Blog

  • Пчелите и зимскиот солстициум

    Пчелите и зимскиот солстициум

    [dropcap]З[/dropcap]имскиот солстициум или зимската краткодневница го означува времето од годината кога ноќта е најдолга, а денот најкраток. Тогаш дневната максимална сончева височина на небото е на најниско можно ниво.  На северната хемисфера тогаш настапува и зимата. Оваа година таа настапува на 22 декември во 00.03 часот.

    Веднаш по зимскиот солстициум,  денот почнува незабележително да расте сè до пристигнувањето на пролетта.

    Зимскиот солстициум е битен и значаен за пчелите и има влијание врз развојот на пчелното семејство. Многу пчелари овој настан го сметаат за пчеларска нова година или почеток на новата пчеларска сезона.

    И покрај мракот во кошницата и невозможноста на матицата да го забележи зголемувањето на дневната светлина, таа на одреден начин инстинктивно го чувствува доаѓањето на зимската крактодневница. Краткодневницата е еден од првите знаци за матицата, дека таа треба да започне една од најбитните нејзини активности поврзани со опстанокот на семејството-несење на јајца. Кратко по солстициумот, обично по неколку денови или една до две недели, семејството ја крева температурата на зимското клопче на околу 35°C, оптималната температура за одгледување на нови пчели. Кога семејството ќе ја достигне саканата температура, матицата ќе започне со несење на мал број на јајца, користејќи ги за тоа испразнетите ќелии со мед кој бил потрошен во изминатиот период. На почеток, количината на јајца е мала, со помалку од 100 занесени ќелии, но со наближување на пролетта бројот на снесени јајца постепено се зголемува. Овој процес оди бавно поради тоа што за достигнување на потребната температура пчелите трошат многу повеќе храна, за разлика од состојбата на мирување во зимското клопче. Со пообилно конзумирање на храна, пчелите се во состојба преку движење на своите мускули да генерираат температура и над 35°C. Матицата и снесените јајца постојано се наоѓаат во центарот на топлото клопче, заштитени од студот, додека пчелите работнички постојано ја ротираат својата местоположба, со цел да не дојде до нивно премрзнување.

    Препорачливо е, особено за понеискусните пчелари, краток период по зимскиот солстициум, во моменти на убаво време да ги проверат залихите на храна во кошницата, односно дали клопчето со пчели излегло на долниот дел од поклопната даска. Ако се забележи такво нешто, потребно е веднаш да се интервенира со хранење на таквите семејства.

  • Хронологија на населувањето на европските пчели во светот

    Хронологија на населувањето на европските пчели во светот

    [dropcap]С[/dropcap]о пронаоѓањето на првите вештачки живеалишта, започнало и пренесувањето и ширењето на пчелите во разни предели и региони низ светот.

    Бидејќи на териториите на Јужна и Северна Америка немало медоносни пчели, токму на овие места биле забележани првите внесувања на европски подвидови на пчели. Во 1622 година, од Англија се донесени и населени првите европски пчели во Вирџинија. Пчелите биле од подвидот бакфаст. Во 1638 година пчели се населени и во Нова Англија, во 1763 година пчели биле донесени на Флорида и на Куба, во 1781 година на Хаити, во 1792 година во Њујорк, во 1848 година во Чиле, а почнувајќи од 1849 до 1865 година, со пчели бил населен Бразил. Се смета дека Аљаска е населена со пчели од Русија кои се пренесени преку Беринговиот теснец. Австралија била населена со европски медоносни пчели во 1839 година.

    Што се однесува до Европа, таму постоеле автохтони медоносни пчели, но забележано е пренесување и внесување на неавтохтони подвидови на пчели во најразлични региони. Во XVIII век Финска и Норвешка се населени со темната медоносна пчела (бакфаст). Во Русија ширењето на медоносните пчели е забележано уште во 1786 година, а според податоците започнало од регионот Оренбургск. Од таму пчелите биле раширени во Краснојарск, Томск, а од регионот Приморскији, на многу начини, а најчесто преку бродови, биле пренесувани пчели низ останатите региони во Русија. Во Туркменистан, руските пчели биле внесени во 1870 година, во Ташкент во 1872 година, а во 1896 руските пчели биле раширени во задкасписките области. На северот од Русија, пчелите имаат краток стаж на населеност. Во областа Архангелск тие се населени на почетокот на XX век.

