Категорија: Uncategorized

  • Робо пчели-решение за поинаков свет?

    Робо пчели-решение за поинаков свет?

    [dropcap]И[/dropcap]днината е веќе тука.

    Иднина каде пчелите и биодиверзитетот се жртви на интензивната индустријализација и хемизација на земјоделство. Дали ова е и ваша визија за иднината на земјоделството? Доколку продолжи моделот на интензивно земјоделство сосема е извесно дека тоа ќе влијае и врз пчелите, што би довело до таканаречена „глобална опрашувачка криза“. Ние одлучуваме. Дали ќе има нов свет со ваква иднина или ќе го зачуваме овој и за идните поколенија.

    Видеото е дел од кампањата за заштита на пчелите и останатите инсекти-опрашувачи спроведена од Гринпис.

  • Авијација во борба против азискиот стршлен

    Авијација во борба против азискиот стршлен

    [dropcap]А[/dropcap]зискиот стршлен полека, но сигурно станува сериозна закана за пчеларството.  Властите во Францускиот регион Акитен, еден од најзагрозените области во Франција и непрофитната организација Аквинетик, работат на заеднички проект за елиминација на оваа закана. Проектот наречен Вадуду (на Свахили јазикот-мал летечки инсект) има за цел да развие посебено летало, кое контролирано и управувано од далечина, во иднина треба да биде еден од главните средства во борба против стршлените. Леталото, чија работната верзија го носи името „Џокер“, тежи 3 килограми. Конструкцијата му е изработена од карбонски влакна и цевки, има систем од 4-6 пропелери и вградена камера со висока резолуција сместена на движечка платформа. Снабден е со пумпа со два резервоари во кои се полни отровот и инјектор со одредена димензија . Автономијата на летање на „Џокер“ изнесува 10-15 минути, зависно од временските услови, а најголемата височина на летање му изнесува 30 метри. Предностите на леталото се во системот од повеќе пропелери кои овозможуваат лесно и едноставно управување и во тоа што е отпорно на нападите и убодите од стршлените, па на тој начин без проблем може да дојде веднаш до нивното гнездо во кое ја испушта и токсичната материја.

    https://www.youtube.com/watch?v=IJ568x-wv1c

    Освен главната намена-борба против азискиот стршлен, планирано е леталото да најде функција и во превенција на шумски пожари, следење на состојбата со шумите, лозовите, овошните и останати насади.

  • Камуфлажа, амбалажа и саботажа

    Камуфлажа, амбалажа и саботажа

    [dropcap]Д[/dropcap]еновиве беше одржан јубилејниот 10-ти по ред фестивал „Денови на македонскиот мед“. Отворен со свечена програма и со доста посетители. Изложувачите пчелари, поголем број од нив секоја година присутни на настанот, максимално се обидоа да го понудат се она што пчелите минатава сезона го донесоа. По понудената палета на производи можеше да се види дека и не донеле баш премногу. Јасно беше дека лошите временски услови влијаеа и на пчеларењето. На тезгите доминираше ливадски и шумски мед, матичен млеч, прополис, а кај дел од презентерите можеше да се купи и восок, разни мешавини со мед како и лековити, прехрамбени и козметички производи кои во себе вклучуваат пчелни производи. Во глобала, до некаде стандардна, но интересна и секако многу здрава и вкусна понуда. И тука престанува вкусното, а богами и здравото. И овојпат се покажа дека нема организатор кој ќе ја крене манифестацијата на здрави нозе и ќе и ја врати старата слава. Неунифицирани, импровизирани и самоправски штандови, прекриени и вешто камуфлирани не се слика што се вклопува на улица Македонија. Мора и треба општината да превземе нешто околу ова. Стандардни и еднолични тезги слични на оние на уличните продавачи на книги би биле нешто прекрасно. Поради која причина пчеларите заслужуваат да бидат третирани пониско од продавачите во уличните книжарници? А станува збор само за неколку денови. Отсуството на изложувачи и продавачи на пчеларска опрема е хронична болка на манифестацијата, која оваа година кулминираше. Пчеларска литература скоро и да не видов, а доколку некој посетител би посакал да се регрутира во армијата на пчелари, она што е потребно за почетничко пчеларење и да го барал овде немало да го најде. Изненадија смислата и доброто чувство за аранжирање на своите производи кај дел од изложувачите, па затоа и кај нив имаше и највеќе турканица, посетители и дегустатори. Уште еден пример дека етикетата, пакувањето, аранжирањето, донекаде и амбалажата се  оние кои знаат да привлечат или одбијат добар дел од купувачите без разлика на она што е внатре. Додуша амбалажата кај сите беше онаа истата-старата и добро позната тегла од едно кило, но некои успеале добро и успешно да ја камуфлираат. Можеби е време за иницијатива и акција македонскиот мед да се смести во унифицирана и само за ова поднебје препознатлива амбалажа, нешто што одамна е направено по многу земји во светот, а неодамна го направија и некои наши соседи. Еднокилската монотона тегла нека им остане на мармаладот, џемот, киселите краставички, медните фалсификати,… Кралот на храната заслужува и кралски престол. Но ќе има ли витез кој ќе извојува победа за кралот?

    Оваа година беше тоа што беше. Доколку се сака наредната година да се има манифестација со која ќе се гордеат сите, спакувана во вистинска фестивалска амбалажа и во право светло, мора да престанат сите камуфлажи. Се друго направено спротивно на горенаведеното ќе се смета за саботирање на манифестацијата.

    Горан Алексовски