имале на располагање само мед од липа.

    Студијата покажува дека одредени видови на мед имаат поизразен ефект врз одредени заболувања. Така, сончогледовиот мед, освен врз причинителот на ноземозата, делува превентивно против причинителот на Американскиот гнилеж, но многу послабо делува врз причинителот на Европскиот гнилеж. Но затоа пак против ова заболување ефективен е медот од липа.

    Способноста на пчелите негувателки за проценување на ефектот на медот, зависно од причинителот на инфекцијата, со таквиот мед да се храни потомството и да се препорачува на другите членови од семејството, е од големо значење за пчелите и пчеларот, особено денес, кога пчелите се соочуваат со разни болести, климатски промени, загадување на животната средина и интензивното земјоделство.

    Освен медот, пчелите имаат и друг медикамент-прополисот, кој го користат во лекување на габични инфекции. Докажано е дека пчелите, заболени со габични  инфекции, собираат повеќе прополис.

  • Пчелите и спиењето

    Пчелите и спиењето

    [dropcap]З[/dropcap]а нормално извршување на работните обврски во кошницата, на пчелите им е потребен сон. Но, кога пчелите спијат? Kако се одвива тој процес кај нив и колку трае?

    Спроведена е студија со намера да се испита спиењето кај пчелите работнички и да соберат податоци за тоа дали има разлика во спиењето кај различни касти на пчели, нивното однесување, позицијата и поставеноста на пчелите додека спијат.

    Со користење на современа и модерна технологија, утврдено е дека додека пчелите спијат, тие се во неподвижна состојба, телата им се виснати под дејство на гравитацијата, антените се завиени и неподвижни, а дишењето е непостојано и испрекинато, што се забележува од пулсирањето на стомачето.

    journal.pone.0102316.g001

    А-типична позиција на пчела која спие, В-температура на телото кај пчелите додека спијат се разликува од онаа кога се будни (со стрелка е обележана будна пчела, а над неа е пчела која спие), С-со [ е означена млада пчела заспана во ќелија

     Во врска со позицијата во гнездото каде што спијат пчелите, забележано е дека различни касти на пчели работнички спијат различно позиционирани. Најмладите пчели спијат во ќелиите во центарот на гнездото, а со стареењето пчелите спијат сè подалеку од него.

    Пчелите „чистачки“ (стари до 3 дена) спијат најмалку, но кога спијат, тоа секогаш го прават во ќелиите од саќето и во скоро еднакви периоди во денот и ноќта.

    Пчелите „одгледувачи“ (на возраст од 4-12 денови) спијат подолго од хигиеничарките, но поретко во ќелиите. Оваа каста на пчели повеќе спие во текот на денот.

    Пчелите задолжени за складирање на храната (на возраст од 13-20 денови), спијат повеќе ноќе отколку дење и тоа повеќе го прават на саќето околу гнездото отколку во ќелиите.

    Пчелите излетнички спијат највеќе од сите пчели работнички, а омилен период за спиење им е ноќта. Никогаш не спијат во ќелиите од саќето, туку разместени се на саќето подалеку од гнездото и по ѕидовите од кошницата.спиење

    Забележани се и промени во температурата на телото при спиење во однос на температурата на телото кога пчелите се будни. Мерена е температурата само на пчелите кои спијат надвор од ќелиите.

    Пчелите складирачи имаат пониска темпаратура кога спијат отколку кога се будни.

    Пчелите негувателки имаат повисока температура на телото кога спијат.

    Излетничките се многу поладни кога спијат отколку кога се будни.спиење

    Постојат повеќе објаснувања за позиционирањето во кошницата при спиењето, времетраењето на спиењето и разликите на температурата на телото кој го имаат кастите на работничките пчели.

    Младите пчели најмногу се движат и имаат најмногу обврски токму во срцето на гнездото, па нивното спиење се сведува на повеќекратни куси дремки (некогаш и по 30 секунди). Се смета дека тие спијат во ќелиите за да избегнат меѓусебно вознемирување во текот на извршувањето на обврските. Друга причина е тоа што во ќелиите температурата е повисока, услов што им одговара на младите пчели.

