Blog

  • Пчелите и спиењето

    Пчелите и спиењето

    [dropcap]З[/dropcap]а нормално извршување на работните обврски во кошницата, на пчелите им е потребен сон. Но, кога пчелите спијат? Kако се одвива тој процес кај нив и колку трае?

    Спроведена е студија со намера да се испита спиењето кај пчелите работнички и да соберат податоци за тоа дали има разлика во спиењето кај различни касти на пчели, нивното однесување, позицијата и поставеноста на пчелите додека спијат.

    Со користење на современа и модерна технологија, утврдено е дека додека пчелите спијат, тие се во неподвижна состојба, телата им се виснати под дејство на гравитацијата, антените се завиени и неподвижни, а дишењето е непостојано и испрекинато, што се забележува од пулсирањето на стомачето.

    journal.pone.0102316.g001

    А-типична позиција на пчела која спие, В-температура на телото кај пчелите додека спијат се разликува од онаа кога се будни (со стрелка е обележана будна пчела, а над неа е пчела која спие), С-со [ е означена млада пчела заспана во ќелија

     Во врска со позицијата во гнездото каде што спијат пчелите, забележано е дека различни касти на пчели работнички спијат различно позиционирани. Најмладите пчели спијат во ќелиите во центарот на гнездото, а со стареењето пчелите спијат сè подалеку од него.

    Пчелите „чистачки“ (стари до 3 дена) спијат најмалку, но кога спијат, тоа секогаш го прават во ќелиите од саќето и во скоро еднакви периоди во денот и ноќта.

    Пчелите „одгледувачи“ (на возраст од 4-12 денови) спијат подолго од хигиеничарките, но поретко во ќелиите. Оваа каста на пчели повеќе спие во текот на денот.

    Пчелите задолжени за складирање на храната (на возраст од 13-20 денови), спијат повеќе ноќе отколку дење и тоа повеќе го прават на саќето околу гнездото отколку во ќелиите.

    Пчелите излетнички спијат највеќе од сите пчели работнички, а омилен период за спиење им е ноќта. Никогаш не спијат во ќелиите од саќето, туку разместени се на саќето подалеку од гнездото и по ѕидовите од кошницата.спиење

    Забележани се и промени во температурата на телото при спиење во однос на температурата на телото кога пчелите се будни. Мерена е температурата само на пчелите кои спијат надвор од ќелиите.

    Пчелите складирачи имаат пониска темпаратура кога спијат отколку кога се будни.

    Пчелите негувателки имаат повисока температура на телото кога спијат.

    Излетничките се многу поладни кога спијат отколку кога се будни.спиење

    Постојат повеќе објаснувања за позиционирањето во кошницата при спиењето, времетраењето на спиењето и разликите на температурата на телото кој го имаат кастите на работничките пчели.

    Младите пчели најмногу се движат и имаат најмногу обврски токму во срцето на гнездото, па нивното спиење се сведува на повеќекратни куси дремки (некогаш и по 30 секунди). Се смета дека тие спијат во ќелиите за да избегнат меѓусебно вознемирување во текот на извршувањето на обврските. Друга причина е тоа што во ќелиите температурата е повисока, услов што им одговара на младите пчели.

    Мирот кој им е потребен на пчелите излетнички после напорната работа, според одредени тврдења, е причината зошто старите пчели спијат подалеку од центарот на друштвото. За елиминирањето на стресот кој го преживуваат при собирањето храна и за надополнувањето на потрошената енергија за таа да се донесе во кошницата, на работничките пчели им е потребен добар сон. Затоа тие спијат во текот на ноќта, бидејќи голем дел од нивната работа зависи од сонцето и неговата светлина. Пчелите излетнички секогаш мислат на пчелното семејство, па со спиењето понастрана од леглото и младите пчели, сакаат да спречат ширење на болести и паразити кои можеби ги добила и закачиле додека летале надвор.

  • На 6-ти ноември почнуваат едукативните средби на ПЗ „Матица“-Скопје

    На 6-ти ноември почнуваат едукативните средби на ПЗ „Матица“-Скопје

    Следејќи ја својата долгогодишна традиција, Пчеларското здружение „Матица“-Скопје, и оваа година организира средби на кои членовите на ова здружение ќе можат да погледнат стручни предавања и едукативни презентации од познати пчеларски имиња од Македонија и странство. Првата ваква средба е на 6-ти ноември 2014 година, во големата сала во објектот на Сојузот на стопански комори на Македонија. Почетокот на средбата е во 17.00 часот, а програмскиот дел на првата средба, како што кажа претседателот на здружението Павле Бошковски, ќе биде посветен на пчеларите-членови на здружението и нивните погледи за тоа дали и колку изминатата сезона била поволна во поглед на медоберот, сè со цел да се направи една мапа на медоносни растенија и региони поволни за пчеларење во државава.

