Ознака: македонски

  • Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија

    [dropcap]И[/dropcap]стражувањето под наслов „Анализа на производството и на пазарот на мед и останатите пчелни производи во Република Македонија“ презентирано во вид на постер презентација која проф. д-р Хрисула Кипријановска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје со своите студенти Мирољуб Голубовски и Мирослав Трајковски ја претставија на Апимондија 2017 во Истанбул, Турција, го анализира производството на мед и останатите пчелни производи и нивниот пласман во Република Македонија. Анализата е изработена врз основа на податоците од Светската организација за храна (ФАО), Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот завод за статистика  и податоци од анонимна анкета спроведена меѓу пчеларите во државава.

    Според истражувањето, првите официјални податоци за производството на мед во Република Македонија се оние според ФАО и датираат од 1992 година. Во периодот од 1992 до 2015 година производството на мед во Македонија бележи големи осцилации (од 1608 тони во 1992 год. до 603 тони во 2012 год.). Во овој период забележани се осцилации и кај бројот на кошници со пчели, од 77600 во 1992 год. до 53439 во 2009 год. со просечно производство на мед од 14 кг. по пчелно семејство. Произведениот мед генерално се пласира на домашниот пазар, главно преку продажба „од врата на врата“, потоа преку продажба на зелените пазари и преку продажба „на големо“ на откупувачите на мед. Просечната цена на медот во малопродажба е 5,7 евра/кг, а при откуп на големо цената изнесува 3,7 евра/кг. Според студијата, кај нас има 7 регистрирани капацитети за производство, преработка, откуп и пакување на мед. Тие се исто така и извозници и увозници на мед.

    Анализата на производството и продажбата на останатите пчелни производи во Република Македонија е направена врз основа на податоци собрани преку анонимни прашалници пополнети од македонските пчелари. Собраните и преработени податоци покажуваат дека 72% од пчеларите произведуваат пчелен восок, 32% произведуваат полен, 26% произведуваат матичен млеч, 60% произведуваат прополис и ниту еден не произведува пчелен отров. Според податоците, во Република Македонија годишно се произведуваат околу 10 тони восок, околу 2,5 тони полен, 100 кг матичен млеч и 1,5 тони прополис. Анализата вели дека цените на пчелните производи се движат од 2,4 до 5,7 евра/грам матичен млеч, 26 евра/кг полен, во просек 37,4 евра/кг прополис, 5,7 до 6,5 евра/кг претопен восок и 9,7 евра/кг изработени восочни основи.

  • 2015 година, пчеларско да се биде или не

    2015 година, пчеларско да се биде или не

    [dropcap]К[/dropcap]алендарски настапи и 2015 година. Ќе биде ли оваа година, во однос на пчеларството, нешто поразлична од изминатите неколку години? По се она што се случуваше кон крајот на 2014 година и по она што го навестува почетокот на 2015 година, шансите се 50:50.

    А што се случуваше во залезот на 2014-та. Лошиот медобер во 2014 навести дека трошоците на пчеларот за зазмување на пчелите и нивно успешно презимување и доведување во посакуваната форма во 2015 година, ќе бидат значително зголемени. Значителното покачување на цената на медот последниве неколку месеци, за жал, е приказна која кратко ќе трае.

    И покрај снегот, кој како и за сите земјоделци, па така и за пчеларите значи бериќет, климатските фактори најверојатно и во 2015 година ќе бидат Гордиев јазол за пчеларот, кој притиснат од непредвидливите и ненормални временски услови, мора да менува одредени техники, термини, пракси,… како да е недоволен само притисокот кој досега го правеа разните болести и штетници.

