Пчеларите од Малта под закана на Aetina tumida?

Пчеларите од Малта се соочуваат со сериозен проблем во последниве неколку недели. Откако сопственикот на една италијанска компанија која се занимава со одгледување на матици, на еден од островите од малтешкиот архипелаг поставил околу 450 пчелни семејства, пчеларите се видно загрижени поради можната опасност од инвазија на малата кошничка бубачка во малтешките пчеларници.

Ермано Де Чино, сопственикот на „Мелита Бис Лимитед“, на островот Гозо поставил 455 кошници со пчели кои ќе му служат за производство на матици за извоз. Според сопственикот, климатските услови кои ги нуди Малта се идеални за производство на матици, што е одлично за неговиот бизнис. Тој вели дека неговите кошници не се донесени од Сицилија и јужна Италија, каде постои заразеност со малата кошничка бубачка, туку се донесени од неговите пчеларници во северна Франција. Но пчеларите од Малта не му веруваат на Де Чино и тврдат дека неговите пчели се токму од регионите каде владее заразеноста со бубачката и дека на овој начин тој се обидува да ги спаси своите пчелни семејства. Неговата фирма е основана пред неколку месеци, токму кога на југот во Италија започна да се шири заразата со малата бубачка. Тие сметаат дека шарите и ознаките на донесените кошници се исти како оние кои пред некое време биле забележани на еден од неговите пчеларници во Италија, а камионите со кои кошниците се донесени до југот на Италија, а потоа на еден од малтешките острови, се премногу стари и не би можеле да извозат толкав голем пат од северот на Франција до јужна Италија. Дополнително пчеларите бараат и проверка на патните налози на возилата и товарот, но сопственикот на компанијата не им го дозволува тоа. Велат дека и товарот, односно кошниците, не биле соодветно заштитени како што според прописите би требало да бидат заштитени кошниците превезувани при толку долг пат. Бидејќи Европската Комисија воведе забрана за извоз и движење на пчелни семејства надвор од Италија, пчеларите од Малта сметаат дека ова е сериозен прекршок.

Претседателот на пчеларскиот сојуз на Малта, Стефан Галеа вели дека доколку само една возрасна единка на малата кошничка бубачка или неколку нејзини ларви бидат внесени на територијата на Малта, тоа за оваа мала островска држава би имало катастрофални последици, не само по пчеларството, туку и по голем дел од растителниот свет, земјоделството и целата економија. Тој смета дека освен опасноста од зараза, донесените пчели од Италија сериозно ќе влијаат и ќе ја нарушат автохтоноста на малтешката автохтона пчела Apis mellifera ruttneri, која со вкрстување на увезените пчели би загубила дел од своите карактеристики кои се од големо значење за локалните пчелари.

Од граничната полиција на Малта велат дека при контролата на траектот, сите документи биле во ред, но пчеларите велат дека ниедна кошница не била физички проверена. Пчеларите не ја сметаат за веродостојна и изјавата на домашните ветеринарни власти, во која се вели дека сите кошници биле чисти од било какви болести. Најавуваат дека сериозно ќе ја следат ситуацијата, а освен поттикнатата дебата во парламентот на Малта, претседателот на пчеларите, Стефан Галеа, најавува и заминување во Брисел, каде во дирекцијата за земјоделство на ЕУ ќе ја образложи заканата од малата кошничка бубачка и потенцијалната закана за хибридизација на малтешката автохтона пчела, опасности кои во неговата држава освен пчеларите, никој друг не ги смета за сериозни.

Извор

Cheap Live Sex

За Горан Алексовски

Дипломиран земјоделски инженер, хоби пчелар и вљубеник во пчеларството и природата. Пчелари во околината на Скопје со неколку типови на кошници. Постојано отворен за нови знаења и сознанија од светот на пчелите.