    Цената за продолжување на членарината за веќе постоечките пчелари, како и за зачленување на нови, ќе изнесува 400 денари.

  • Извештајот на ЕК-што во него е битно за пчеларите?

    Извештајот на ЕК-што во него е битно за пчеларите?

    [dropcap]П[/dropcap]оследниот извештај на Европската комисија во врска со напредокот на нашата земја кон влез во ЕУ, во делот посветен за земјоделството има неколку работи кои директно и индиректно го засегаат пчеларството.

    Донесувањето на Правилникот за начинот и постапката за идентификација и регистрација на пчелите, според ЕК, е позитивен потег и чекор напред.

    Ненавремената исплата кон приватните ветеринарни амбуланти, е причината за проблемите при имплементација на одредени здравствени програми, пишува во извештајот. Секако дека ова се одразува и на пчеларството и многумина наши пчелари веќе се соочиле со ова.

    Според ЕК, непознат е ефектот од директните плаќања од 155 милиони евра, субвенции наменети за одржливост, зголемување на продуктивноста и конкурентноста во земјоделството, а тука спаѓа и пчеларството. Оценката за ефектот од субвенциите е нешто што треба Владата во иднина да го направи.

    Според извештајот, најмногу заостануваме и најмалку е направено во полето на фитосанитарната политика, каде не се спроведува и применува голем дел од законодавството наменето за оваа област. Тоа, за пчеларството би значело уште долго време користење на неиспитани семиња и садници како дел од медоносната флора, неконтролирано користење и употреба на недозволени пестициди, антибиотици и хемиски препарати штетни по пчелите.

  • Повеќенаменска пластична подница

    Повеќенаменска пластична подница

    [dropcap]З[/dropcap]а здраво пчелно семејство и негово нормално функционирање, потребна е добра и исправна кошница. Подницата е меѓу најбитните делови од кошницата. Оваа модерна и мултифункционална подница нуди предности, какви што досега немала ниедна друга.

    Целата е изградена од пластика и содржи повеќе елементи. Полетувалката е отпорна на разни временски услови, а нејзиниот дизајн овозможува лесно затварање при транспорт, непречена циркулација на воздух и спречува излегување на пчелите при селење. Стапицата за полен, која е составен дел од подницата, а се вади и става по потреба, функционира одлично и не ги повредува пчелите. Фиоката под собирачот за полен овозможува поленот да остане таму подолго време и да се суши по природен пат. На предниот дел од подницата се наоѓа функционалното лето, на кое има специјален отвор за контролирање на влегувањето и излегувањето на трутовите. Составен дел од летото е и редукторот на отворот за влез и излез, кој се користи во зимски услови или по потреба.

    http://www.youtube.com/watch?v=2at4lWC2-ik

  • Со кучиња трагачи до роднините на пчелите

    Со кучиња трагачи до роднините на пчелите

    [dropcap]З[/dropcap]аедно со пчелите, бумбарите се едни од главните опрашувачи на растенијата. Нивното големо значење за производството на храна, улогата во одржувањето на биодиверзитетот, како и прекумерното користење на пестициди, антибиотици и хемиски препарати во земјоделството кои покрај на пчелите штетно делуваат и врз бумбарите, се причина тие да бидат истражувани од многу екологисти, ентомолози и други научници.

    Ефективната бројка на популацијата на роднините на пчелите се определува според густината на населеност на гнездото, па пронаоѓањето на живеалиштата и мерењето на овие параметри се едни од најбитните чекори во конзервацијата на овие корисни инсекти. Но, најтешката работа е-како да се најде нивното гнездо. Бумбарите во природата најчесто се сместени во подземни живеалишта на терени обраснати со густа вегетација, што ги прави невозможни за пронаоѓање од страна на човекот. Поради оваа причина, многу малку се проучуваат репродуктивните, социјалните и другите останати навики и однесувања кај слободните колонии на бумбари во природата.

    Bom

    Тргнувајќи од инстинктот на јазовецот, најголемиот непријател и предатор на бумбарите, кој за да дојде до нив го користи сетилото за мирис, група на научници од Шкотска решиле да експериментираат со куче. Користеле куче на британската армија, кое претходно го дресирале употребувајќи материјал од гнезда на бумбарот Bombus terrestris. При тестирањето кучето имало 100% успех во пронаоѓањето на тестниот материјал, разместен на тренинг локацијата. Подоцна, при реалното пронаоѓање на терен, на еден од шкотските острови со површина од околу 30 хектари, за краток период  биле пронајдени дури 33 гнезда на бумбари. Интересно е тоа што освен гнезда на B. terrestris на кои било тренирано, кучето откривало гнезда на уште три видови на бумбари.Bom2

    Ова, според Шкотските истражувачи, е одличен чекор напред кон проучувањето, заштитата и зачувувањето на овие многу битни инсекти.

