Ознака: мала кошничка бубачка

  • Пчеларите од Малта под закана на Aetina tumida?

    Пчеларите од Малта под закана на Aetina tumida?

    [dropcap]П[/dropcap]челарите од Малта се соочуваат со сериозен проблем во последниве неколку недели. Откако сопственикот на една италијанска компанија која се занимава со одгледување на матици, на еден од островите од малтешкиот архипелаг поставил околу 450 пчелни семејства, пчеларите се видно загрижени поради можната опасност од инвазија на малата кошничка бубачка во малтешките пчеларници.

    Ермано Де Чино, сопственикот на „Мелита Бис Лимитед“, на островот Гозо поставил 455 кошници со пчели кои ќе му служат за производство на матици за извоз. Според сопственикот, климатските услови кои ги нуди Малта се идеални за производство на матици, што е одлично за неговиот бизнис. Тој вели дека неговите кошници не се донесени од Сицилија и јужна Италија, каде постои заразеност со малата кошничка бубачка, туку се донесени од неговите пчеларници во северна Франција. Но пчеларите од Малта не му веруваат на Де Чино и тврдат дека неговите пчели се токму од регионите каде владее заразеноста со бубачката и дека на овој начин тој се обидува да ги спаси своите пчелни семејства. Неговата фирма е основана пред неколку месеци, токму кога на југот во Италија започна да се шири заразата со малата бубачка. Тие сметаат дека шарите и ознаките на донесените кошници се исти како оние кои пред некое време биле забележани на еден од неговите пчеларници во Италија, а камионите со кои кошниците се донесени до југот на Италија, а потоа на еден од малтешките острови, се премногу стари и не би можеле да извозат толкав голем пат од северот на Франција до јужна Италија. Дополнително пчеларите бараат и проверка на патните налози на возилата и товарот, но сопственикот на компанијата не им го дозволува тоа. Велат дека и товарот, односно кошниците, не биле соодветно заштитени како што според прописите би требало да бидат заштитени кошниците превезувани при толку долг пат. Бидејќи Европската Комисија воведе забрана за извоз и движење на пчелни семејства надвор од Италија, пчеларите од Малта сметаат дека ова е сериозен прекршок.

    Претседателот на пчеларскиот сојуз на Малта, Стефан Галеа вели дека доколку само една возрасна единка на малата кошничка бубачка или неколку нејзини ларви бидат внесени на територијата на Малта, тоа за оваа мала островска држава би имало катастрофални последици, не само по пчеларството, туку и по голем дел од растителниот свет, земјоделството и целата економија. Тој смета дека освен опасноста од зараза, донесените пчели од Италија сериозно ќе влијаат и ќе ја нарушат автохтоноста на малтешката автохтона пчела Apis mellifera ruttneri, која со вкрстување на увезените пчели би загубила дел од своите карактеристики кои се од големо значење за локалните пчелари.

    Од граничната полиција на Малта велат дека при контролата на траектот, сите документи биле во ред, но пчеларите велат дека ниедна кошница не била физички проверена. Пчеларите не ја сметаат за веродостојна и изјавата на домашните ветеринарни власти, во која се вели дека сите кошници биле чисти од било какви болести. Најавуваат дека сериозно ќе ја следат ситуацијата, а освен поттикнатата дебата во парламентот на Малта, претседателот на пчеларите, Стефан Галеа, најавува и заминување во Брисел, каде во дирекцијата за земјоделство на ЕУ ќе ја образложи заканата од малата кошничка бубачка и потенцијалната закана за хибридизација на малтешката автохтона пчела, опасности кои во неговата држава освен пчеларите, никој друг не ги смета за сериозни.

    Извор

  • Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    Алтернативни извори на храна на Aethina tumida

    [dropcap]З[/dropcap]а внесувањето на малата кошничка бубачка во Италија постојат неколку теории. Најчесто споменуваната е онаа дека паразитот е внесен преку нелегално внесување на пчели од Африка во Италија. Според некои, бубачката е внесена при транспорт на увезено овошје од северно-африканските земји. Оваа втора теорија и не е невозможна ако се знае дека при еден експеримент е покажано дека малата кошничка бубачка живее, се развива и размножува и при услови на отсуство и недостаток на пчелно саќе, пчелно легло и пчелни производи, односно на одредено овошје, на цветови богати со нектар, па дури и на месо во распаѓање. Иако медот, поленот и саќето со легло нудат и пружаат најдобри услови за развој на бубачката, тие не се есенцијални за нејзиниот опстанок. Бананата, мангото, грозјето и уште неколку слатки овошја, нудат добри услови за опстанок на бубачката, доколку се најде во ситуација да биде лишена од својата претпочитана и идеална животна средина.