    Мирот кој им е потребен на пчелите излетнички после напорната работа, според одредени тврдења, е причината зошто старите пчели спијат подалеку од центарот на друштвото. За елиминирањето на стресот кој го преживуваат при собирањето храна и за надополнувањето на потрошената енергија за таа да се донесе во кошницата, на работничките пчели им е потребен добар сон. Затоа тие спијат во текот на ноќта, бидејќи голем дел од нивната работа зависи од сонцето и неговата светлина. Пчелите излетнички секогаш мислат на пчелното семејство, па со спиењето понастрана од леглото и младите пчели, сакаат да спречат ширење на болести и паразити кои можеби ги добила и закачиле додека летале надвор.

  • Мед од други пчели

    Мед од други пчели

    [dropcap]М[/dropcap]едот кој го користиме добиен e од подвидовите на Apis mellifera, широко распространети по светот. Несомнено, овој мед е најраспространет, а воедно и најквалитетен. Но, регионално постојат повеќе видови на мед, добиен од страна на други видови на пчели. Овој мед често може да биде собран во значителни количини. Азиските видови од родот Apis, произведуваат мед многу сличен по состав и вкус на медот добиен од подвидовите на Apis mellifera. Пчелите без осило (Meliponini) произведуваат мед, кој е доста течен и чиј вкус во голема мера може да варира. Apis dorsata складира мед со различен состав и својства, зависно од годишното време и надморската височина.

    Apis cerana може да се одгледува во кошници, исто како некои од тропските подвидови на A. mellifera. Пчелите од овој вид биле единствените кои се одгледувале во Азија, сè до донесувањето на европските пчели во многу делови од Азија. Во тропските региони A. cerana дава мед во доста мали количини (3-10 кг по семејство), додека во поумерените региони нешто повеќе. Медот од A. cerana се разликува од медот на A. mellifera по понискиот процент на ензимот дијастаза и поголемата содржина на вода, а има разлика и во амино-киселинскиот состав. Медот од останатите два вида на Apis, A. dorsata и A. florae, се собира само од дивите колонии и е во многу мали количини, поради нивното мало гнездо. За медот од останатите азиски видови на пчели  A. andreniformis, A. laboriosa и A. koschevnikovi, не постојат никакви информации.

    Социјалните пчели без осило (Melponini), медот го складираат во посебни медни чаури, наместо во саќе. Медот од овие пчели се зема од нивните диви колонии или од семејствата кои се чуваат во специјални кошници. Се смета дека Инките и Маите доживеале пчеларски процут токму со Melponimi пчелите.

     Составот на медот од овие пчели често знае да варира, има нестандарден квалитет, а во однос на медот од A. mellifera содржи повеќе вода, има поголема киселост, има поголемо бактериостатско (инхибиторно) дејство и не содржи дијастаза.

    A. dorsata складира повеќе видови на мед: црвен мед – направен од нектар собран од растенија на голема надморска височина, пролетен мед – собран на пониска надморска височина и есенски мед – собран од растенија на било која надморска височина. Најмногу ценет е црвениот мед, кој собирачите на мед од диви колонии (најчесто од Непал) го продават пет пати поскапо од цената на медот добиен од A. mellifera. nepalese-honey-hunters-04Причината за високата цена е во големата медицинска вредност на медот и неговото интоксикативно (опивачко) дејство, кое го добива од состојките на нектарот собран од рододендронот.

    Други инсекти кои складираат мед, кој се користи и за човечка исхрана, се некои бумбари (Bombus) и некои видови на оси (Nectarina и Polybia).

  • Мала кошничка бубачка

    Мала кошничка бубачка

    [dropcap]Н[/dropcap]а 11 септември 2014, Националниот центар за пчеларство при Институтот за зоологија во Венеција, потврди дека е детектирано присуството на малата кошничка бубачка во Италија. Веста брзо ја потресе пчеларската јавност во Италија и Европа, предизвикувајќи загриженост кај пчеларите затоа што мора да вклучат уште еден паразит во листата на активни непријатели на пчелите. Колку сме запознаени со овој паразит?

