Blog

  • Мала кошничка бубачка

    Мала кошничка бубачка

    [dropcap]Н[/dropcap]а 11 септември 2014, Националниот центар за пчеларство при Институтот за зоологија во Венеција, потврди дека е детектирано присуството на малата кошничка бубачка во Италија. Веста брзо ја потресе пчеларската јавност во Италија и Европа, предизвикувајќи загриженост кај пчеларите затоа што мора да вклучат уште еден паразит во листата на активни непријатели на пчелите. Колку сме запознаени со овој паразит?

    Малата кошничка бубачка Aethina tumida (SHB) е инвазивен паразит кај пчелите. Потекнува од Суб-Сахарска Африка. Бубачките се раширени скоро по сите кошници во нивниот матичен крај, но таму скоро и да не се сметаат за некоја посериозна закана по пчелите. Бубачките се 5-7 мм долги, 3-4 мм широки, имаат овална до издолжена форма и прекриени се со фини влакненца, но нивната големина и изглед често можат да варираат помеѓу популацијата. Најчесто, по раѓањето имаат светла боја, а подоцна со растењето добиваат кафеава боја. Кога процесот на растење завршува и стануваат зрели единки, добиваат црна боја на телото. Телото им е поделено на три дела: глава, на која се наоѓаат две антени, гради  и стомак, кој одозгора делумно е прекриен со еден пар крила. Имаат три пара на нозе кои им овозможуваат прилично брзо движење. Возрасните единки набљудувани во кошницата можат да се видат само одозгора, со збиен труп на кој не можат да се забележат нивните антени и нозете.

    02_FAI_Aethina_tumida

    Развојот им се состои од три циклуси: јајце, ларва и нимфа. Јајцата се слични на оние на пчелната матица, но нешто помали. Имаат бисерно бела до проѕирна боја, широки се 0,29 милиметри, а долги 1,4 милиметри. Женките  ги несат јајцата во пукнатините на кошницата, на дното по празното саќе, па дури и врз ќелиите со полен и пчелно легло. Женките можат дури и да го прегризаат капачето со кое е запечатена ќелијата и внатре да снесат јајца. Јајцата, обично се снесени без ред и се расфрлани во групи. Една женка несе до 1000 јајца во текот на животот.

    03_FAI_Aethina_tumida

    За 4 дена од јајцата излегуваат ларви кои вееднаш се хранат со медот, поленот и пчелното легло. Ларвите се слични со ларвите на восочниот молец и можат да се распознаат по боцките распоредени долж целиот грб и трите пара на нозе на предниот дел. Ларвите на восочниот молец немаат боцки и имаат 3 пара нозе на предниот дел и 4 пара на куси и неразвиени нозе на задниот дел од телото. Ларвите на кошничката бубачка имаат кремасто до бледо златна боја. За 10-16 дена ларвите излегуваат надвор од кошницата во форма на кукла, каде се доразвиваат. Најчесто се закопуваат во земјата и тоа на растојание најмногу до 180 цм од кошницата од која излегле. Остануваат 3-4 недели во земја на длабочина до 10 цм, а потоа како возрасни единки напаѓаат други кошници, водејќи се по многу добро развиеното чувство за мирис.

    04_FAI_Aethina_tumida07_FAI_Aethina_tumida

    Возрасните единки се многу добри летачи и можат да се рашират на други семејства многу лесно. Способни се да летаат со излезените роеви и да ги следат до нивното ново живеалиште. Животниот век им трае 6 месеци, а за една сезона во пчелното семејство можат да созреат неколку генерации на бубачки. Престануваат со репродукција во текот на зимата, која возрасните единки ја поминуваат веднаш покрај пчелното клубе.

    Пчелите не се способни сами да ги исфрлат возрасните бубачки од кошницата, а нивниот цврст оклоп е отпорен на пчелните убоди. Често пчелите ги втеруваат бубачките во тесните делови од кошницата и нејзините пукнатини, мислејќи дека таму ќе ги изолираат и заробат. Но бубачките имаат добро развиена способност да ги користат своите антени со кои многу вешто глумат трутови кои молат за храна од своите пчели чувари. На овој начин пчелите чувари многу лесно се измамени и ги хранат своите заробеници. На овој начин бубачките можат да преживеат долг период во заробеништво.