    За потребите на експериментот, кој се изведувал на три локации, САД, Австралија и Јужноафриканска Република, возрасни единки и ларви на бубачката се ставени во пластични кутии во кои како медиум користени се парчиња банана, јагодки, парчиња саќе со полен и мед, говедско месо, грозје и манго. За испитување на способноста за опстанување на бубачката врз цветови и исхрана само со нивниот нектар и полен, користени се локални видови на медоносни растенија, сместени во саксии и населени со бубачки. Саксиите и цветовите се замотани во два слоја на мрежа, една покрупна и друга поситна.

    При мерење на резултатите, во различни супстрати забележани се разлики во повеќе параметри. Така, во супстратот од банана забележани се најголем број на снесени јајца и изведени ларви во споредба со саќето со мед и јагодите. Но во споредба со бројот на јајца и ларви во саќето со пчелно легло и јајца (најомилената средина на бубачката) во инфицирана кошница, бројката на јајца и ларви во примерокот со банана е значително ниска.  Во примерокот со месо како единствен извор на храна за бубачката, забележани се многу мал број на снесени јајца и изведени ларви. Најголема смртност на возрасни бубачки е забележана кај грозјето и бананата, додека најдолговечни биле бубачките сместени во средина со саќе со полен и мед и манго. Во супстратите од манго и пчелни производи, бубачките преживеале дури 26 денови. Што се однесува до преживувањето на бубачката врз цветовите, смртта која кај сите бубачки населени на цветовите настапила до 14 ден од експериментот, покажува дека цветниот нектар и полен не се соодветна храна за неа, а цветовите не се средина која бубачката ја претпочита.

    Ваквите сознанија покажуваат дека во отсуство на својата природна средина на паразитирање, малата кошничка бубачка преку алтернативни извори на храна и неприродни средини за нејзино размножување, успева да ја одржи својата популација за извесен временски период, сè до појавувањето на услови во кои може повторно нормално да паразитира. Можеби бројката на популацијата при алтернативното преживување значително ќе опадне, но и малиот број на возрасни единки при инвазија на едно пчелно семејство, за кусо време може да предизвика катастрофа на целиот пчеларник. Затоа, оваа способност за алтернативна исхрана на малата кошничка бубачка треба да се земе секогаш во предвид и истата сериозно да се разгледува.

  • Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    Aethina tumida досега уништи над 3600 пчелни семејства во Италија

    [dropcap]Д[/dropcap]о 11-ти декември 2014 година, поради заразеност со малата кошничка бубачка, на околу 60 пчеларници запалени и уништени се повеќе од 3600 пчелни семејства со што е направена штета процената на околу 1,5 милиони евра. Со овој радикален и непопуларен потег на италијанските власти не се сложуваат италијанските пчелари, кои револтирани сметаат дека само преку заедничка стратегија, а не со палење на пчелните семејства може да се дојде до решение на настанатата ситуација. Според пчеларите, бесплатните стапици за ловење на бубачката, во комбинација со соодветен хемиски третман и деконтаминирање на почвата околу пчеларникот, би резултирало со намалување и елиминирање на заразата. Револтот го зголеми и непостоечката одлука за обесштетување на уништените семејства, па пчеларите беа оставени сами на себе. Дури во последните денови од 2014 година, беше донесена одлука со која на пчеларите ќе им се исплаќа одреден надоместок за уништените семејства, почнувајќи од 80 до 120 евра за уништен нуклеус па нагоре.

    Мерката за палење на семејствата во кои ќе се најде барем една возрасна единка на малата кошничка бубачка ќе се спроведува до пролет, од кога би требало да се настапи со нова стратегија за борба против овој штетник.

  • 2015 година, пчеларско да се биде или не

    2015 година, пчеларско да се биде или не

    [dropcap]К[/dropcap]алендарски настапи и 2015 година. Ќе биде ли оваа година, во однос на пчеларството, нешто поразлична од изминатите неколку години? По се она што се случуваше кон крајот на 2014 година и по она што го навестува почетокот на 2015 година, шансите се 50:50.

    А што се случуваше во залезот на 2014-та. Лошиот медобер во 2014 навести дека трошоците на пчеларот за зазмување на пчелите и нивно успешно презимување и доведување во посакуваната форма во 2015 година, ќе бидат значително зголемени. Значителното покачување на цената на медот последниве неколку месеци, за жал, е приказна која кратко ќе трае.

    И покрај снегот, кој како и за сите земјоделци, па така и за пчеларите значи бериќет, климатските фактори најверојатно и во 2015 година ќе бидат Гордиев јазол за пчеларот, кој притиснат од непредвидливите и ненормални временски услови, мора да менува одредени техники, термини, пракси,… како да е недоволен само притисокот кој досега го правеа разните болести и штетници.