    Малата кошничка бубачка Aethina tumida (SHB) е инвазивен паразит кај пчелите. Потекнува од Суб-Сахарска Африка. Бубачките се раширени скоро по сите кошници во нивниот матичен крај, но таму скоро и да не се сметаат за некоја посериозна закана по пчелите. Бубачките се 5-7 мм долги, 3-4 мм широки, имаат овална до издолжена форма и прекриени се со фини влакненца, но нивната големина и изглед често можат да варираат помеѓу популацијата. Најчесто, по раѓањето имаат светла боја, а подоцна со растењето добиваат кафеава боја. Кога процесот на растење завршува и стануваат зрели единки, добиваат црна боја на телото. Телото им е поделено на три дела: глава, на која се наоѓаат две антени, гради  и стомак, кој одозгора делумно е прекриен со еден пар крила. Имаат три пара на нозе кои им овозможуваат прилично брзо движење. Возрасните единки набљудувани во кошницата можат да се видат само одозгора, со збиен труп на кој не можат да се забележат нивните антени и нозете.

    02_FAI_Aethina_tumida

    Развојот им се состои од три циклуси: јајце, ларва и нимфа. Јајцата се слични на оние на пчелната матица, но нешто помали. Имаат бисерно бела до проѕирна боја, широки се 0,29 милиметри, а долги 1,4 милиметри. Женките  ги несат јајцата во пукнатините на кошницата, на дното по празното саќе, па дури и врз ќелиите со полен и пчелно легло. Женките можат дури и да го прегризаат капачето со кое е запечатена ќелијата и внатре да снесат јајца. Јајцата, обично се снесени без ред и се расфрлани во групи. Една женка несе до 1000 јајца во текот на животот.

    03_FAI_Aethina_tumida

    За 4 дена од јајцата излегуваат ларви кои вееднаш се хранат со медот, поленот и пчелното легло. Ларвите се слични со ларвите на восочниот молец и можат да се распознаат по боцките распоредени долж целиот грб и трите пара на нозе на предниот дел. Ларвите на восочниот молец немаат боцки и имаат 3 пара нозе на предниот дел и 4 пара на куси и неразвиени нозе на задниот дел од телото. Ларвите на кошничката бубачка имаат кремасто до бледо златна боја. За 10-16 дена ларвите излегуваат надвор од кошницата во форма на кукла, каде се доразвиваат. Најчесто се закопуваат во земјата и тоа на растојание најмногу до 180 цм од кошницата од која излегле. Остануваат 3-4 недели во земја на длабочина до 10 цм, а потоа како возрасни единки напаѓаат други кошници, водејќи се по многу добро развиеното чувство за мирис.

    04_FAI_Aethina_tumida07_FAI_Aethina_tumida

    Возрасните единки се многу добри летачи и можат да се рашират на други семејства многу лесно. Способни се да летаат со излезените роеви и да ги следат до нивното ново живеалиште. Животниот век им трае 6 месеци, а за една сезона во пчелното семејство можат да созреат неколку генерации на бубачки. Престануваат со репродукција во текот на зимата, која возрасните единки ја поминуваат веднаш покрај пчелното клубе.

    Пчелите не се способни сами да ги исфрлат возрасните бубачки од кошницата, а нивниот цврст оклоп е отпорен на пчелните убоди. Често пчелите ги втеруваат бубачките во тесните делови од кошницата и нејзините пукнатини, мислејќи дека таму ќе ги изолираат и заробат. Но бубачките имаат добро развиена способност да ги користат своите антени со кои многу вешто глумат трутови кои молат за храна од своите пчели чувари. На овој начин пчелите чувари многу лесно се измамени и ги хранат своите заробеници. На овој начин бубачките можат да преживеат долг период во заробеништво.

    Кога бубачките ќе снесат многу јајца низ саќето со мед и легло, медот станува воденаст, лигав и растопен. За разлика од молецот, бубачките не прават пајажинести ходници по саќето. При преголема дефекација низ саќето со мед, на саќето се развиваат мувли, медот ферментира, се расипува и растекува по целото саќе, што може да предизвика матицата да престане со несење и да дојде до пропаѓање на семејството.

    06_FAI_Aethina_tumida

    Најзагрозени се слабите семејства, но дури и силните друштва не успеваат да се одбранат од нападите на бубачката. Нуклеусите па дури и оплодниците се исто така мета на бубачката. Доколку рамките со мед се извадат од кошниците и се остават на одложено време за цедење во пчеларската куќичка, лесно може да бидат нападнати од бубачката. Медот во кој има фекалии од бубачката, а е центрифугиран, доколку се даде на пчелите тие ќе го одбиваат, а поради вкусот не е добар ни за човечка исхрана, па затоа не треба да се меша со друг мед.