    Подвидови кои најмногу се ширени во Европа и светот биле подвидовите на крањската и италијанската пчела, кои уште во XIX век биле извезувани преку фирми-експортери на матици од овие подвидови.

    Крањската пчела во Русија била донесена уште на почетокот на XIX век, додека на пчеларите од  САД, крањската пчела им била претставена од првите нејзини увозници Дадант и Бентон, во 1880 година.

    Италијанската пчела бележи експанзија во 1843 година, кога масовно била извезувана во Швајцарија. Во САД била донесена во 1855 година од кога ја потиснува темната медоносна пчела и станува основа на современото американско пчеларство. Во 1859 година, A.m. ligustica е внесена во Франција и Англија, а во 1861 година во Бразил. Според некои информации италијанската пчела во Австралија била внесена уште во 1822 година од италијански доселеници во денешен Сиднеј, а официјални податоци велат дека оваа пчела е внесена во 1862 година. Како и во САД и во Австралија, овој подвид успеал да го потисне бакфаст подвидот. Во 1853 година, Џерзон од Венеција ја внел италијанската пчела во областа Шлезија, каде 30 години ја одгледувал чисто и селекционирано, а од таму извезувал матици низ цел свет.

    Во Северна Америка биле внесени и други подвидови на пчели како кипарските во 1877 година, египетските во 1867 година и кавказките во 1880 година.

    Во Јужна Америка, пчелите се населувани најмногу од Португалците. Но премногу тешко одела аклиматизацијата на европските пчели кон влажните и тропски услови на овој континент, што било причина решение да се бара во внесување на африкански пчели, за кои имало мислење дека полесно ќе се приспособат на тамошните услови. Тоа е направено во 1957 година, а резултатот од ова на сите нам ни е добро познат.

    Според одредени, но непотврдени податоци, првите белешки за населување на Азија со европски пчели постојат уште од VII век п.н.е. Тоа биле пчели од Русија, кои биле потиснати од автохтоната A. cerana.

    Во Африка, европските пчели биле внесувани од колонизаторите иако таму веќе постоеле одредени автохтони видови на медоносни пчели.

    Од оваа хронологија, според стручњаците, може да се заклучи дека поради транспортот и селењето на пчелите, нивниот ареал на егзистирање во светот се зголемил за 60%, што е многу позитивна работа. Ова ја поттикнало и иновативноста на луѓето, па тие измислувале кошници, разни пчеларски алатки и опрема, платформи, павиљони, разни средства користени при пчеларењето и селењето, од кои дел и денес се користат, а дел се надоградени и усовршени. Но ова има и негативен ефект, како што се појавувањето на некои несакани особини при вкрстување на локалните пчели со новите внесени подвидови на пчели, пренесувањето на болести и др.

    Како резултат на човековата улога во ширењето на пчелите низ светот може да се утврдат неколку работи. Во САД и Австралија доминира италијанската пчела, која целосно ги потиснала останатите внесени подвидови. Во Кина, која е лидер во светското пчеларство, 2/3 од пчелите се од европските подвидови, додека 1/3 се локален вид. Во земјите од западна Европа лидер е крањската пчела, а многу мал дел подпаѓа под бакфаст и лигустика. Во Русија најзастапена е руската пчела, освен во кавказкиот и карпатскиот регион, каде се застапени мелези и пчели добиени преку вкрстување на руските пчели и одредени локални пчели.

  • Крема со мед за груба и испукана кожа

    Крема со мед за груба и испукана кожа

    [dropcap]О[/dropcap]д многу одамна се познати позитивните нутритивни и лековити ефекти кои ги има свинската маст. Во комбинација со чудесните својства кои ги има медот, се добива одлична, еколошки чиста и многу здрава крема за негување на груба, сува, испукана и оштетена кожа. Кремата се нанесува еднаш до два пати дневно, а резултатите се забележуваат за краток период.