    Кога бубачките ќе снесат многу јајца низ саќето со мед и легло, медот станува воденаст, лигав и растопен. За разлика од молецот, бубачките не прават пајажинести ходници по саќето. При преголема дефекација низ саќето со мед, на саќето се развиваат мувли, медот ферментира, се расипува и растекува по целото саќе, што може да предизвика матицата да престане со несење и да дојде до пропаѓање на семејството.

    06_FAI_Aethina_tumida

    Најзагрозени се слабите семејства, но дури и силните друштва не успеваат да се одбранат од нападите на бубачката. Нуклеусите па дури и оплодниците се исто така мета на бубачката. Доколку рамките со мед се извадат од кошниците и се остават на одложено време за цедење во пчеларската куќичка, лесно може да бидат нападнати од бубачката. Медот во кој има фекалии од бубачката, а е центрифугиран, доколку се даде на пчелите тие ќе го одбиваат, а поради вкусот не е добар ни за човечка исхрана, па затоа не треба да се меша со друг мед.

    Дијагнозата за инфекција од бубачката се поставува врз основа на визуелен преглед на саќето, пукнатините на кошницата и најтемните и најнедостапни места во неа. При подигањето на поклопната даска, на нејзината долна страна можат да се забележат бубачките како трчаат. Можат да се видат и на рамконосачите и на површината од саќето. Бубачката не поднесува светлина и тоа е еден од најлесните начини за докажување на нејзиното присуство. Ако сакаме да провериме дали има бубачки во спратовите, се превртува капакот од кошницата и се става на земја. Врз него се става спратот и се продолжува со вообичаените активности и работа на пониските спратчиња на истата или на нова кошница. За десетина минути, се крева спратот и доколку има бубачки тие ќе се забележат како трчаат по капакот, барајќи заштита од светлината. Друг метод е кога во задниот дел од кошницата на подот ќе се стават парчиња дебел картон на кој ќе му се искине едниот слој хартија (да останат само ребрата). Бубачките, криејќи се од пчелите влегуваат во шуплините и лесно ќе можат да се забележат.

    Доколку постои сомневање за присуство на бубачката на пчеларникот, потребно е да се известат надлежните служби или примерок од сомнителните бубачки, ларви или содржина да се стави во алкохол или стерилен сад и да се однесат во надлежна лабораторија.

  • Ајнштајн и цитатoт за пчелите

    Ајнштајн и цитатoт за пчелите

    [dropcap]П[/dropcap]опуларниот цитат на Алберт Ајнштајн „Ако пчелите исчезнат од површината на земјата тогаш човекот би имал уште само 4 години живот. Нема да има пчели, нема да има опрашување, нема да има растенија, нема да има животни, нема да го има и човекот“, кој има и втора верзија „Ако пчелите исчезнат, човекот нема да има повеќе од 4 години опстанок“, за некои луѓе претставува причина за скептицизам и сомневање дали славниот физичар навистина го рекол тоа.

    Интернет страната www.quoteinvestigator.com која ги проучува изјавите и цитатите на познатите личности, потврдувајќи ја нивната автентичност, длабоко навлегува во потеклото и веродостојноста на популарниот цитат на Ајнштајн. Проучувајќи ги сите изјави во врска со пчелите, а истовремено поврзани и блиски до Ајнштајн, quoteinvestigator како заклучок вели дека не постојат никакви посериозни докази за тоа дека оваа изјава потекнува лично од Ајнштајн. Слични цитати, кои се поврзуваат со исчезнувањето на пчелите, им се прибележуваат и на Чарлс Дарвин, Морис Метерлинк, Е.О. Вилсон и уште неколку автори, во различни временски периоди пред, во текот на животот и после смртта на Ајнштајн, па се смета дека некој од авторите на списанијата во кои е објавен популарниот цитат на Ајнштајн, направил грешка и некои од погоре наведените автори ги заменил со Ајнштајн. Можеби и прашањето кое група на ученици во 1951 година му го поставиле на Ајнштајн во врска со тоа што би се случило со земјата доколку сонцето згасне, има влијание во целата оваа приказна. Одговорот на Ајнштајн бил дека без сончева светлина ќе нема пченица, ќе нема леб, ќе нема трева, ќе нема месо, ќе нема млеко и се ќе биде замрзнато. Иако во одговорот не се споменати пчелите, се смета дека некој автор направил комбинација од оваа и  нечија друга изјава и се добила денес добро познатата изрека за пчелите.