    Дијагнозата за инфекција од бубачката се поставува врз основа на визуелен преглед на саќето, пукнатините на кошницата и најтемните и најнедостапни места во неа. При подигањето на поклопната даска, на нејзината долна страна можат да се забележат бубачките како трчаат. Можат да се видат и на рамконосачите и на површината од саќето. Бубачката не поднесува светлина и тоа е еден од најлесните начини за докажување на нејзиното присуство. Ако сакаме да провериме дали има бубачки во спратовите, се превртува капакот од кошницата и се става на земја. Врз него се става спратот и се продолжува со вообичаените активности и работа на пониските спратчиња на истата или на нова кошница. За десетина минути, се крева спратот и доколку има бубачки тие ќе се забележат како трчаат по капакот, барајќи заштита од светлината. Друг метод е кога во задниот дел од кошницата на подот ќе се стават парчиња дебел картон на кој ќе му се искине едниот слој хартија (да останат само ребрата). Бубачките, криејќи се од пчелите влегуваат во шуплините и лесно ќе можат да се забележат.

    Доколку постои сомневање за присуство на бубачката на пчеларникот, потребно е да се известат надлежните служби или примерок од сомнителните бубачки, ларви или содржина да се стави во алкохол или стерилен сад и да се однесат во надлежна лабораторија.

  • Средновечните трутови се најпожелни оплодувачи

    Средновечните трутови се најпожелни оплодувачи

    [dropcap]Т[/dropcap]рутовите се развиваат од неоплодени јајца. Нивниот развој трае 24 дена, односно 3 дена како јајце, фазата на ларва трае 6 дена и кукла 15 дена. Сперматогенезата кај нив започнува уште во стадиумот на ларва, а спермиогенезата завршува во стадиумот на кукла. Уште во првата недела како возрасна единка, сперматозоите се транспортираат од тестисите до семените везикули на трутот, каде остануваат сè до спарувањето на матицата. Но трутовите не се способни да се парат веднаш по трансферот на семето, поради тоа што ендофалусот на трутот не е физиолошки способен да ја прими спермата и да копулира со матицата. Ова е можно дури кога трутовите се постари од 10 дена. Квалитетното оплодување на матицата зависи од количината и квалитетот на семето внесено во сперматеката. Во текот на природното спарување матицата е оплодена од 3-17 трутови кои поединечно внесуваат од 1,5-1,7 µl сперма. Со возраста, бојата и вискозноста на семето се менуваат. Испитувањата и мерењата направени на одделот за пчеларство при Универзитетот за земјоделство во Краков, покажуваат дека кај трутовите на возраст од 2 недели, семето има жолтеникава боја и е течно, додека кај трутовите на возраст од 4 недели спермата е кремасто до кафеаво обоена и количината е поприлично вискозна. Исто така испитувањата покажуваат дека најсоодветни за природно и вештачко оплодување се трутовите на возраст од 10-21 ден. Трутовите помлади од 10 дена се незрели, додека трутовите над 21 ден имаат повискозна сперма која може да ја блокира сперматеката на матицата. Истражувањето покажува дека возраста има влијание и врз волуменот на спермата, односно со стареење на трутовите се намалува нејзиниот волумен. Но од друга страна, со возраста доаѓа до зголемување на виталноста на спермата и нејзината оплодувачка способност, но сепак вискозноста на спермата ги прави постарите трутови непопуларни љубовници. Барем не при инструменталното оплодување. Во природата важат други правила.

  • Тајната на пчелниот угриз

    Тајната на пчелниот угриз

    [dropcap]И[/dropcap]стражувачите открија дека пчелата може да гризне исто толку добро колку што и боцка и дека угризот на пчелата содржи природен анестетик. Анестетикот не само што им помага на пчелите во одбрана против крлежите и молците, туку може да помогне и во хуманата медицина. Овој факт, кој го откри тимот составен од истражувачи од Грција и Франција во соработка со компанијата Вита, го менува досегашното мислење за тоа како функционира одбраниот механизам кај пчелите и води кон продукција на нов, природен и нетоксичен анестетик за примена кај луѓето и животните.