    Потребни состојки:

    -100 грама свинска несолена маст

    -50 грама мед

    Маста и медот се ставаат во сад и се мешаат со пластична или дрвана лажица. Смесата се меша додека двете состојки не се соединат целосно и не се добие хомогенизирана маса. Кремата се става во пластична кутија или стаклена тегличка и добро се затвара. Се чува на температура на која кремата нема да се растопи.

  • Медени лижавчиња

    Медени лижавчиња

    [dropcap]Б[/dropcap]рз и многу едноставен рецепт за приготвување на лижавчиња од мед, кои убаво спакувани, украсени и завиткани, ќе бидат убава декорација и сладок подарок за најмладите посетители на пчеларскиот штанд, декорација на празничната трпеза и „таблета“ за смирување на кашлицата и проблемите со сувото грло.

    Потребни состојки:

    -една шоља мед

    -пластични или дрвени стапчиња за лижавчиња

    – по можност: термометар за готвење и калапи за лижавчиња

    Медот се става во сад на оган и постепено се загрева до згустување и вриење. Медот се меша постојано. Ако имате термометар, температурата на вриење треба да е околу 150°C.  Доколку немате термометар, капнете една капка од врелиот мед во ладна вода и ако капката мед се стегне во цврста маса тогаш медот е добро сварен и ја има потребната конзистенција. Се трга од оган и со лажица се црпе од него и се става во калапите за лижавчиња (ако ги имате) или на рамна површина која не зафаќа, врз стапчињата се истура онолку мед колку што сакаме да бидат големи лижавчињата.

    lizavcinja 3 lizavcinja 2

  • Успешно презентирани пчеларски трудови на Студентската смотра

    Успешно презентирани пчеларски трудови на Студентската смотра

    [dropcap]„В[/dropcap]аквите настани се од големо значење, бидејќи преку нив спознаваме со каков капацитет располагаат нашите студенти. За нас, тоа е од особено голем интерес затоа што од ваквите средби и од авторите на ваквите трудови се регрутира идниот потенцијал на факултетот и идните наставно научни работници од областа на земјоделството„-рече денес деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Скопје, Проф. Д-р Драги Димитриевски, во воведното обраќање на отварањето на 6-та Студентска смотра на научни трудови. „На предавачите им посакувам успех на денешнава смотра, а на сите останати ви препорачувам преку конструктивни прашања и дебата да го збогатите и направите уште поинтересен овој настан“-додаде Проф. Д-р Димитриевски. Претседателот на Студентскиот парламент на студентите на ФЗНХ, Бобан Пиперкоски, кој свечено го отвори настанот, ја најави соработката со други македонски универзитети со цел Смотрата да биде поуспешна и изрази желба наредните години таа да добие и меѓународен карактер.

    Што се однесува до пчеларските теми, беа претставени три научни трудови.

    Јана Павлова преку трудот работен заедно со Мирјана Крстева Апостолов и Мери Жаја, „Влијание на производната серија врз процентот на прифатени ларви и приносот на матичен млеч“, ги анализираше состојбата и факторите кои влијаат на приносите и квалитетот на матичен млеч, во период од една пчеларска сезона, на пчеларник во кумановско.

    j. pavlova

    Мирољуб Голубовски имаше интересна презентација на трудот со наслов „Влијание на квалитетот на консумираната зимска прихрана врз пчелите работнички во лабораториски услови“. Во својот труд, преку експериментално хранење на пчелите со неколку погачи од комерцијално и домашно производство, ги објави резултатите, односно со каков квалитет се погачите кои се наоѓаат во промет во домашните пчеларски продавници и кои се последиците по пчелите со исхрана со дел од нив. Голубовски овој труд го работеше заедно со колегите Мирослав Тасевски и Кристијан Христовски.

    m. golubovski

    Третата презентација  се однесуваше на трудот на Благоја Долгоски и Мартин Стојаноски, „Тродимензионален модел на развојот на пчелно семејство во текот на годината“. Во овој труд на интересен начин беше претставено позиционирањето на пчелното семејство во кошницата во неколку месеци од годината и количината на легло по месеци.

    b.dolgoski

    Ментори на трудовите од областа на пчеларство беа Проф. Д-р Хрисула Кипријановска и Доц. Д-р Александар Узунов.