    А кога сме кај болестите и предаторите, 2015-та ќе биде вистински предизвик за македонскиот пчелар. На југ, Грците полека се мобилизираат затоа што веќе на пролет го очекуваат пристигнувањето на малата кошничка бубачка од Италија. Тамошните одговорни институции ги смируваат пчеларите со тврдењата дека грчката почва и тло се неповолни за развојниот циклус на бубачката и дека стручните служби имаат капацитет да се справат доколку овој паразит инвадира на грчко тло. Ова може да биде смирувачко и за нас, но што би се случило доколку бубачката навлезе и се прошири во Албанија, каде контролите и стручните служби им се на ниво пониско од нашите? Ништо посјајна не е состојбата од север. Азискиот стршлен лани веќе се спушти од Франција кон Италија и Словенија. На Балканов веќе имаше повеќе пчеларски пријави за забележани и уловени примероци од штетникот, кои поминаа без некоја голема фама. Оваа година се очекува и нашите пчелари да ги вкрстат копјата со азискиот стршлен. Ама како и за се друго, без стратегија, без институционален лидер, без координација.

    Да не ги заборавиме и административните сопки, со кои сè повеќе се стеснува просторот за пчеларење и наштетува на пчеларството. И покрај упатените барања од регистрираните репроцентри за производство на матици до неколку министерства и агенции, ништо од субвенционирањето на купени селектирани матици. Оваа поволна пракса, со која до пред неколку години пчеларите со матици набавени по субвенционирана цена ја унапредуваа производствената и здравствената состојба на своите пчеларници, веќе е заборав. Измените во Законот за придонеси и уште неколку закони, нејасни за многумина, па така и за земјоделците, а тука се и пчеларите, навестуваат дека ќе се „чепне“ и во пчеларските приходи. Годишната Наредба за здравствена заштита на животните за 2015 година сеуште не е објавена, па да се надеваме дека во неа нема да има некое пчеларско „изненадување“.

    Но дека не е сè така црно во пчеларска Македонија и дека нашето пчеларство може да напредува, говорат неколку показатели. Медот од нашето поднебје, во Италија беше оценет како втор највкусен мед во светот. Субвенциите за презимено пчелно семејство, иако во последниве години ниски и неисплетени во неопходниот период од пчеларската сезона, сепак се исплаќаат во целост. Надоместоците за штетите направени од мечките, односно државата, навремено се исплаќаат и во сума која на пчеларот му нуди каква-таква сатисфакција. Новиот правилник за обележување и етикетирање на земјоделските производи за извоз и за продажба на национално ниво, можеби навестува унифицирање, ако не на амбалажата, барем на етикетите на пчелните производи. Неколку од многуте пчеларски здруженија активно работат, не само на локално ниво, туку и на регионално и меѓународно ниво, што е показател за амбициозноста и желбата за следење и фаќање чекор со новите техники, методи и начини на пчеларење во пчеларски развиените земји.

    2015-та ќе биде година на турбуленции во пчеларството, предизвици, пчеларски борби на повеќе фронтови. Да се надеваме дека трудољубивиот, вредниот и посветен македонски пчелар во сојуз со уште потрудољубивата македонска пчела на крај ќе слават победа. Ако во оваа алијанса, барем малку повеќе се вклучи и институционална поддршка, тимот би бил идеален.

  • Малата кошничка бубачка (Aethina tumida) сè повеќе се шири во Италија.

    Малата кошничка бубачка (Aethina tumida) сè повеќе се шири во Италија.

    [dropcap]М[/dropcap]алата кошничка бубачка (Aethina tumida), навлегува сè подлабоко на територијата на Италија. Ситуацијата со заразата е сериозно сфатена од сите тамошни надлежни органи и деноноќно се следат сите промени поврзани со овој штетник на пчелните семејства. Овие мерки, кои ги спроведуваат италијанските пчелари и одговорни служби, се од големо значење за целиот регион. Доколку се направи и најмал пропуст и италијанските власти дозволат ширење на бубачката, тоа би било сериозен проблем за европското пчеларство. Поради географската близина и во нашата држава постои сериозна опасност од ширење на заразата.

    Мерките, стратегијата и насоките превземени од италијанските власти за спречување на ширење на заразата, а презентирани од Д-р Франко Мутинели од Националната лабораторија за пчеларство при Универзитетот во Венеција, можете да ги погледнете на официјалната страна на Македонското здружение за заштита на македонската автохтона медоносна пчела (Apis mellifera macedonica).

    Превземено од macbee.org.