    А кога сме кај болестите и предаторите, 2015-та ќе биде вистински предизвик за македонскиот пчелар. На југ, Грците полека се мобилизираат затоа што веќе на пролет го очекуваат пристигнувањето на малата кошничка бубачка од Италија. Тамошните одговорни институции ги смируваат пчеларите со тврдењата дека грчката почва и тло се неповолни за развојниот циклус на бубачката и дека стручните служби имаат капацитет да се справат доколку овој паразит инвадира на грчко тло. Ова може да биде смирувачко и за нас, но што би се случило доколку бубачката навлезе и се прошири во Албанија, каде контролите и стручните служби им се на ниво пониско од нашите? Ништо посјајна не е состојбата од север. Азискиот стршлен лани веќе се спушти од Франција кон Италија и Словенија. На Балканов веќе имаше повеќе пчеларски пријави за забележани и уловени примероци од штетникот, кои поминаа без некоја голема фама. Оваа година се очекува и нашите пчелари да ги вкрстат копјата со азискиот стршлен. Ама како и за се друго, без стратегија, без институционален лидер, без координација.

    Да не ги заборавиме и административните сопки, со кои сè повеќе се стеснува просторот за пчеларење и наштетува на пчеларството. И покрај упатените барања од регистрираните репроцентри за производство на матици до неколку министерства и агенции, ништо од субвенционирањето на купени селектирани матици. Оваа поволна пракса, со која до пред неколку години пчеларите со матици набавени по субвенционирана цена ја унапредуваа производствената и здравствената состојба на своите пчеларници, веќе е заборав. Измените во Законот за придонеси и уште неколку закони, нејасни за многумина, па така и за земјоделците, а тука се и пчеларите, навестуваат дека ќе се „чепне“ и во пчеларските приходи. Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2015 година сеуште не е објавена, па да се надеваме дека во неа нема да има некое пчеларско „изненадување“.

    Но дека не е сè така црно во пчеларска Македонија и дека нашето пчеларство може да напредува, говорат неколку показатели. Медот од нашето поднебје, во Италија беше оценет како втор највкусен мед во светот. Субвенциите за презимено пчелно семејство, иако во последниве години ниски и неисплетени во неопходниот период од пчеларската сезона, сепак се исплаќаат во целост. Надоместоците за штетите направени од мечките, односно државата, навремено се исплаќаат и во сума која на пчеларот му нуди каква-таква сатисфакција. Новиот правилник за обележување и етикетирање на земјоделските производи за извоз и за продажба на национално ниво, можеби навестува унифицирање, ако не на амбалажата, барем на етикетите на пчелните производи. Неколку од многуте пчеларски здруженија активно работат, не само на локално ниво, туку и на регионално и меѓународно ниво, што е показател за амбициозноста и желбата за следење и фаќање чекор со новите техники, методи и начини на пчеларење во пчеларски развиените земји.

    2015-та ќе биде година на турбуленции во пчеларството, предизвици, пчеларски борби на повеќе фронтови. Да се надеваме дека трудољубивиот, вредниот и посветен македонски пчелар во сојуз со уште потрудољубивата македонска пчела на крај ќе слават победа. Ако во оваа алијанса, барем малку повеќе се вклучи и институционална поддршка, тимот би бил идеален.

  • Македонскиот мед на листата на ФЕЕДМ

    Македонскиот мед на листата на ФЕЕДМ

    [dropcap]Е[/dropcap]вропската федерација на пакувачи и дистрибутери на мед (ФЕЕДМ) го објави списокот на земји надвор од Европската Унија, од кои ќе може слободно да се увезува мед за потребите на граѓаните на ЕУ. На листата за оваа година се наоѓа и Република Македонија. Знаејќи дека ЕУ врши строг мониторинг и има поставено високи стандарди и критериуми во однос на земјите извознички на мед, можеме да бидеме сигурни дека македонските пчелари можат да се пофалат и гордеат со својот мед. Медот, кој во ЕУ доаѓа од земји кои не се членки на истата, мора да ги исполнува сите услови поврзани со законите за храна на ЕУ и целосно да се поклопува со директивите на Европската Комисија-директивата за мед 2001/110/EC и директивите за контаминација и резидуи во храната од животинско потекло 96/23/EC и 470/2009/EC. Доколку некоја земја направи било каква отстапка од истите, лесно може да ја изгуби привилегијата добиена од ЕУ и да биде избришана од списокот на ФЕЕДМ.