Трофалакса-социјално поврзување кај пчелите

Трофалаксата е еден од начините на кои пчелите социјално се поврзуваат и разменуваат информации. Поимот има грчко потекло и значи делење на храната. Трофалакса се случува кога две пчели работнички ќе ја поделат содржината (мешавина од нектар и други супстанции) од нивните медни желудници собрана при едно излетување. При споделувањето на хранливата содржина, тие разменуваат и информации за секоја од нив и информации за пчелното семејство.

Трофалаксата започнува кога една пчела моли за храна или кога некоја пчела се нуди да сподели храна. Пчелата која моли го турка своето јазиче во устата на друга пчела. Другата пчела тогаш ги отвара вилиците, го турка своето јазиче напред и повраќа капка од собраниот нектар кој е прифатен од пчелата што молела. Во вториот случај, пчелата која нуди храна наоѓа пчела примач со која ја споделува храната. Трофалаксата најчесто се случува во правец-постара пчела кон помлада пчела, отколку обратно. Овој метод на поврзување преку размена на храна е многу брз. Истражувањата покажуваат дека при експериментално хранење со обоен или радиоактивен нектар на само неколку пчели работнички, таквиот нектар за 24 часа бил разнесен на повеќе од половината пчели работнички во семејството.

Некои сметаат дека трофалаксата има за цел да му даде ист мирис на семејството и дека по тој мирис пчелите се распознаваат помеѓу себе. Размената на храна има и функција да обезбеди еден вид сигурност помеѓу членовите на семејството во врска со снабденоста на квалитетен нектар и полен, а што може да се одрази на однесувањето на пчелите во семејството, негувањето на леглото, распоредот на обврските во семејството и количината на снесени јајца кај матицата.

Трофалаксата има удел и во размената на хемиски пораки помеѓу пчелите, кога тие при процесот на размена на нектар, меѓусебно си ги допираат антените. Размена на храна се случува и при танцувањето на пчелите, кога пчелата навигатор и дава нектар на друга пчела со цел да и покаже колку вкусен нектар има на посочената локација.

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.