    Кому и да му се препишува заслугата за овој цитат, авторот не е далеку од вистината.

  • Меден сируп против кашлање

    Меден сируп против кашлање

    [dropcap]К[/dropcap]ашлицата кај децата, па и возрасните може да трае доста долго, а при тоа го исцрпува организмот и предизвикува омалаксаност. За смирување на кашлањето најчесто се купуваат сирупи, за кои се тврди дека се направени на природна база, но секогаш постои барем една состојка која не ја познаваме и чиј начин на далување за нас е непознат. Затоа најдобро е ваквите сирупи да се подготвуваат дома од природни состојки чие дејство е веќе докажано. Еве рецепт за еден таков сируп:

    • 200 мл мед (по ваш избор, но препорачливо е темен мед);
    • сок од еден лимон;
    • една лажица сушена жалфија.

    Сите состојки се мешаат во поклопен сад кој се става во друг сад во кој има вода. Кога водата ќе почне да врие, смесата останува така на пареата околу 5 минути, а потоа се трга на страна и се завиткува во нешто топло или се става во термос. После дваесет минути, смесата се цеди преку цедалка и се полни во стаклена тегла. Од овој сируп, на деца им се дава по една мала лажичка 3 пати на ден, а возрасните земаат 3 пати по една голема лажица. Освен што ја ублажува кашлицата, сирупот со мед го лекува болното грло и делува како антипиретик.

  • Aнтибиотик без лекарски рецепт

    Aнтибиотик без лекарски рецепт

    [dropcap]П[/dropcap]ознато е дека антибиотиците се микс од повеќе компоненти. Пред да се земе секој антибиотик, потребно е да се консултира лекар, а за да се купи истиот, потребен е лекарски рецепт. Но зошто да се земаат пилули, кога лекот го имаме во кујната или може да се купи без лекарски рецепт и да се зема без ограничувања и без следење на апликативни термини. Во листата од шест вакви делотворни природни антибиотици е и медот. Познато е дека медот бил користен како антибиотик уште пред да бидат познати, откриени и развиени антибиотиците. Денес, научно е докажано дека медот има антибактериско дејство и успешно лечи осипи на кожата, изгореници и рани. Медот ги чисти забите и устата од бактерии и го запира крварењето на непцата. Исто така, ефикасно ги лекува чиревите и плускавците. При лекување на рани и воспаленија, многу е важно да се избере вистинскиот мед за таа намена. Темниот мед има подобро антибактериско дејство, но мора да биде свеж и течен. Не смее да биде пастеризиран, затоа што на тој начин значително ослабува неговото антибактериско дејство.

    Останатите пет продукти со природно антибиотско дејство се: лукот, жалфијата, циметот, ориганото и каранфилчето.

  • Парафинот во восочните основи без последици по пчелите

    Парафинот во восочните основи без последици по пчелите

    [dropcap]Р[/dropcap]етко на пазарот може да се набават восочни основи, кои освен восок немаат други примеси. Најупотребуван „додаток“ при нивна изработка е парафинот. Но колку процентот на парафин во восочните основи влијае врз пчелното семејство?

    Студијата направена на Институтот за пчеларство во Пулави, Полска, покажува дека парафинот нема позначајно влијание врз пчелите. Во истражувањето користени се восочни основи, изработени од восок во кој е додадено 10%, 30% и 50% парафин. Во текот на испитувањето не се забележани никакви негативни последици по пчелните семејства. Основите, без разлика на процентот на парафин, се градени нормално, немало пореметување во стандардите и димензиите на ќелиите и матиците ги занесувале нормално. Развојот на леглото на ваквите основи бил без забележани промени, а квалитетот на истото бил на задоволително ниво. Пчелите работнички излегувале на 21 ден и не е забележана никаква стапка на смртност. Секако, ова не треба да биде охрабрувачки знак за производителите на восочни основи, бидејќи многуте различни видови на парафин по хемиски состав и чистота, не ја исклучуваат можноста за штетно делување на парафинот врз пчелите.