  • Преку гигантска мува до тајната на ројалактинот

    Преку гигантска мува до тајната на ројалактинот

    [dropcap]М[/dropcap]атицата е многу поголема од пчелите работнички и живее многу подолго, поради една причина-матичниот млеч. Користејќи матичен млеч од страна на  научниците добиена е ултра-голема мува. Дали на ред се луѓето?

    Главниот виновник одговорен за растењето и трансформацијата на обична работничка ларва во матица е протеинот ројалактин, кој се наоѓа во матичниот млеч. Јапонскиот биотехнолог Масаки Камакура, во испитувањето на ројалактинот и неговото делување како тој од два исти организми со иста ДНК создава пчели работнички и пчели матици, користел ларви на муви кои ги хранел со матичен млеч. Ги одбрал мувите поради можноста за лесно следење и изолирање на гените на кои влијаел ројалактинот. На големо изненадување, забележал зачудувачка разлика кај мувите хранети со матичен млеч во однос на мувите хранети со казеински раствор. Мувите хранети со матичен млеч значително биле поголеми, побрзо се развиле и живееле подолго.МУВИ2

    Камакура е првиот кој  експериментира со матичен млеч надвор од пчеларството, а успехот кој го имал со мувите, вели дека прави простор за понатамошни понапредни испитувања и експерименти со други животински видови.

    Истражувачот се надева дека во иднина матичниот млеч ќе се користи поинтензивно од страна на луѓето, со цел да се влијае врз долговечноста на човекот.

  • Руски пчели за спас на пчеларството на САД

    Руски пчели за спас на пчеларството на САД

    [dropcap]А[/dropcap]мериканските пчелари со носталгија се потсетуваат на времето од пред дваесетина години, кога вкупниот број на пчелни кошници бил околу 6 милиони и САД произведувале мед дури и за извоз. Денес, пчеларат со 2,6 милиони кошници, а САД се приморани да увезуваат голем процент на мед за домашна потрошувачка.

    Главниот причинител за драстичното смалување на бројот на пчелни семејства е вароата. Пчеларите во очај, пробувале да го уништат крлежот со најразлични средства и препарати. Но, на овој начин нанесувале штета и врз пчелните семејства, ослабувајќи ги и спречувајќи им ја способноста на пчелите сами да создаваат отпорност и адаптација кон одредени болести, временски услови и паразити. Со претераното користење на хемиските препарати предизвикувале резистентност кај вароата, па затоа борбата во која главно оружје е хемијата, пчеларите од САД сè повеќе ја губат.

    Поради тоа, некои пчелари спасот од штетите кои секоја година им ги нанесува вароата, го гледаат во Русија. Многу пчелари комерцијално започнале да населуваат кошници со пчели од Русија, односно од регионот Приморски Крај, сметајќи дека оваа пчела е во голема предност во однос на отпорноста кон вароа, поради тоа што и крлежот и пчелата потекнуваат од ист регион. Д-р Том Рајндерер, иницијатор на целиот проект, после долгогодишно преговарање и убедување со владите на САД и на Русија, успеал да донесе и инсталира неколку експериментални руски матици. Во текот на испитувањата на резистентните особини забележал дека овие пчели генетски ја имаат способноста за отстранување и елиминирање на вароата, не само од своето тело, туку и од заразените кукли. Поради оваа причина, руската пчела започнала да се шири низ американските пчеларници. Но, за да не се изгуби генетската чистота на пчелите и нивната ценета особина, а знаејќи го тешкиот начин на кој пчелата е увезена во САД, матиците се спаруваат во одредени региони преплавени со трутови од оваа пчела. Пчеларите се обврзани и на редовно поднесување примероци од своите пчеларници за испитување на ДНК.

    Одгледувачите на увезените руски пчели се свесни, дека на овој начин нема да можат да издејствуваат комплетно уништување на вароата, но сметаат дека со генетската особина која ја имаат пчелите од Русија, би се направила некоја природна рамнотежа и би се намалиле огромните загуби кои ги бележи пчеларството во САД.

  • Медот се исплати и да го нема. Но за кого?

    Медот се исплати и да го нема. Но за кого?