    *Медно.мк се извинува за лошиот квалитет на фотографиите

  • Пчеларски теми на Студентската смотра на научни трудови

    Пчеларски теми на Студентската смотра на научни трудови

    На традиционалната 6-та Студентска смотра на научни трудови, во организација на Студентскиот Парламент и Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „св. Кирил и Методиј“ – Скопје, која ќе се одржи на 15/12/2014 година на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, покрај останатите трудови ќе бидат и презентирани неколку трудови од областа на пчеларството. Презентери на трудовите ќе бидат повеќе студенти од ФЗНХ, кои под менторство на Проф. Д-р Хрисула Кипријановска и Доц. Д-р Александар Узунов, работеа на експерименти поврзани со производство на матичен млеч, квалитетот на погачите дадени при зимска прихрана и развојот на пчелните семејства во текот на годината.

    Студентската смотра на научни трудови ќе се одржи во амфитеатарот број 39, со почеток во 11.00 часот. Комплетната програма погледнете ја овде.

  • Едноставна, но функционална пчеларска количка

    Едноставна, но функционална пчеларска количка

    Постојат многу комерцијални алатки и колички за преместување на кошниците во кругот на пчеларникот поради најразлични пчеларски операции. Сите пчелари, особено хобистите, не можат да си дозволат вакви скапи инвестиции. Медно.мк Ви презентира еден едноставен, но функционален тип на пчеларска количка, кој не чини многу и нема да влијае многу на пчеларскиот буџет. Евтините материјали од кои е изработена, многу малата тежина и едноставноста при манипулација се некои од предностите кои ги има оваа количка. Преку преглед на фотографиите одлучете дали овој модел на количка одговара на Вашите барања и дали треба да го имате на пчеларникот.

    KOLICKA7 KOLICKA6 KOLICKA5 KOLICKA4 KOLICKA3 KOLICKA2 KOLICKA1

  • Инхалаторна апитерапија

    Инхалаторна апитерапија

    Поради сè позагадениот воздух кој го дишиме, зачестени се појавите на респираторни болести, алергии, астма, белодробни воспаленија и сл. Ваквите појави, особено се изразени кај децата и повозрасната популација. Решението за елиминирање или намалување на овие респираторни потешкотии многумина го пронашле преку вдишување на воздух директно од кошниците полни со пчели.

    Инхалаторната апитерапија била позната уште во времето на Египќаните. Познато е и тоа дека пчеларите додека на пчеларникот работат операции поврзани со отварање на кошниците, особено во пролетните и летните месеци, се чувствуваат многу пријатно и добро. Терапијата се состои од вдишување на аеросоли, кои се мешавина од повеќе корисни и здрави елементи од пчелното живеалиште, како што се прополисот, нектарот, етеричните масла, флавоноидите, медот, восокот, матичниот млеч, поленот и други лековити материи. Пчелите, преку вентилирање или едноставно движење на крилцата, испарувањата од овие материи ги мешаат и ги распрскуваат во ситни аеросоли во воздухот во внатрешноста на кошницата. Вдишувањето на аеросолите и аромите од пчелната кошница, освен за подобрување на состојбата со дишните патишта, има значаен ефект и врз психофизичката состојба на луѓето. Инхалаторната апитерапија делува смирувачки, релаксативно и ослободува од стресот акумулиран при секојдневието.

    disenje

    Апитерапијата помага кај лица со заболувања или потешкотии како што се:

    • астма
    • бронхитис
    • алергии
    • хронични болести на белите дробови
    • ослабен имунитет
    • инфекции на дишните патишта
    • мигрена и хронична главоболка
    • стрес
    • депресија

    Постојат специјални маски за вдишување на благодетите од внатрешноста на кошницата. Во пчеларски развиените земји, направени се таканаречени Апикомори, во кои пациентите релаксирано вдишуваат воздух од пчелното семејство, без опасност од убод, незавосно од периодот на денот или надворешните временски услови. Најефективен период за инхалациска апитерапија е од април до септември. Еднонеделен третман со секојдневно вдишување во време од еден час, значително ќе ги намали проблемите со дишењето. Освен за болни лица, апитерапијата се препорачува и за лица кои едноставно сакаат да се опуштат или внимаваат на своето здравје, лица кои се занимаваат со спорт, работници кои работат во фабрики и погони поврзани со тешки метали, штетни испарувања и др.