  • „Дрво мозок“ – многу полен, малку пчели

    „Дрво мозок“ – многу полен, малку пчели

    [dropcap]Д[/dropcap]рвото мозок (Maclura pomifera) е листопадно дрво кое потекнува од Северна Америка. Името го добило поради изгледот на плодот кој личи на мозок. Коњско јаболко, мајмунска топка, Осаги јаболко, се имињата под кои уште може да се сретне ова дрво. Кај нас започнало да се сади во експериментални цели некаде во средината на 20-ти век. Расте до 12 метри во височина, а по целата површина е обраснато со цврсти и многу остри трња. Расте на сончеви и оцедливи места. Дрвната маса е многу квалитетна, цврста  и доста калорична при горење. Ова дрво во минатото имало широка лепеза на корисни функции. Успешно било користено како ограда за коралите и имотите. Се користело како добра заштита од ветар и ерозија. Племето Осаги, но и многу други домородечки индијански племиња, го користеле за изработка на лакови за лов. Минувале и по стотици километри за да го наберат, а доколку неможеле да дојдат до него, за еден лак од ова дрво, тргувале со еден добар коњ и едно ќебе. Има машки и женски цветови, распоредени на одделни дрвја. Цвета на крај од месец мај и почеток на јуни. Поленот е темно жолт до зелен и го има во изобилство. Во убави денови, ако се затресе гранка од ова дрво со цветови во полн цвет, може да се направи мала „димна завеса“ од полен. Иако дава доста полен, не може да се забележат голем број на пчели по цветовите. Можеби причината лежи во тоа што периодот на цветање на дрвото мозок се поклопува со цветањето на доста поатрактивни билки за пчелите. Во доцна есен, при топли денови, пчелите често знаат да се собираат и да шмукаат сок од паднатите плодови, кои веќе започнале да ферментираат. Плодот е доста атрактивен и потсетува на портокал, но ова дрво нема никаква блискост со портокалот. Плодот може да се јаде и не е опасен за човечкото здравје, но поради присуството на еден вид на млечно-леплив сок на база на латекс, воопшто не е вкусен и пријатен за јадење. Се смета дека плодот бил омилената храна на неколку изумрените видови како што се мамутите, гигантските мрзливци и мастодоните, а денес најчесто го јадат коњите и говедата, кај кои  постои опасност од задавување со овој плод. Ситните и многу на број семки исто така можат да се јадат од човекот, а истите се омилена храна и за верверичките. Постои мислење дека плодот содржи состојка која делува репелентно кон одредени инсекти, но ова дејство сеуште се докажува. Според некои, екстрактот од плодот и од семките е делотворно средство против разни видови на канцер, а помага и кај Алцхајмерова болест.IMG_20140521_170843

  • Средновечните трутови се најпожелни оплодувачи

    Средновечните трутови се најпожелни оплодувачи

    [dropcap]Т[/dropcap]рутовите се развиваат од неоплодени јајца. Нивниот развој трае 24 дена, односно 3 дена како јајце, фазата на ларва трае 6 дена и кукла 15 дена. Сперматогенезата кај нив започнува уште во стадиумот на ларва, а спермиогенезата завршува во стадиумот на кукла. Уште во првата недела како возрасна единка, сперматозоите се транспортираат од тестисите до семените везикули на трутот, каде остануваат сè до спарувањето на матицата. Но трутовите не се способни да се парат веднаш по трансферот на семето, поради тоа што ендофалусот на трутот не е физиолошки способен да ја прими спермата и да копулира со матицата. Ова е можно дури кога трутовите се постари од 10 дена. Квалитетното оплодување на матицата зависи од количината и квалитетот на семето внесено во сперматеката. Во текот на природното спарување матицата е оплодена од 3-17 трутови кои поединечно внесуваат од 1,5-1,7 µl сперма. Со возраста, бојата и вискозноста на семето се менуваат. Испитувањата и мерењата направени на одделот за пчеларство при Универзитетот за земјоделство во Краков, покажуваат дека кај трутовите на возраст од 2 недели, семето има жолтеникава боја и е течно, додека кај трутовите на возраст од 4 недели спермата е кремасто до кафеаво обоена и количината е поприлично вискозна. Исто така испитувањата покажуваат дека најсоодветни за природно и вештачко оплодување се трутовите на возраст од 10-21 ден. Трутовите помлади од 10 дена се незрели, додека трутовите над 21 ден имаат повискозна сперма која може да ја блокира сперматеката на матицата. Истражувањето покажува дека возраста има влијание и врз волуменот на спермата, односно со стареење на трутовите се намалува нејзиниот волумен. Но од друга страна, со возраста доаѓа до зголемување на виталноста на спермата и нејзината оплодувачка способност, но сепак вискозноста на спермата ги прави постарите трутови непопуларни љубовници. Барем не при инструменталното оплодување. Во природата важат други правила.