    [dropcap]„ Р[/dropcap]асте цената на медот поради лошото време„. „Дождот ги испразни кошниците, се бара поскапување на медот“. „Поскапува медот, лошата сезона го зема данокот“. Вакви наслови се читаа последниве неколку месеци откако заврши сезоната на медобер кај нас. И не дека не е така, и не дека немаат право-што се однесува до лошото време. Но, од каде тоа дека кога медот го нема вреди злато и треба да е скап, а кога го има не е интересен и може да се продава по цена на два дволитарски ни малку здрави газирани сокови.

    Медот е храна, медот е лек, медот е здравје. За едни начин на здрав живот, за други љубов, обврска и семејна егзистенција, а за трети можност за профит. Сите уживаат кога го има, но највеќе оние третите. Но, нив им одговара и да го нема. Е, токму тие ги иницираат и лансираат ваквите изјави. Знаејќи дека на неколку сезони со просечен медобер, следува понекоја скромна, следуваат изјави во стилот на оние горенаведените. Затоа, кога во некоја наредна пчеларска сезона времето ќе биде одлично, ќе нема кој да биде виновникот и во кого да се вперува прстот доколку некој пчелар напише повисока цена на својата тегла или барем ја задржи оваа сегашната. Пчеларите пак ќе го продаваат медот по онаа срамна цена, а профитерите ќе го откупуваат по уште посрамна. А временските услови и понатаму ќе ни ја „диктираат“ цената на медот.

    Се додека не почне да се цени трудот на пчелите, работата на пчеларот, финалните пчелни производи и ангажирањето за тие производи правилно да се презентираат, на купувачот и на скромниот пчелар ќе им се сервираат вести од ваков тип. А се мора и треба да почне од пчеларот.

    Никогаш кај нас не сме прочитале за тоа дека цената на медот е зголемена затоа што костенот во Македонија дава одлично ароматизиран мед, затоа што низ државава се собира неверојатно квалитетен шумски мед, затоа што ливадата кај нас го прави медот уникатен, затоа што уште имаме незагадени поледелство и овоштарство како извори на квалитетен мед, затоа што имаме умешен пчелар итн. Се додека ова стратегија на манипулаторите полека не бива препознавана и отфрлана од пчеларите, доброто и лошото време, а не квалитетните пашни услови, вредната македонска пчела и трудољубивиот пчелар, ќе бидат критериум за одредување на цената на медот кај нас.

    „Освен парите, нема ништо послатко од медот“-рекол Бенџамин Френклин, поранешен државник, научник, философ, писател, изумител, дипломат, графичар и др. Штета. Не бил пчелар.

    Горан Алексовски

  • Мед од други пчели

    Мед од други пчели

    [dropcap]М[/dropcap]едот кој го користиме добиен e од подвидовите на Apis mellifera, широко распространети по светот. Несомнено, овој мед е најраспространет, а воедно и најквалитетен. Но, регионално постојат повеќе видови на мед, добиен од страна на други видови на пчели. Овој мед често може да биде собран во значителни количини. Азиските видови од родот Apis, произведуваат мед многу сличен по состав и вкус на медот добиен од подвидовите на Apis mellifera. Пчелите без осило (Meliponini) произведуваат мед, кој е доста течен и чиј вкус во голема мера може да варира. Apis dorsata складира мед со различен состав и својства, зависно од годишното време и надморската височина.

    Apis cerana може да се одгледува во кошници, исто како некои од тропските подвидови на A. mellifera. Пчелите од овој вид биле единствените кои се одгледувале во Азија, сè до донесувањето на европските пчели во многу делови од Азија. Во тропските региони A. cerana дава мед во доста мали количини (3-10 кг по семејство), додека во поумерените региони нешто повеќе. Медот од A. cerana се разликува од медот на A. mellifera по понискиот процент на ензимот дијастаза и поголемата содржина на вода, а има разлика и во амино-киселинскиот состав. Медот од останатите два вида на Apis, A. dorsata и A. florae, се собира само од дивите колонии и е во многу мали количини, поради нивното мало гнездо. За медот од останатите азиски видови на пчели  A. andreniformis, A. laboriosa и A. koschevnikovi, не постојат никакви информации.

    Социјалните пчели без осило (Melponini), медот го складираат во посебни медни чаури, наместо во саќе. Медот од овие пчели се зема од нивните диви колонии или од семејствата кои се чуваат во специјални кошници. Се смета дека Инките и Маите доживеале пчеларски процут токму со Melponimi пчелите.

     Составот на медот од овие пчели често знае да варира, има нестандарден квалитет, а во однос на медот од A. mellifera содржи повеќе вода, има поголема киселост, има поголемо бактериостатско (инхибиторно) дејство и не содржи дијастаза.