  • Како се ладат пчелите

    Како се ладат пчелите

    [dropcap]П[/dropcap]челите, особено помладите, се премногу чувствителни на температурни промени, па возрасните пчели развиле заеднички механизам, со кој се спречуваат одредени нарушувања во развојот на младите пчели и леглото.

    За да се спречат одредени стресни ситуации, кои доведуваат до пореметување во функционирањето на едно пчелно семејство, пчелите работнички преку ефикасен начин, сличен на човековото регулирање на температурата преку кожата и крвните садови, успеваат да ја апсорбираат и елиминираат топлината.

    Младите пчели се развиваат во восочни ќелии во кои, за да се добијат здрави пчели и правилен развој, температурата треба да изнесува помеѓу 32 и 35°C. Спротивно на ова, возрасните можат да издржат доста повисоки температури. Во пчелното семејство, пчелите работнички имаат функција на термостат. При паѓање на температурата, тие создаваат топлина преку движење на торакалните мускули. Кога е премногу жешко, пчелите работнички функционираат како вентилатор, при што координирано и со одредено темпо мавтаат со своите крилца при тоа распрскувајќи вода во вид на многу ситни аеросоли. Кога топлинскиот стрес е локализиран, тие ја апсорбираат топлината во себе збивајќи се околу леглото, ситуација позната како „топлински штит“. Но малку е познато на кој начин после апсорбирањето на топлината, пчелите се ослободуваат од неа.

    При експериментирање на способноста за температурна регулација на пчелите, во кошници од плексиглас биле поставени ист број на пчели. Во секоја кошница бил вметнат извор на топлина (светилка) и биле приклучени температурни сонди. Една контролна кошница била оставена празна, односно без пчели. При вклучување на светилките и загревање на кошниците, било забележано формирање на топлински штит од страна на постарите пчели. По 15 минути, за да се спречат оштетувања на пчелите, исклучени се светилките. Во рок од 10 минути температурата во кошниците била на безбедно и нормално ниво, додека загреваната контролна кошница без пчели останала на 40°C.

    ТЕМП.

    Со користење на термална камера, при вклучување на изворот на топлина и загревање на кошницата, забележано е зголемување на температурата на периферијата, додека на местото со легло термалната камера утврдила опаѓање на температурата. Според термалните снимки јасно се гледа дека пчелите физички ја пренесуваат апсорбираната топлина од нивните тела до периферните делови од кошницата подалеку од леглото, систем развиен слично на кардиоваскуларниот систем кај цицачите. Ова е уште еден доказ за тоа дека секое пчелно семејство функционира како суперорганизам.

  • Медени сусамки

    Медени сусамки

    [dropcap]М[/dropcap]едените сусамови плочки се продукт без кој не може и не смее да биде ниеден од штандовите на пчеларските изложби, а одличен десерт се и за посните празници кои доаѓаат.

    Потребни состојки (за околу 250-300 грама сусамки):

    • 3/4 шоља шеќер
    • 1/3 шоља мед
    • 20 милилитри вода
    • 1 шоља сусам
    • пола кесичка малку ванилин шеќер или мала лажичка ванилин екстракт
    • 2 мали лажички маргарин
    • прстофат сол
    • 1/4 мала лажичка сода бикарбона

    Водата, шеќерот, ванилиниот шеќер и солта се ставаат во сад на оган да зовријат. Се варат додека смесата не се згусне. Во садот се додава семето од сусам. Целата смеса се вари уште 10 минути со често мешање, за да добие изедначена боја на карамела. Се трга од оган и со мешање во топлата смеса се додаваат медот и маргаринот. Кога состојките ќе се спојат, на крај се додава содата. Улогата на содата е да реагира со киселината содадена при карамелизацијата на шеќерот при што се создаваат меурчиња на јаглероден диоксид, кои придонесуваат за попорозна структура на сусамовите плочки, а таквите сусамки ќе бидат полесни за јадење. Целата смеса се става во фолија или широк метален плех, се доведува до саканата дебелина и се остава да се олади. Кога ќе се олади, се крши на парчиња или се сече на форми по желба и се пакуваат или сервираат по Ваш вкус.