  • Бела лобода-извор на полен во вистинско време

    Бела лобода-извор на полен во вистинско време

    [dropcap]Б[/dropcap]елата лобода (Chenopodium album) е билка од родот Chenopodium. Ја има во изобилство по напуштените ниви, нивите засадени со разни поледелски култури, бавчите и покрај патиштата. Се смета за коровска билка. Во Индија е култивирана и се одгледува како зачинска билка. Кај нас за јадење обично ги користат листовите и младите изданоци, но поради оксалатите кои ги содржи, треба да се конзумира умерено. Содржи големи количини и на витамин А, С, калиум, калциум и магнезиум. Во височина расте до 1,5 метри, а некогаш и повисоко. Листовите близу кореновата основа имаат форма во вид на дијамант и долги се до 7 cm, додека оние од средината кон врвот имаат ромбовидна форма и се благо назабени. Цвета во крајот на август и почеток на септември и дава доста полен. Цветањето на лободата е најчеста причина за појава на поленска алергија кај луѓето во тој период од годината. Пчелите со задоволство ги посетуваат цветовите од белата лобода од кои за кусо време собираат доста полен со темно жолта до светло маслинеста боја. Цветањето на белата лобода во отсуство на други поголеми извори на полен е добредојдено за пчелите и тие со задоволство го искористуваат тоа. Семето содржи доста сапонини и треба умерено да се користи. При исхрана на кози со концентрирана храна во која имало додадено и семе од лобода, забележан е зголемен процент на плодност. Кај луѓето, умерено конзумирање на семето делува благо лаксативно и го прочистува дигестивниот тракт.

  • Конвертирање на шеќерен сируп

    Конвертирање на шеќерен сируп

    [dropcap]З[/dropcap]а многумина правењето на шеќерен сируп е чиста рутина и при приготвувањето не постои рецепт до кој стриктно се држат. Но некогаш, поради најразлични причини, може да се јави потреба веќе приготвен сируп да се конвертира во нов сооднос помеѓу шеќерот и водата. Еве еден интересен начин.

    Доколку шеќерен сируп во сооднос 2:1 (2 дела шеќер и 1 дел вода) сакаме да го конвертираме во однос 1:1, најлесен начин е да се измери сирупот на вага, тежината да се подели со 3 и да се додаде исто толку вода на растворот. Сирупот е направен од три дела (два дела шеќер и еден дел вода). Секој од овие три дела има приближно иста тежина. Со пресметување и пронаоѓање колку изнесува една третина од вкупната тежина, проценуваме колку вода има во растворот. Со додавање исто толку вода повторно, се добива 2/3 од вкупната оригинална тежина во шеќер и 2/3 од вкупната тежина во вода или 4/3 вкупна тежина во сооднос 1:1. На пример, ако сируп во однос 2:1 и со тежина од 10 кг го поделиме со 3, се добива 3,33 кг. Се мерат 3,33 кг вода и се додаваат во растворот од 10 кг со што се добива 13,33 кг сируп со однос 1:1 или 4/3 повеќе од почетната количина (10*4/3= 13,33).

  • До дното со италијанска помош

    До дното со италијанска помош

    [dropcap]И[/dropcap]талијанската компанија Моналдо Моналди Технологија, патентираше нова мултифункциоционална пчеларска алатка-нож. Оваа алатка овозможува пристап до најнепристапните делови од кошницата и со неа лесно може да се истругаат прополисот и содржината кои се налепени на долниот дел од кошницата. Работи на принцип на расклопување и склопување. Кога е склопен, едниот крај функционира како подигач за рамки, а другиот кој е поширок и остар служи за стругање. Штом се расклопи, скоро двојно се издолжува и добива уште неколку дополнителни функции. Анатомската рачка се грижи и долготрајното работење со овој нож да не биде напорно. Направен е од нерѓосувачки челик (AISI 420), кој се користи и за изработка на хируршки инструменти.

    2