Камуфлажа, амбалажа и саботажа

Деновиве беше одржан јубилејниот 10-ти по ред фестивал „Денови на македонскиот мед“. Отворен со свечена програма и со доста посетители. Изложувачите пчелари, поголем број од нив секоја година присутни на настанот, максимално се обидоа да го понудат се она што пчелите минатава сезона го донесоа. По понудената палета на производи можеше да се види дека и не донеле баш премногу. Јасно беше дека лошите временски услови влијаеа и на пчеларењето. На тезгите доминираше ливадски и шумски мед, матичен млеч, прополис, а кај дел од презентерите можеше да се купи и восок, разни мешавини со мед како и лековити, прехрамбени и козметички производи кои во себе вклучуваат пчелни производи. Во глобала, до некаде стандардна, но интересна и секако многу здрава и вкусна понуда. И тука престанува вкусното, а богами и здравото. И овојпат се покажа дека нема организатор кој ќе ја крене манифестацијата на здрави нозе и ќе и ја врати старата слава. Неунифицирани, импровизирани и самоправски штандови, прекриени и вешто камуфлирани не се слика што се вклопува на улица Македонија. Мора и треба општината да превземе нешто околу ова. Стандардни и еднолични тезги слични на оние на уличните продавачи на книги би биле нешто прекрасно. Поради која причина пчеларите заслужуваат да бидат третирани пониско од продавачите во уличните книжарници? А станува збор само за неколку денови. Отсуството на изложувачи и продавачи на пчеларска опрема е хронична болка на манифестацијата, која оваа година кулминираше. Пчеларска литература скоро и да не видов, а доколку некој посетител би посакал да се регрутира во армијата на пчелари, она што е потребно за почетничко пчеларење и да го барал овде немало да го најде. Изненадија смислата и доброто чувство за аранжирање на своите производи кај дел од изложувачите, па затоа и кај нив имаше и највеќе турканица, посетители и дегустатори. Уште еден пример дека етикетата, пакувањето, аранжирањето, донекаде и амбалажата се  оние кои знаат да привлечат или одбијат добар дел од купувачите без разлика на она што е внатре. Додуша амбалажата кај сите беше онаа истата-старата и добро позната тегла од едно кило, но некои успеале добро и успешно да ја камуфлираат. Можеби е време за иницијатива и акција македонскиот мед да се смести во унифицирана и само за ова поднебје препознатлива амбалажа, нешто што одамна е направено по многу земји во светот, а неодамна го направија и некои наши соседи. Еднокилската монотона тегла нека им остане на мармаладот, џемот, киселите краставички, медните фалсификати,… Кралот на храната заслужува и кралски престол. Но ќе има ли витез кој ќе извојува победа за кралот?

Оваа година беше тоа што беше. Доколку се сака наредната година да се има манифестација со која ќе се гордеат сите, спакувана во вистинска фестивалска амбалажа и во право светло, мора да престанат сите камуфлажи. Се друго направено спротивно на горенаведеното ќе се смета за саботирање на манифестацијата.

Горан Алексовски

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.