    A. dorsata складира повеќе видови на мед: црвен мед – направен од нектар собран од растенија на голема надморска височина, пролетен мед – собран на пониска надморска височина и есенски мед – собран од растенија на било која надморска височина. Најмногу ценет е црвениот мед, кој собирачите на мед од диви колонии (најчесто од Непал) го продават пет пати поскапо од цената на медот добиен од A. mellifera. nepalese-honey-hunters-04Причината за високата цена е во големата медицинска вредност на медот и неговото интоксикативно (опивачко) дејство, кое го добива од состојките на нектарот собран од рододендронот.

    Други инсекти кои складираат мед, кој се користи и за човечка исхрана, се некои бумбари (Bombus) и некои видови на оси (Nectarina и Polybia).

  • Интервју со Горан Алексовски, основач и уредник на medno.mk

    Со цел да Ви ги откриеме замислата и идејата на медно.мк, накратко разговараме со Горан Алексовски, дипломиран земјоделски инженер, пчелар и главен уредник на овој портал посветен на пчеларството.

    Kоја е причината за ваквата одлука да се реализира токму пчеларски портал?

    Г.А. Пчеларењето е мое хоби. Секогаш кога имам слободно време читам пчеларска литература и посетувам интернет страни со пчеларска содржина. Но многу малку од нив се македонски. Македонските веб страни за пчеларство можат да се пребројат на прсти. Дел од нив се поактивни, но има и такви на кои веќе подолго време не може да се прочита ништо ново и не нудат корисни и интересни информации, пред се за македонскиот пчелар, а потоа и за сите заинтересирани за пчеларството и пчелните производи. Ова беше причината, а воедно и предизвик за мене да се впуштам во еден ваков проект.

    Кому му е наменет медно?

    Г.А. Содржините на медно.мк се наменети за сите кои го сакаат пчеларството, корисниците на пчелните производи, љубителите на природата. Секој добронамерен посетител е добредојден.

    Какви содржини ќе преовладуваат на медно?

    Г.А. Замислата е медно.мк да биде медиум од забавен-информативно, едукативен и интерактивен карактер. Сè она што е ново и актуелно во светот на пчелите и пчеларењето ќе биде презентирано на медно.мк. Ќе бидат третирани теми поврзани со болестите кај пчелите, предвидени се содржини за пчелните производи и нивното големо значење, билките во природата со своето медоносно значење и воопшто како лековити билки за човекот и многу други содржини. Тука е делот каде секој пчелар слободно ќе може да го изрази својот став, критика и мислење преку колумна или писмо, а одвреме навреме предвидени се интервјуа со луѓе кои значат нешто во македонското и светското пчеларство, со кои ќе се разговара за теми кои го засегаат пчеларството. Во целина, медно.мк би бил комплетен пчеларски е-магазин.

    Рековте дека дел од македонските пчеларски интернет страни се неинтересни за посетување. Зошто сметате дека порталот медно.мк би бил имун на оваа појава?

    Г.А. Во светот, а особено кај нас, поради самиот карактер на пчеларството не излегуваат премногу информации, вести и новости, особено на дневно ниво. Не очекувам дека на медно.мк ќе се објавуваат по десетици новини на ден, но би требало да има онолку колку што е доволно за да се привлече вниманието на посетителот, а при тоа истиот да прочита и можеби научи нешто ново, спореди туѓи искуства и слушне нечиј став. Не би сакал медно.мк да се споредува со други пчеларски интернет страни, бидејќи секој си има своја политика, визија и начин на работење.

    Значи ли тоа дека не Ве интересираат вашите конкуренти?

    Г.А. Не се согласувам. Медно.мк воопшто не е конкурентски насочен медиум. Со задоволство ги читам сите наши пчеларски веб страни и би сакал да ги има уште многу. Имаме искусни пчелари кои знаат и можат да напишат и споделат вредни искуства. Имаме и млади пчелари кои би требало дел од своите сили да насочат кон вакви или слични проекти, а сè во функција на едукација, размена на знаења и искуства и кревање на македонското пчеларство на повисоко ниво.

    Каков прием очекувате да има медно.мк од посетителите?

    Г.А. Јас мислам и верувам дека медно.мк секогаш би бил посетуван со задоволство.

    Која би била вашата порака до посетителите?

    Г.А. Своевремено на мојот блог medno.wordpress напишав куса порака со поздрав за посетителите. Пораката е иста, времињата се поинакви, предизвикот е поголем.  Додадете го медно.мк во обележувачите во вашиот пребарувач, затоа што времето поминато таму никогаш нема да е напразно.

     

    Подготвил: А. Б.