    Овој природен анестетик е откриен на Универзитетот во Солун, а таму се и докажани и неговата формула (2-хептанон или 2-H) и неговото дејство.  2-H веќе е патентиран од Вита за употреба како локален анестетик и компанијата веќе бара фармацевтска компанија како партнер за соработка и иден развој на анестетикот.

    До скоро се веруваше дека сегашната 2-H, пчелите ја користат како феромонски аларм кој ја активира одбраната на кошницата или како хемиски маркер кој на останатите пчели им сигнализира за тоа кој цвет е веќе посетен. Резултатите на истражувачкиот тим се поинакви од овие мислења. Изложувајќи ги пчелите на 2-H, така што супстанцијата е ставана веднаш до летото од кошницата, не е забележано никакво излетување и зголемување на бројот на пчели чувари.

    Истражувањето докажува дека 2-H ги парализира малите инсекти и крлежи гризнати од пчелите. Парализата трае и до 9 минути. Пчелите ги користат вилиците за да го гризнат непријателот и пред да го исфрлат натрапникот од кошницата, во раната го испуштаат секретот за да го анестезираат.Ова е особено ефикасно против молците и крлежите, кои се премногу мали за да бидат убодени. Веднаш откако ларвата на молецот е гризната, истражувачкиот тим го идентификувал 2-H во нејзината хемолимфа. Интересно е тоа што 2-H е токсичен за пчелите, доколку навлезе во нивната хемолимфа, ги убива за многу кусо време.

    Во лаборатотијата во Солун, докажано е дека 2-H има слично дејство како и лидокаинот, најупотребуваниот анестетик кај луѓето и останатите цицачи. Природно, 2-H во трагови го има во пивото, лебот и други продукти што го прави безбеден за употреба како замена за лидокаинот.

    Најголема количина на 2-H има во угризот на Apis cerana, што евентуално може да се поврзе со нивната способност за контрола на вароа популацијата, но досега не е работено многу во оваа насока. Исто така и Apis dorsata и пчелите без осило лачат доста од овој анестетик.

  • Трофалакса-социјално поврзување кај пчелите

    Трофалакса-социјално поврзување кај пчелите

    [dropcap]Т[/dropcap]рофалаксата е еден од начините на кои пчелите социјално се поврзуваат и разменуваат информации. Поимот има грчко потекло и значи делење на храната. Трофалакса се случува кога две пчели работнички ќе ја поделат содржината (мешавина од нектар и други супстанции) од нивните медни желудници собрана при едно излетување. При споделувањето на хранливата содржина, тие разменуваат и информации за секоја од нив и информации за пчелното семејство.

    Трофалаксата започнува кога една пчела моли за храна или кога некоја пчела се нуди да сподели храна. Пчелата која моли го турка своето јазиче во устата на друга пчела. Другата пчела тогаш ги отвара вилиците, го турка своето јазиче напред и повраќа капка од собраниот нектар кој е прифатен од пчелата што молела. Во вториот случај, пчелата која нуди храна наоѓа пчела примач со која ја споделува храната. Трофалаксата најчесто се случува во правец-постара пчела кон помлада пчела, отколку обратно. Овој метод на поврзување преку размена на храна е многу брз. Истражувањата покажуваат дека при експериментално хранење со обоен или радиоактивен нектар на само неколку пчели работнички, таквиот нектар за 24 часа бил разнесен на повеќе од половината пчели работнички во семејството.

    Некои сметаат дека трофалаксата има за цел да му даде ист мирис на семејството и дека по тој мирис пчелите се распознаваат помеѓу себе. Размената на храна има и функција да обезбеди еден вид сигурност помеѓу членовите на семејството во врска со снабденоста на квалитетен нектар и полен, а што може да се одрази на однесувањето на пчелите во семејството, негувањето на леглото, распоредот на обврските во семејството и количината на снесени јајца кај матицата.

    Трофалаксата има удел и во размената на хемиски пораки помеѓу пчелите, кога тие при процесот на размена на нектар, меѓусебно си ги допираат антените. Размена на храна се случува и при танцувањето на пчелите, кога пчелата навигатор и дава нектар на друга пчела со цел да и покаже колку вкусен нектар има на посочената локација.